October 19, 2021, 4:36 pm

Koлyмнa нa Ристо Никовски: Бeзбeднocнa кoнфepeнција во Москва

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

На 23 и 24 јуни, беше одржана 9-тата Московска конференција за меѓународна безбедност. Учествуваа преку 700 претставници од 109 земји, од сите континенти, меѓу кои и 55 министри за одбрана. За жал, конференцијата беше бојкотирана од западните “демократии“ кои се’ уште спроведуваат некакви санкции против Русија. Меѓу нив беше и Македонија бидејќи никој од поканетите официјални лица не отиде. Имале поважни работи иако е поверојатно дека не сакале да се замерат на нашите американски “партнери“ кои неуморно работаат на дефинитивно затворање на “Македонското прашање“. Моментално, преку Бугарија.

Датумите за конференцијата воопшто не беа случајно избрани. На 22 јуни се навршија точно 80 години од нападот на нацистичка Германија врз Советскиот сојуз. Тогаш започна планот “Барбароса“ со кој требаше да се покори СССР а со тоа, практично, и светот. Неспорен факт е дека поразот кој таму го доживееја фашистите – беше клучен за нив. Кога се анализира од денешен аспект, силен е впечатокот дека доколку СССР не беше спремен да се бори до последниот човек, сериозна е веројатноста дека Хитлер ќе излезеше како победник од Втората светска војна. Можеме само да замислиме каква ќе изгледаше историјата на светот, по една таква катастрофа. Иако има разни податоци, сосема е извесно дека преку 20 милиони советски граѓани ги загубија животите во тој воен пекол. Не е неважно дали бројката била 25 милиони или повеќе но суштината е дека овие жртви се залогот на победата над фашизмот. Се разбира дека не треба да се потцени придонесот на кој било сојузник во долгата војна, ама ова се голи факти за главниот придонес. При тоа, мора да се издвои и отпорот во тогашна Југославија каде беше и првата слободна зона во Европа, наречена Ужичка Република. Има аргументирани анализи кои тврдат дека доколку Германија немаше ангажирано големи сили за да го скрши отпорот во Југославија, “Барбароса“ ќе беше започната уште во март 1941, а не на крајот од јуни. Останува отворено прашањето – дали во таков случај, пред да фати зимата, фашистичката армада ќе стигнеше веќе до Владивосток, на крајниот исток? Ако дојдеше до тоа, советската победа ќе беше многу потешка ако не и невозможна. При тоа, мора да се наведе и еден малку познат факт. На 8 септември 1941 година паднал првиот снег во Москва. Никогаш пред тоа, зимата не дошла толку рано. Германците биле со летна опрема и тоа многу влијаело на нивните операции. Иако комунистите не беа религиозни, овој момент може да се третира како – “Божја помош“ во праведната кауза.

И претседателот Путин, кој ја отвори конференцијата, и сите други руски учесници, со врвен пиетет ги спомнуваа сопствените жртви на фашизмот, без кои победата ќе беше невозможна. Во нивните настапи се нагласуваше потребата од најширока меѓународна соработка заради спречување на слични цивилизациски катастрофи. Впрочем, тема на конференцијата беа клучните и критичните прашања на современата светска воено – политичка агенда. Целта беше да се покаже дека без зајакната безбедност, не е можен понатамошен развој на нашата цивилизација. Заложбата се сведуваше на инсистирање да се бараат заеднички одговори на предизвиците со кои е соочен светот, без непотребни поделби. Речиси едногласно, на конференцијата беше оценето дека: геополитичките процеси стануваат се поопасни, загрозувајќи ги мирот и стабилноста; меѓународното право се помалку се почитува; се’ почести се обидите со сила да се реализираат сопствените интереси; меѓународниот тероризам и понатака е сериозна закана; оружјето за масовно уништување неконтролирано се шири; преку граничниот криминалот забрзано расте; трговијата со дрога продолжува да цвета… И, што е најтрагично, ова се само дел од предизвиците со кои се соочува светот и на чие надминување не се работи на организиран и систематски начин. Напротив, негативните тенденции се’ повеќе доаѓаат до израз и се шират. Во тој контекст, нагласено внимание беше посветено и на борбата против пандемијата.

Иако на конференцијата не беше посебно нагласено, бројни се индикаторите дека студената војна се врати, дека останува и ќе се заострува. Агресивните американски политики против Русија и Кина не се ништо друго туку нова сериозна и долгорочна конфронтација. Освен во услови на војна, во дипломатијата е крајно невообичаено на било какви средби да се критикува или напаѓа трета земја, која не е присутна или поканета. Во такви прилики, уште по незамисливо е да се бара поддршка или дури и сојуз против некој друг. Токму така се однесуваат САД последниве години, кога секаде отворено заговараат непријателство против спомнатите две земји. Директно се напаѓа се’ што тие преземаат, дури и неспорни економски иницијативи, како што е на пример кинеската “појас и пат“. Тој факт најдобро ја прикажува сегашната светска политичка сцена во која САД се обидуваат со сите средства, во голем дел недозволени, да ја задржат својата униполарна доминација на светот. Една од нивните најголеми жртви е и Македонија која, од непознати за нас причини, не се вклопува во нивните визии и планови за иднината на Балканот. Врз таа основа, веќе 30 години, Вашингтон неуморно работи на затворање на “Македонското прашање“, со разнебитување на Македонците како народ.

Штета што никој од македонските политичари не се осмели да ја прифати руската покана за конференцијата, со цел да го запознае светот со голготите низ кои врви Македонија, како жртва на туѓи интереси, кои се дијаметрално спротивни на Повелбата (Уставот) на ООН и на меѓународното право во целина. Авторот на овие редови, приложи свое видување на меѓународната ситуација со инсистирање за брзи промени во правец на нејзина вистинска демократизација, кога ќе одлучува мнозинството на земји, без доминација на една или неколку од нив. Само така ќе можат да се одбранат и легитимните права на малите држави и народи, какви што се македонската и Македонците. Останува надежта дека прилогот ќе биде објавен во документите на конференцијата иако е тоа само мал крик во бескрајната пустина, кој никој не го слуша. Во меѓувреме, без сомнение, силните и богатите ќе продолжат бескомпромисно да ги наметнуваат своите интереси, се’ додека не се создаде критична маса за неизбежни промени.

Се’ додека малите и сиромашните молчат, ќе продолжи доминацијата на аргументот на силата, место обратно. Ќе ги слушаме и бескрајните политички манипулации за некакви демократија и човекови права. Тоа беа и остануваат само приказни за мали деца. Се’ додека 30, 50 или 100 луѓе, сеедно колку, располагаат со 30 или 50 проценти од светското богатство, светот ќе се врти во маѓепсан круг. Од престојот во Москва заслужува внимание и посетата на делегатите на Патриотскиот парк на руските воени сили, кој е на 70-тина километри од Москва, во правец на Смоленск. Во паркот има импресивен воен Музеј исто така посветен на Втората светска војна а таму е и Главниот храм на руските воени сили, посветен на 75 годишнината од победата над фашизмот, отворен минатата година. Нешто повеличествено од храмот, не е видено. Изграден е во монументален стил, со современи архитектонски решенија, уникатни во градењето на цркви. Користени се првокласни ама невообичаени материјали како метал, керамика, емајл, извонредни стаклени мозаици… Всушност, со скапоцени мозаици се покриени сите внатрешни површини. Собира 6.000 гости. Висок е 75 метри како симбол на годишнината. Ако нашите црковни лица не го посетиле овој храм, тоа треба без друго да го направат при следната посета на Русија.

Пишува, Ристо Никовски.

Latest News

Еврокомесарот Вархеји против одвојување на Македонија и Албанија

Еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, изјави дека работи до декември да се одржи првата Меѓувладина конференција со Македонија заедно...

More Articles Like This