October 18, 2021, 5:39 pm

Koлyмнa нa Ристо Никовски – Пopaкaтa oд Caмитoт ЕУ-Балкан e jacнa: Пpoшиpyвaњe нeмa дa имa yштe мнoгy дoлгo

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

Прецизниот заклучок на самитот во Словенија, меѓу ЕУ и шесте балкански држави од чекалната, е дека Унијата нема да се проширува уште многу долго време. Факт е дека Брисел го реафирмира ставот  дека иднината на балканските држави е во Унијата, ама очигледно е дека тоа е празна и необврзувачка реторика. Во изјавата  дадена по самитот, Меркел “призна“ дека не подржала давање конкретни рокови (датуми) за проширувањето. Даде и објаснување коешто го игнорираа нашите медиуми, ама го објави “Дојче веле“: “засега, пристапувањето не може да започне бидејќи ниту една земја (од балкански шест!) не исполнила ниту еден од условите“! Тоа е, всушност, главниот заклучок на самитот. Брисел нема образ да ни соопшти дека, барем во следните 20 години, нема да има проширување. Тоа би бил политички аматеризам и признавање на нивен пораз.

Фразеологија на Брисел, дека – “иднината на (З.) Балкан е во ЕУ“ или дека – “Унијата останува посветена на проширувањето“, апсолутно ништо не значи. Таков е и коментарот на “Ројтерс“ дека, според експертите, декларацијата е – празна. Тоа е минимумот што мораа да го изверглаат бидејќи на глава ја имаат хипотеката од нивните поранешни изјави и документи во кои на голема врата се ветуваше проширување, коешто се сметаше како главен успех на Унијата. Сега, проширувањето е во – аут.

Главниот дел од првиот пасус од декларацијата гласи – “Унијата останува посветена на проширувањето, НО ТОА ЌЕ БИДЕ ВРЗ ОСНОВА НА СПРОВЕДЕНИТЕ РЕФОРМИ И СО СТРОГА УСЛОВЕНОСТ И СПОРЕД СОПСТВЕНИ ЗАСЛУГИ“. Клучот на декларацијата, и смртната пресуда за амбициите на шесте балкански држави, е во зборовите  “СТРОГА УСЛОВЕНОСТ“! На англиски, тоа е уште позвучно– rigorous conditionality или, пошироко на македонски – строга/ ригорозна/ непопустлива условеност. За да се разбере тоа, мора да се вратиме на новата методологија за прием, којашто ја наметна Франција пред повеќе од две години. Во неа беше нагласено дека кандидатите за прием ќе се квалификуваат за членство дури откако ќе ги исполнат сите критериуми, коишто ќе мораат да бидат компатибилни и сосема блиски до стандардите на Унијата, вклучувајќи го и нивото на  економскиот развој! Тоа јасно сигнализираше дека проширување веќе нема да има, ама сега истото се наметнува како официјален услов за прием на нови членки. Ниту една од преостанатите шест балкански земји, ниту теоретски не може да ги постигне тие стандарди за помалку од 20 та дури и 30 години. Особено тешко ќе се достигне нивото на економски развој, на што нагласено се инсистира во новата методологија за прием. Сега потенцираната “СТРОГА УСЛОВЕНОСТ“ со постигнатите реформи, значи дека за овие шест држави, уште долги години, вратите на Унијата остануваат ширум – затворени. Нема како до сега – Унијата се прави божем ќе ги прими а Балканците божем спроведуваат реформи. Бугарија и Романија го фатија последниот воз.

Првиот пасус на декларација завршува со уште еден важен заклучок на Брисел, којшто е исто така суштински за проширувањето. Се вели: “Се нагласува важноста на одржувањето и продлабочувањето на развојот на Унијата, со што ќе се осигураат нејзините капацитети за интеграција на нови членки“. Тоа значи дека засега, капацитети за прием – нема. Во прашање е додатен услов за кандидатите, веројатно и најтешкиот. Ако тој процес на внатрешни реформи не успее, што е многу веројатно, а којшто ќе трае исклучително долго – тоа ќе значи дека нема да има ниту проширување. Така, дефинитивно се кине тенката врвка наречена – надеж. Според коментарите на странски експерти, главно Макрон се залага за таков “развој на Унијата“. Меѓутоа, тие оценуваат дека многу малку други членки го поддржуваат тоа. Ова е само нов црвен семафор за Балканот и нов доказ дека проширувањето веќе не е тема во Брисел.

Ликот на Бугаринот Радев, зрачи од декларацијата како некакво плашило за Македонија. Тој успеал со неа да ни се држи нова лекција за добрососедство, а ние сме класична жртва токму на фантазмагориите и историските синдроми на нашите соседи. Додека нашите политичари и дипломати спијат, и како забегани шират некаква импотентна и срамна атмосфера на погубни компромиси, Софија успеала во овој документ да се спомнат и двата договори – од Нивице и со Бугарија, и нашите обврски беспоговорно да ги исполнуваме. Се разбира, според тоа како нив ги толкуваат нашите “драги“ соседи, ама и Вашингтон и Брисел, коишто и ни ги наметнаа на крајно груб начин. Иако Македонија не се спомнува во текстот, ни се упатува јасна порака дека и понатака ние треба да го виткаме ‘рбетот и да капитулираме. Ова се само додатни докази дека зад сите бугарски ароганции спрема Македонија, цврсто стои и Брисел.

Нашите политичари, коишто очигледно не знаат што сакаат, ама тоа го сакаат веднаш, и коишто немилосрдно го лажат народот за членството во ЕУ, мораат да сфатат дека, на Брдо кај Крањ, на Македонија и беше нанесен нов тежок, дури и катастрофален пораз. Ни беше потврдено дека предавничкото жртвување на името на државата и идентитетот на народот било за џабе, дека тоа е завршена работа којашто никого не обврзува и дека сме сега на почеток од нашиот пат кон Унијата. Во иднина, ќе се ценат само нашите реформи коишто, пак, воопшто ги нема.

Средбата на Макрон и Меркел, со Заев и Радев, барем според тоа што и е познато на јавноста, заврши со триумф на Радев, кој по неа излезе со нови ултиматуми спрема Македонија. Настаните во Словенија само потврдија дека невидени аматери ја водат државава. Ако веќе не знаат доволно за дипломатија и политика, треба барем да земат странски експерти за да им помогнат и да ги водат. Тоа воопшто не е срамота. Со таква помош не докрајчија и Албанците со војната во 2001 и со ОРД, Грците во Нивици, Бугарите со договорот за “пријателство“… На сите им требаа странски експерти и затоа успеваа да не дотолчат, додека нашите “мудреци“ знаеја се’ и затоа “успееја“ да не урнисаат и како народ, и како држава.

Сето ова, меѓутоа, не е крај на бугарските будалштини. Додека пред ЕУ и светот, Радев гласно тврди дека Бугарите во Македонија се изложени на асимилација и бара тие да влезат во Уставот на земјата, нашите помирливо молчат и понизно се прилагодуваат! Кога се знае дека Бугарија со години врши класичен геноцид врз Македонците кај нив, кои се автохтони и ги има во милиони (според потеклото), поголем апсурд не може ниту да се замисли отколку Софија нас да не обвинува дека сме асимилирале Бугари во Македонија, какви што воопшто нема! Впрочем, тоа ќе го потврди и новиот попис којшто е инаку, по многу што – нерегуларен. Да ја доведеш сопствената држава во ваква ситуација, со твоите неспорни аргументи да те удираат други по глава, може да наликува само на природна катастрофа. Ништо помалку од тоа. Ако политичарите и дипломатите дозволат и толерираат на меѓународната сцена да се случува нешто што е надвор од умот, и на штета на сопствената држава, тоа може само да значи дека со сите нив нешто многу сериозно не е во ред.

Трагедијата да биде целосна, МНР, Османи, изјавува, а премиерот Заев се согласува, дека Македонија нема да бара реципроцитет и за Македонците да влезат во бугарскиот Устав бидејќи се обврзала да не се меша во нивните внатрешни работи!  Арно ама, дали ова небулозно барање на Радев и Бугарија не е нивно класично мешање во нашите внатрешни работи? Неоспорно дека е. Изгледа дека за нашиве “мудреци“ е нормално другите да ни кажуваат што треба ние да работиме, а ние да се правиме недоветни и да извршуваме. Впрочем, протекторат сме, или што сме? Што е важно што тие биле фашисти во Втората светска војна? Тоа е завршена работа. Ќе ги избришеме сите траги за тоа. Што убија, убија, а нивните жртви не е можно да се оживеат. И, за да не се губи време, Османи и Заев веднаш ветија дека, измислените и непостоечки Бугари во државава, ние ќе ги ставиме во Уставот, а Бугарија не морала да го стори истото и со Македонците кај нив, иако се тие таму со векови и се староседелци!? Според Османи, Софија не морала бидејќи имале системски проблеми!? Замислете, ние бараме оправдувања за бугарскиот национал – шовинизам спрема Македонија и Македонците!? Невидено, можеш само да се чудиш и да се крстиш.

Зарем овие наши политичари не знаат дека основно и клучно правило во дипломатијата е реципроцитетот? Ако Софија сака стотина Бугари да внесеме во нашиот Устав, ако имаме грам памет во главата, мораме тоа да го условиме со истиот третман на Македонците кај нив, коишто се исклучително бројни. Впрочем, ако имавме и минимум достоинство, ние моравме да инсистираме на правата на Македонците во Бугарија, и без бугарските безумни барања. А дали тие имаат проблеми како тоа да го реализираат, е нивна работа, а не на Османи. Се разбира, доколку тој не е нивни адвокат или има некаква слична задача, од кого било. Во дадениов случај, ако не инсистираме на реципроцитет, а мораме, веднаш треба да и се стави на знаење на Софија дека Бугари кај нас – нема. Впрочем, Софија има 13 пресуди на Европскиот суд за човекови права за малтретирањето на Македонците, а никаде нема никаков траг дека нешто слично се случувало и кај нас, со измислените Бугари.

Да заклучиме. Пораката е јасна: станува очигледно дека, најмалку во следните 10 до 15 години, ЕУ нема никаква намера да се проширува. Потоа, фокусот ќе се префрли на исполнување на критериумите од страна на кандидатите и ќе трае барем уште толку. За возврат, како некаква утешна награда, Унијата ќе ги олабави фондовите и ќе биде подарежлива за шесте балкански земји. Од сега ветените 30 милијарди евра, 9 милијарди ќе бидат грант а останатите 21 милијарда евра се за инвестиции во инфраструктурата. Покрај другото, целта е да се отстрани и Кина од Балканот, којашто тука инвестира со нејзиниот проект “Појас и пат“. Колку од овие пари ќе завршат во Македонија, ќе зависи пред се’ од нас самите и нашите капацитети соодветно да ги искористиме. Факт е, меѓутоа, дека баш и не сме многу кадарни на тој план.

Македонија мора да оди напред и да се реформира, свесна дека членството во Унијата е неизвесна, евентуална и далечна иднина. Тоа важи и во случај ако уште утре ги започнеме преговорите, коишто ќе бидат нови страшни голготи за македонизмот, кој ќе се брише речиси на дневна основа. Ова се реалните рамки во коишто треба да се бараат оптимални опции за побрз развој на земјата и подобар живот на граѓаните. Такви има.

Пишува, Ристо Никовски.

Latest News

ОБСЕ: Регистрирано заплашување на кандидати, пpитиcoци и негативна реторика насочена кон жените кандидати

Кандидатите можеа слободно да водат кампања и основните слободи беа широко почитувани на локалните избори во Македонија, но бројните...

More Articles Like This