Koлyмнa нa Ристо Никовски: „Вapхеј e aпcoлyтнo вo пpaвo“

Поврзано

- Advertisement -
  • Кој е денеска главниот проблем на Македонија?
  • Бугарската блокада на нејзината интеграција во ЕУ.
  • Врз основа на што се базира ваквата бугарска политика?
  • Коренот на таа политика е Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу двете земји, потпишан на 1 август 2017 година.
  • Дали тоа значи дека ако не беше договорот, Софија немаше да има основа да ја блокира и да ја уценува Македонија на патот кон ЕУ?
  • Точно така. Нивните историски синдроми во однос на Македонија се долгогодишни ама немаше да имаат конкретна муниција, поточно практични “аргументи“, за да пукаат врз нас и да не блокираат, ако не беше договорот за пријателство.
  • Ако е така, зошто Македонија не го откажува договорот?

Зошто не презема ништо за да ја натера Софија да ја промени својата позиција? Зошто не се одговори на нивниот ткн. “отворен меморандум“, кој беше преполн со небулози, лаги и измислици? Ако веќе се премолчуваа секојдневните, полни со закани, дрдорења на бугарските врвни политичари, зошто се игнорираше пишан документ, дистрибуиран низ цела Европа и пошироко? Нели е тоа неразумно? Така, оставаш впечаток дека се сложуваш со монструозните манипулации и дека немаш факти за да ги побиеш. Впрочем, ако веќе Договорот за пријателство… не отвора најшироки можности за соработка, зошто се дозволува тој да биде основа за непријателско делување и агресија кон Македонија?…

– На овие и многу други логични прашања, македонската страна засега нема одговори иако тие се наметнуваат сами по себе.

1. Накусо, тоа е генезата или дијагнозата на нашата сегашна безизлезна ситуација. По обичај, терапија – нема. Има само повремено празно “вревење“, како деновиве во Брисел, кога премиерот се “колнел“ дека идентитетот и јазикот ни биле свети и дека за нив не може да се преговара. Според “Нова Македонија“, од 11/05/2021, рекол – “македонскиот јазик и идентитет, наметнати како прашање од Бугарија, воопшто не смеат да бидат тема на разговорите и ангажманот на Брисел и дека Македонија единствено така ќе продолжи да разговара за нејзината европска иднина“. И додал – “Македонскиот идентитет, освен што е прашање на гордост, тоа е и прашање на факти, наука, традиција и национално обележје на нашиот народ. Тој не е и нема да биде предмет на преговори…“. Ова убаво звучи ама треба да и се каже на Софија, а не во Брисел. Со Бугарија, пак, со наша согласност, и идентитетот и јазикот предолго време се на масата за преговори и ние со прст не сме мрднале тоа да се промени.

Ова е само дел од нашата трагедија. Следете понатака.

Само пет дена пред тоа, на 06/05/2021, “Слободен печат“ пишува дека премиерот навестил дека е подготвен за преговори со Бугарија, во име на европската иднина, при што рекол – “Бугарија признава и кажува дека тие немаат проблеми со македонскиот јазик и македонскиот народ, но ајде велат, да ги утврдиме корењата. Ќе ги најдеме и корењата, ако бидеме паметни, на европски начин…“.

Ајде, сега, ве молам, фатете го крајот. Во Брисел премиерот вели дека – “македонскиот јазик и идентитет, биле наметнати како прашање од Бугарија“ а пред тоа, во Скопје, тврди дека Бугарија нема проблеми со македонскиот јазик и народ! Што е тука точно? Кој има проблем со нашиот јазик и идентитет? Софија? Или, Брисел? Бидете сигурни дека во Унијата внимателно се следат сите  наши изјави и потези и, на крајот – што можат тие да мислат за нас и нашите политики кон Бугарија? Ништо друго освен дека не знаеме што сакаме. Дека има невидена какофонија. Впрочем, како  замислува премиерот дека треба или можеме токму со Бугарите да ги “утврдиме нашите корени“? Макар и на европски начин? Пред се’, зошто со нив? Таа идеја е надвор од умот. Впрочем, Бугарија веќе ни ги утврди корењата и ние треба само да ги прифатиме. Тоа е проблемот, кој воопшто не е случаен. Еве и зошто.

Според порталот мкд.мк, од 22/03/2021, тогашната бугарска МНР, Захариева, за германскиот “The European”, изјавила дека – “Заев прифатил дека македонскиот идентитет постои од АСНОМ во 1944 година“ и дека – “Гоце Делчев и сите илинденци биле македонски Бугари… и дека никако не се Македонци“. Нагласила – “Бугарија нема да дозволи влез на Македонија во ЕУ, се’ додека не се испорача се’ што е ветено кога се потпишуваше договорот за пријателство…“. Веројатно, тука се крие причината за нашите дијаметрално спротивни изјави. Се прави обид да се одбегнат преземените обврски кои се погубни за македонскиот народ.

2. Горните примери покажуваат дека практично не постои нешто што би се нарекло македонска надворешна политика. Напротив, се спроведуваат политики кои се крајно контрапродуктивни и сосема неразбирливи. Ги реализираат луѓе кои се спремни на капитулација а во процесот има инволвирани и Албанци, меѓу кои и МНР, Османи, кои сега веќе отворено работаат за туѓи интереси (Груби: “Косовското прашање за нас е приоритет“, мкд.мк, од 19/03/2021). Тие се поддржани ама и раководени од странски фактор кој веќе 30 години има јасно дефинирана цел – разнебитување на македонскиот народ.

3. Проблемот со Бугарија мораме да го решиме сами. Отворената војна која ја водат против Македонија, мораме ние да ја спречиме. Тоа ќе биде тешко и заради дадени ветувања, за што Софија секако има доволно и докази и сведоци. ЕУ не е таа што треба да ги реши работите. Тие нема да се мешаат иако нашиве аматери се надеваат токму на такво нешто. Тоа е незамисливо. Пораката од сите нејзини центри е еднаква – решете го проблемот со Софија и преговорите веднаш ќе започнат. Сите налудничави лелекања во Брисел и другите центри само ја демонстрираат нашата некомпетентност. Самите сме се довеле во безизлезна позиција а сакаме некој друг да не вади од калта. Ние треба да бараме само поддршка, и од Брисел и од членките, преку соодветна осуда на бугарските фантазмагории, што претходно мора соодветно да се документира со факти и аргументи. Така, најдобро ќе ја зајакнеме нашата позиција. Терапијата се прави врз болниот, а тоа е Бугарија а не на други места. А неа, ние ја чуваме како очите во главата. За да не ги вознемириме, соодветно не ја одбележавме годишнината од смртта на Гоце Делчев; веќе две години не ги доделуваме годишните награди за наука кои го носат неговото име… Им се извинивме што јавно се спомна дека Илинденското востание е македонско… Со нашето апсурдно однесување, постојано ја зајакнуваме позицијата на Софија и максимално ги поддржуваме нивните непријателства против нас. И кој ни е крив? Брисел и Вархеи. Чиста глупост.

4. Повеќе од 10-тина години, Бугарија вршеше притисоци и уценуваше да се потпише договорот за пријателство бидејќи беше свесна дека со намерно вметнатите елементи (заедничка историја и јазик според Уставот), најлесно ќе не сотре. Токму за таа цел, со помош на САД, тие во договорот ги внесоа овие за нас погубни клаузули бидејќи “заедничката историја“ може да биде само бугарска, а ако јазикот е “според Уставот“, тој не е автохтон туку може да биде само дијалект на бугарскиот. Така најлесно завршува вековната приказна за македонизмот. Откако такви будалштини потпишаа нашите “политичари“ во договорот, Софија сега може и веќе прави – што сака. Кој знае дали и сега нашите аматери разбираат какви недоветности дозволија да влезат во договорот? Впрочем, истото ни се случуваше и со Охридскиот рамковен договор, и со тој од Преспа, и со законот за албанскиот јазик… со кои постепено се докусуруваше државата. Објективно, во даденава ситуација, МАКЕДОНИЈА НЕМА ДРУГ ИЗЛЕЗ ОТКОЛКУ ВЕДНАШ ДА ГО ОТКАЖЕ ДОГОВОРОТ. Претходно, од тактички причини, на Софија треба да и се предложи без одлагање ќе ги прекине блокадата и уцената и да се обврзе дека нема да не попречува во преговорите за членство во ЕУ, доколку сака да опстане договорот. Треба да им се даде последна шанса иако нивното одбивање е сосема извесно. Неспорно е дека сите заинтересирани фактори (ЕУ, САД…) жестоко ќе се залагаат тоа да не се случи ама во таа ситуација ние ќе го водиме орото и ќе диктираме што и како треба да се прави. Иницијативата ќе биде во наши раце и ние ќе поставуваме услови. Нашата позиција ќе биде максимално силна и во такви услови ќе се бара решение и со Бугарија. Нашите голготи околу зачленувањето во ЕУ ќе продолжат, бидејќи е тоа процес од најмалку 15 години, ама сами ќе је водиме играта и нема да бидеме нечии приврзок. Тогаш и шансите ќе ни бидат поголеми бидејќи главен аргумент на Софија сега е договорот а Брисел има разбирање кога Бугарија тврди дека истиот не се почитува од наша страна. Клаузулите за “заедничката историја“ и “уставниот јазик“, даваат реална можност да бидеме малтретирани дури и масакрирани.

5. Пендаровски даде добра дефиниција дека Бугарија треба да одбере дали нејзините проблеми со Македонија се од историски или политички карактер? Ако се од историски, како што се, тие не можат да бидат пречка за нашите преговори со ЕУ. Во Унијата не се расправа за историски прашања. На бугарските безумности, дека македонскиот народ постои од 1944 година, ние имаме уште посилен одговор кој ги матира овие нивни ментални девијации. Софија треба да се праша – зар е можно преку 150 и речиси 200 години на светската сцена да имало “Македонско прашање“, без да имало Македонци? Зарем светските политичари толку долго третирале виртуелна тема? Треба да се цитира најголемиот британски политичар на 19 век, Вилијам Гледстон (четири пати премиер), кој рекол – зошто не Македонија на Македонците, Србија на Србите и Бугарија на Бугарите. Македонија и Македонците не случајно ги спомнал први. Ако веќе за него имало Македонци некаде во средината на 19 век, кај ли се изгубиле тие цел еден век, за Софија повторно да ги открие дури во 1944, на АСНОМ?

Бугарија нема одговори на овие неспорни факти. Сите нивни измислени теории и историски синдроми, истите ги фрлаат во вода. Само што некој треба да им го плесне тоа во лице, место да ветува што не треба и не смее. 6. Во земјава се крена голема врева околу изјавата на Вархеи дека е многу веројатно дека Албанија нема да ја чека Македонија и дека пред нас ќе ги започнат преговорите. Изгледа дека и во Брисел сме правеле проблеми околу тоа. Прво, срамно е да бараме Тирана да не чека. Второ, за тоа одлучува Брисел. Трето, Вархеи е апсолутно во право за тоа што го вели. Ако ние и понатака се однесуваме индолентно и неодговорно, блокадата може да трае со години. Во такви услови, Брисел може да тактизира уште година до година и пол и потоа ќе мора да ги отвори вратите за Албанија. Четврто, нормално е што другите функционери во Брисел инсистираат дека двете земји треба да продолжат заедно бидејќи е таква нивната сегашна политика. Нив не ги интересира што ќе биде потоа. Петто, Вархеи е задолжен за проширувањето и е должен да мисли на подолг рок. Затоа, тој ги најави модалитетите кои за релативно кусо време можат да бидат реалност за сите. Нема никакво место за приговор бидејќи тој не вели кога ќе се случи тоа, не се заканува со некаков термин, туку само не опоменува и за тоа треба да сме му благодарни.

– Пишува, Ристо Никовски.

2 КОМЕНТАРИ

Latest News

Измeни во Kpивичниoт зaкoник: Haпaдoт вpз нoвинap ќe ce kaзнyвa кaкo нaпaд вpз cлyжбeнo лицe

Бојан Маричиќ, министерот за правда на дискусијата за заштита на новинарите, организирана од Шведската амбасада, изјави дека приоритет на...

More Articles Like This