September 18, 2021, 9:39 am

Koлyмнa нa Ристо Никовски: 30 гoдини мaкeдoнcкa нeбиднинa

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

Поминаа веќе 30 години откако се распадна југословенската федерација и Македонија стана независна држава. Иако тогашните македонски лидери не беа воопшто подготвени за независност, а беше повеќе од очигледно дека Југославија се распаѓа, имавме многу повеќе среќа отколку знаење и умеење зошто не бевме вклучено во војните кои следуваа. Гледано од денешен аспект, нашата среќа беше во фактот што српскиот вожд, Слободан Милошевиќ, кој секако беше најодговорен за распадот на федерацијата, беше уверен дека Македонија и Македонците сами ќе се вратат во српска прегратка. Најверојатно, тоа беше една од неговите најголеми грешки, иако имаше и доста други, како на пример Косово. Нашата мудрост беше во референдумското прашање кое беше намерно двосмислено, оставајќи простор за некаков нов сојуз со југословенските републики. Факт е дека Југословенската народна армија (ЈНА), која беше веќе под целосна контрола на Милошевиќ, а беше бројна во Македонија и само за неколку часа можеше да изврши воен преврат во земјата, да ги затвори сите политичари што беа за независност и да донесе на власт просрпски лица. Ако тоа се случеше, судбината на Македонија ќе беше дефинитивно запечатена. Меѓународниот фактор ќе вревеше неколку дена и се’ ќе си легнеше на брашно.

Зошто Македонија не се врати во прегратките на Милошевиќ, најголема е заслугата на првиот претседател, Киро Глигоров. Тој го формулираше референдумското прашање, со  цел да не се провоцира Србија, а исклучително е значаен и неговиот договор со генералот Аџиќ, за повлекување на ЈНА од Македонија. Тука повторно имавме среќа бидејќи тоа се случи заради војните кои во другите делови од поранешна Југославија ги водеше Србија и овие единици и наоружување на ЈНА му треба на Милошевиќ за тамошните фронтови.

Народот правилно го разбра историскиот предизвик и масовно излезе на референдумот и речиси едногласно ја поддржа независноста на Македонија. Голема грешка беше направена што на референдумот не беше обезбедено и учество на Албанците. Тоа немаше да биде лесно бидејќи тие тогаш, поттикнати од Тирана, ама и од Приштина, имаа поинакви планови иако, сепак, мораше поенергично да се инсистира. Можеби тоа ќе беше и невозможна задача, ама мораше максимално да се проба. Ќе потсетиме дека тоа е периодот на Илирида, кога Албанците гласаа на сопствен референдум за разбивање на Македонија и создавање на Голема Албанија, според “Призренската лига“.

На почетокот на 1990-тите години, конституирањето на независна Македонија одеше многу тешко. Како беше тогаш може само да се замисли кога се знае дека и денес, по 30 години, на Македонија не и е лесно бидејќи секојдневно и се поставуваат нелегални и непринципиелни пречки. Секому мора да му биде јасно дека, во сите овие 30 години, нема ниту шест месеци во кои Македонија можеше да функционира и да се развива во нормални услови. Цело време, речиси непрекинато, државата беше или непризнавана и негирана; или под блокада, уцена и ултиматум; или со блокирани граници, било легално (српската од страна на СБ на ООН), или нелегално (грчката); или беше жртва на агресија од Косово во режија на западните фактори, вклучувајќи го и НАТО; или на земјата и беше подготвена неприфатлива нова административна поделба со која се албанизираат нејзини делови; или и беа подметнувани и наметнувани капитулантски договори со соседите и со Албанците, преку кои Македонците се откажуваа од самите себе и од сопствената држава (привремена спогодба и договор од Нивици со Грција; ОРД; договор за пријателство со Бугарија; Пржино…); или беше и е оневозможен нејзиниот прием во ЕУ…

Тешко може да се замисли дека, се’ заедно, и многу побогата и помоќна држава од Македонија ќе го издржеше сето тоа. Денес веќе нема ниту може да има било какви дилеми дека сите наши голготи  беа според сценарио и во режија на странскиот фактор. Поточно на САД. Меѓутоа, тоа никако не значи дека немало и наша улога и вина и дека истите биле за потценување. Напротив, без наша согласност сето поминато беше невозможно да ни се случи. А дали нашите политичари беа некадарни, неодговорни или несвесни што прават, или тоа беше резултат на нивните тесни лични или партиски интереси… воопшто не е важно. Резултатот е тој што го имаме, со дереџето до кое сме дотерани. Неспорен факт е дека сите македонски политичари, речиси без исклучок, идеално се вклопуваа(т) во интересите на странците и во големоалбанските тенденции во земјата. Најчест повод за такво нивно однесување беше добивањето или задржувањето на власта. Државните интереси никој не ги есапеше. За да биде се’ и до крај  јасно, мора да се нагласи дека без согласност на нашите аматери, меѓународниот фактор не можеше ама баш ништо да ни наметне. Не постојат  механизми за такво нешто. Тоа важи за сите наши голготи. Од почетокот, кога во СБ на ООН нелегално ни го суспендираа името.

На крајот од денот, сите тие белосветски џандари ќе си ги измијат рацете и, сосема со право, прстот ќе го вперат во нас и нашите политичари. Точно ќе тврдат дека тие никого не натерале со сила да капитулира а тоа што притискале било нивна неспорна службена обврска. Во нормални држави, за прифаќање на нелегални и неприфатливи решенија кривично се одговара и се завршува во затвор. Кај нас…

Кога од денешен аспект (септември 2021) се навраќаме на голготите низ кои врвиме веќе 30 години, заклучокот е многу прост. Премногу е очигледно дека, по распадот на Југославија, независна македонска држава не беше и се’ уште не е прифатлива за главниот меѓународен фактор, а тоа секако се – САД. За наша несреќа, нивата доминација во светот е толку изразена што ни клучните европски држави (Германија, Франција, Велика Британија…) не се осмелуваат да и се спротивстават. Сите тие, предводени од Брисел, некритички и вазалски ги следат интересите на Вашингтон. Трагично е што нашите политички лидери, од сите главни политички сили, не беа и не се спремни да се соочат со вистината. Сите тие ги третираат САД како наш стратегиски партнер а тие ни ја кројат судбината и на крајно безобѕирен начин го затвораат “Македонското прашање“, со бришење на Македонците како народ.

Францускиот претседател, Макрон, ни испрати честитка по повод на Денот на независноста во која ни ја изрази – “солидарноста на францускиот народ кон населението на Македонија“. Тоа кажува се’. Македонци нема. Ние сме население. Севеџанско. И во честитката на американскиот претседател, Џо Бајден, не се спомнува македонскиот народ што е неизбежна реченица во нормални прилики. Впрочем, ако веќе нашите политичари со сите сили избегнуваат да спомнат било што македонско, од народот та до се’ друго, зошто пак странците да сметаат дека овде има некаков друг народ, освен неосвестени бугарчиња?

Денот на независноста ќе го задржи свето значење само доколку опстане македонскиот народ, што во моментов не е сосема извесно. Ако не се разбудиме во блиска иднина, лошо ни се пишува. Во старата македонска песна “Народе Македонски“ не случајно се пее – “Народе македонски со какви идеи си ти, доста беше, разбуди се, свести се, не спи ти“.

Тоа е пораката за празникот. Ние сме на потег.

– Пишува, Ристо Никовски.

Html code here! Replace this with any non empty raw html code and that's it.

Latest News

Вучиќ: Стaнав погoлема ѕвeзда од Леброн Џејмс

Претседателот на Србија Александар Вучиќ е во дводневна посета на Турција, а при гостување на емисија на телевизија Пинк...

More Articles Like This