December 9, 2021, 8:19 am

Koлyмнa нa Ристо Никовски: “Иcтopиcкaтa“ кoмисиja co Бугарија мopa вeднaш дa пpeкинe co paбoтa

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

Член 8, став 2, од “Договорот за (не)пријателство, (не)добрососедство и (не)соработка меѓу Македонија и Бугарија“, гласи: “… со цел продлабочување на заемната доверба, двете договорни страни ќе формираат ‘Заедничка мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања’, на паритетна основа, за да придонесе за објективно и засновано на автентични и докази засновани на историски извори, научно толкување на историските настани. Комисијата ќе поднесува едногодишен извештај за својата работа пред владите на договорните страни“.

Прво, Македонија нема никаков интерес за ваква комисија. Тоа значи дека таа ни е наметната како едностран интерес на Бугарија (и на тие што се кријат зад неа). Намерите се речиси очигледни: да се поткопа и поништи македонската историја која, според преамбулата на договорот, е заедничка, што само може да значи – бугарска. А, да потпишеш дека имаш заедничка историја со сосед кој смета дека нема ниту Македонци, ниту македонски јазик, е директна смртна пресуда за македонизмот. Поинакво објаснување – нема. Второ, копањето во историите на Македонија и Бугарија не може никако да ја “продлабочува заемната доверба“, туку само да го избрише постоењето на Македонците како посебен народ. Во меѓувреме, целосно се потврди дека целта е Македонците постепено да се претопуваат во Бугари. Трето, во текстот не се спомнуваат никакви “јазични прашања“, а македонскиот јазик е целосно деградиран со формулацијата со која е потпишан договорот – дека е “според Уставот на земјата“. Сме прифатиле дека македонскиот јазик не е автохтон и затоа неговото бришење е сега главна тема на бугарските фантазмагории. Четврто, нема рок до кога Комисијата треба да ја заврши работата, што е нормално и логично во слични ситуации. Таа треба да поднесува годишни извештаи, што потврдува дека нејзината работа треба да биде долгорочна. Според тоа, нема никаква основа сегашното бугарско форсирање за брзи резултати. За нив, меѓутоа, тоа е клучно бидејќи ако сега не ги реализираат своите историски синдроми и безумности спрема Македонија, кога можат да не уценуваат со преговорите за членство во ЕУ, таква шанса веќе никогаш нема да имаат. Сето тоа е прецизно испланирано од нивните американски партнери. Жалосно е што нашето МНР го прифаќа и поддржува бугарското инсистирање на брзи резултати од Комисијата, што е директно на наша штета бидејќи се стимулира наша капитулација. Петто, ако со сегашното агресивно и налудничаво бугарско однесување во Комисијата “се продлабочува меѓусебната доверба“, тогаш како и врз основа на што започнуваат оружените судири?   

Клучно е да се констатира дека нашето прифаќање на ваква комисија со Бугарија, а потоа и со Грција, се наши историски грешки за кои еден ден некој ќе мора да одговара. Јасно е дека комисијата не ја измислија ниту Софија, ниту Атина, туку Вашингтон, ама тоа не е никакво оправдување за тие што се сложиле да се понижува државата Македонија. Не треба да биде спорно дека двете комисии се извонредни алатки за софистицирано бришење на корените на македонизмот. Објективни капацитети да испланираат такво нешто немаат ниту Бугарија, ниту Грција. Ваквите механизми се клучни закани за Македонија. Затоа, крајно време е одлучно да реагираме и да го прекинеме овој циркус. Во спротивно, на меѓународната политичка сцена ќе продолжиме да изгледаме како заскитани инфериорни аматери.

Оставката на проф. Ванчо Ѓорѓиев, од нашиот дел од Комисијата, би требало да биде само добар пример за почеток на промена на нашиот капитулантски однос кон нејзината бесмисленост. Чинам дека тоа е втора оставка. За првата не беа изнесени причини освен што МНР Османи, претходно, излезе со барање дека во Комисијата мора (или треба?) да има Албанец. Таков тој и постави. Како што беше објавено, неговата историска специјалност немаше блага врска со темите на Комисијата ама, како и во многу други прилики, најважно беше што е Албанец. Ако еден од седумте наши членови е неупотреблив, тоа е сериозен хендикеп.

Нема никаква основа да не му се верува на историчарот Ѓорѓиев за притисокот на кој бил изложен. Треба да си многу наивен за да не веруваш дека такво нешто имало и до сега и тоа преку разни канали и начини. Премногу е евидентна спремноста на политичкиот врв во државава да се дадат сите потребни концесии на Бугарија, само за да почнат преговорите за членство. Тоа е погубна политика, на која цело време игра сегашната власт. За Софија, пак, Комисијата ја доби клучната улога за бришење на корените на македонскиот народ. Полесен начин за нив – нема. Затоа, ние сме на потег. За да се прогласи како бесмислена работата на Комисијата, сите потребни аргументи веќе ни ги дала другата страна.

Прво, декларацијата на бугарското Собрание, којашто е врвен официјален државен политички документ, ја дефинира нивната политика спрема Македонија, и ги прецизира сите, за нив релевантни историски “вистини“, измислени уште во времето на комунистичкиот диктатор Тодор Живков. Во неа е јасно кажано дека се’ до 1944 година немало ниту Македонци, ниту македонски јазик. Тогаш, Тито ги “измислил“ Македонците, коишто за Софија секогаш биле Бугари кои зборувале бугарски јазик! Поголема глупост не може да се замисли ама тоа се официјални бугарски ИСТОРИСКИ рамки, политички дефинирани, што значи дека во нив нема никаква наука. Нивниот дел од Комисијата, истите мора безрезервно да ги почитува. На тој начин, не е оставен никаков маневарски простор за било какво преговарање бидејќи својата позиција Софија ја спакува во јасна уцена – земи или остави, “поддржана“ со блокада во ЕУ. И само овој факт е доволен за целосен прекин на работата на Комисијата. Ако другата страна спроведува државна политика со која дефинитивно не прифаќа дека постоиме како одвоен народ, со сопствена меморија и историја, тогаш за што може да се разговара? За каква историја? Освен, да се прифати дека сме биле Бугари и сме зборувале бугарски јазик, ама во 1944 сме се премислиле и сега (привремено?) изигруваме нешто друго. Додека не се освестиме што сме. Бугарската позиција е чиста политика којашто не остава никаков простор за било какви разговори, преговори, договори, компромиси, решенија… Нашите историчари разговараат со претставници на Политбирото на Бугарската комунистичка партија, останати од времето на Живков.

Бугарија отиде и чекор подалеку: во вид на Меморандум, декларацијата е испратена до членките на Унијата и до целиот свет. Македонија не реагираше. Тоа е незамислива и необјаснива неодговорност. Молчењето може да значи само согласност.

Второ, Комисијата договорила заедничко чествување на Светите браќа Кирил и Методи, како сесловенски просветители. Тоа е наша сериозна отстапка, кога се знае дека Руската Федерација, како најрелевантен словенски фактор, цени дека тие биле Македонци, од околината на Солун. Тоа јавно го изјави претседателот Путин а, многу порано, лично ми го кажа и претходниот рускиот патријарх, сега покоен, Алексиј Втори. Тој изрази чудење зошто ние не го користиме повеќе и понагласено тој неспорен факт. Приказната, меѓутоа, не завршува тука. Откако беше постигната согласност за заедничко чествување, бугарската страна започна официјална државна процедура, којашто е сега малку прикочена во нивното Собрание, за прогласување на Светите браќа за – бугарски просветители!? Си играат мајтап со нас. Утре ќе треба заедно да ги чествуваме нивните просветители! Сите како Бугари! И овој факт е доволен да се прекинат активностите на Комисијата.

Трето, пред некое време, еден од членовите на нивниот дел  изјави дека нашата земја е како Северна Кореја. И ова е повод да се бара или негово исфрлање од Комисијата или прекин на работата…

Доколку Македонија сака да останат отворени нејзините аспирации за членство во Унијата, треба што поскоро да го откаже  договорот за (не)пријателство со Бугарија. Софија не остави никаков маневарски простор да се откаже од своите безумни и бесмислени ултиматуми и уцени спрема Македонија. Очигледно е дека не е возможен никаков,и минимално прифатлив, компромис за нас. Ако не се оди на радикално расчистување на меѓусебните односи, и одлучно прекинување на злоупотребите кои Софија ги прави со договорот и непријателствата коишто на таа основа се генерираат таму, ние никогаш нема да стигнеме до Брисел. Бугарската блокада која сега се однесува на почетокот на преговорите, ќе се мултиплицира кога истите ќе започнат и секое поглавје (од 35) ќе биде наша нова и непремостлива голгота. Впрочем, Унијата уште многу долго нема да се проширува, во прашање се можеби и цели 30 години, и тоа ни остава доволно време на принципиелен и реципрочен начин да ги средиме односите со Софија. Не може тие да бараат измислени Бугари да внесуваме во нашиот Устав а ние да толерираме кај нив стотици илјади Македонци да бидат игнорирани, малтретирани и асимилирани. Да дозволуваме Софија флагрантно да се меша во нашите внатрешни работи а ние да премолчуваме 13 пресуди на Европскиот суд за човекови права против Бугарија за малтретирањето на Македонците, кои се таму староседелци. Со оглед дека за откажување на договорот ќе биде потребно подолго време, без никакво одлагање мора прво и официјално да се прекине работата на оваа крајно непотребна а за нас и понижувачка Комисија. Овде се наведени само дел од причините за еден таков чекор, коишто ги има и премногу. Во прашање е само нашата спремност да се соочиме со катастрофата во која сме доведени како држава и како народ, да се бориме за нашите универзални права, и за нашето достоинство. Другата опција е и понатака да продолжиме да изигруваме недоквакани глобалисти и да се самоуништуваме.  Не застарува одговорноста за потпишување на штетни договори против интересите на државата и народот. Жалосно е што, барем до сега, народот го толерираше тоа ама, како изгледа, му се отворија очите и наскоро треба да биде ставен крај на оваа современа македонска трагедија. Доста се однесуваме како држава без компас, без достоинство, без одговорност… Како распашана команда.

– Пишува, Ристо Никовски.

Latest News

Претпладне облачно со сончеви периоди, попладне дожд

Времето ќе биде променливо облачно, претпладне со сончеви периоди, особено на истокот. Од попладневните часови на запад ќе започнат...

More Articles Like This