October 28, 2021, 5:24 am

Koлyмнa нa Ристо Никовски: Kaдe oди cвeтoт?

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

Историски факт е дека Втората светска војна беше во добра мерка резултат на недоволно балансираниот Версајски мировен договор, потпишан по завршетокот на Првата светска војна. Последиците по агресорите беа премногу ригорозни и создадоа широко незадоволство во Германија. Тоа отвори простор за појава на Хитлер, којшто се наметна како водач за ревизија на последиците. Следуваше фашизам и погром од светски размери. Конкретен повод зошто само го допревме овој проблем од европската и светска историја е опасноста и сега да се соочиме со слични предизвици.

Станува збор за американските политики кон Русија. Вашингтон отворено заговара најширока изолација на Москва и се обидува да ги мобилизира сите други земји да застанат зад таа цел. Освен во услови на војна, таквите политики се целосно спротивни на основните дипломатски правила. Веќе не треба да има дилеми дека САД започнаа нова студена војна против Русија (и Кина) којашто допрва ќе ескалира, долго ќе трае и никому нема да му донесе ќар. Најмалку на САД.

Веднаш по распадот на СССР, Вашингтон на секој начин настојуваше да ја опколи Русија со земји членки на НАТО и во тоа во голема мерка и успеа. Претходно, за да се добие согласноста на Москва за обединување на Германија, Вашингтон вети (државниот секретар Џејмс Бејкер на претседателот Михаил Горбачов) дека проширување на НАТО кон Исток – воопшто нема да има. Набргу, меѓутоа, тоа не се почитуваше. По 2014 година, откако Москва го анектираше Крим, политиката на изолација на Русија доби нов импулс и нагласено се спроведува и проширува. НАТО отвора бројни воени бази и распредува сили во соседните земји на Русија – на Балтикот (Литванија, Латвија и Естонија), во Полска, Романија, Бугарија… Американските обиди, набрзина да ги внесат во НАТО Грузија и Украина, завршија погубно за овие земји, со нарушување на нивниот територијален интегритет. Грузија ги загуби Јужна Осетија и Абхазија додека Украина го загуби Крим додека Домбас и Доњецк се отцепија и не се под контрола на Киев. Погрешните политички процени на двете земји беа причината за овие тешки последици, ама вистинските корени беа во нереализираните регионални потреби на Вашингтон. Москва имаше апсолутно право да ги брани своите интереси и граници и, во голема мерка, тоа го правеше на сосема соодветен и неспорен начин.

Уште од времето на Горбачов, Москва нагласено покажуваше спремност за блиска соработка со САД и другите западни демократии, често пати и на сметка на своето достоинство. Имам и лично искуство кога на меѓународни конференции, крајно непотребно, нивни министри беа премногу сервилни кон западните колеги. Истата руска политика ја продолжи и Елцин, којшто за САД беше поприфатлив од Горбачов бидејќи сметаа дека можат да го манипулираат. Во тој период Русија беше и во хаос и пред банкрот, та имаа отворен простор за своите политики кои не беа секогаш баш принципиелни. Во повеќе прилики, и Путин покажа спремност за поблиска соработка со САД но и тој беше речиси грубо одбиен. Руската подготвеност за соработка не беше воопшто случајно игнорирана. Напротив, сосема намерно и плански, Вашингтон трасираше отворен фронт меѓу двете светски воени супер сили, кој долго ќе трае. Непотребниот страв од т.н. “руската мечка“ е длабоко посеан во американското општество, веројатно уште од времето на  З. Бжежински, во 1970-тите. Како изгледа, сите тамошни тинк-тенкови како и другите стратегиски планери, се задоени со него. И по секоја цена, САД се одлучни да ја задржат својата доминантна позиција во светот, како единствена супер сила, што лесно може да се покаже како опасна авантура.

Неспорно е дека СССР беше латентна и сериозна закана за светскиот мир. На идеолошка основа, сакаа да го менуваат светот и беа спремни на секакви конфронтации, со сите не истомисленици. Во СССР, како и во другите Источно европски земји, нивни сателити,  владееше  стравотна внатрешно – политичка диктатура; се живееше во длабока сиромаштија; незадоволство кај народот беше масовно, иако прикриено; инфериорноста во однос на начинот на живот ама и на стандардот кој го уживаа луѓето во западните земји беше се’ по изразена, што не можеше бескрајно да се крие и да опстане… Објективно, Москва немаше голем избор освен еден ден, во услови на сериозна домашна криза (којашто беше неизбежна и прашањето беше само кога а не дали), да оди на се подлабока конфронтација со западниот свет што на крајот, речиси неизбежно, ќе мораше да заврши со  катастрофален нуклеарен конфликт. Само така Москва ќе можеше да го прикрие огромниот пред се’ економски неуспех на домашен план, и вниманието да го сврти кон  меѓународната сцена. Тоа ќе беше крај на светот бидејќи Пандорината кутија ќе мораше да се отвори и излезениот дух веќе никој немаше да може да го контролира.

Откако Грбачов не успеа со реформите, коишто беа сосема погрешно конципирани, распаѓањето на СССР беше позитивен исчекор којшто овозможи да се избегне глобална катастрофа. Тој мораше прво да ја менува економијата, “за да има барем пилешко во продавниците“, како што некој симболично прокоментирал, а дури потоа суперструктурата. Тенг Хсиао-пинг многу помудро целосно ја трансформира Кина.

Веќе подолго време, САД прават се’ што е во нивна моќ за да ја изолираат Русија. Во прашање е крајно погрешна политика. Неспорно е дека Русија нема голема економска сила иако е една од најбогатите земји со природни ресурси (БДП и е на ниво на една Шпанија), меѓутоа, доколку се почувствува загрозена, слично на Германија пред Втората светска војна, таа може да биде присилена да користи радикални политики, којшто би можеле да го загрозат и мирот во светот. Продолжувањето на нејзината изолација и разните бесмислени санкции, кои Вашингтон ги вади од ракав, можат да водат во сличен развој на состојбите како во Германија во 1930-тите години. Никој нормален не смее да си поигрува со земји каква што е Русија.

По анексијата на Крим, која беше извршена по пат на референдум, и враќањето на огромната руска воена база во Севастопол под сопствен и директен суверенитет, Путин јасно им порача на САД – добредојдени сте вие и НАТО да не посетите во Севастопол, ама обратно задоволство нема никогаш да дочекате – ние да дојдеме кај вас на истото место. Сосема беше во право. Нема потреба да се потсетува дека во 1954, тогашниот советски лидер, Никита Хрушчов, кој инаку потекнуваше од Украина, со декрет и го префрли Крим од јурисдикција на Русија, во рамките на Украина, која во тој период беше дел од СССР. Формално, полуостровот остана во истата држава. Состојбите радикално се променија со распадот на СССР, кога Украина стана независна држава. Силен е впечатокот дека немаше да дојде до руската анексија на Крим, доколку САД со сите сили, и преку државен удар, не настојуваа Киев да стане дел од НАТО, а со тоа и базата во Севастопол, која империјалната руска морнарица ја користела уште од 1783 година.

Некој западен политички аналитичар многу пластично ги осуди американските политики на опколување на Русија со НАТО членки. Напиша – ако Русија би се обидувала со слични потези  воено да се инсталира во Венецуела или Мексико, САД воено би се ангажирале тоа да го спречат.

Впрочем, да потсетиме на случајот со Куба. Во 1962 година, кога Вашингтон откри дека на Куба има инсталирани советски ракети, претседателот Џон Кенеди светот го доведе и држеше на раб од светска нуклеарна војна, се’ додека не се најде решение ракетите да се повлечат. Без да трепнат, САД сега го прават истото на руските граници. Тоа е класична ама и срамна политика на двојни стандарди.

Мораме да бидеме свесни дека продолжувањето на бесмислените западни политики на изолација и санкции врз Русија се крајно опасни за мирот во светот. За разлика од СССР, руските политики на Горбачов, Елцин и Путин не се агресивни. Однесувањето на Русија не е империјалистичко и, во принцип, Москва не е закана за светскиот мир. Бројни се примерите со кои тие покажаа интерес и спремност за соработка со западните земји, почнувајќи од САД. За возврат, другата страна лансира нова студена војна се’ со цел Русија да се стави под контрола и, веројатно, да се спречи нејзиниот побрз економски развој. Последиците од овие погрешни политики (ќе) ги плаќаме сите, ама барем да се знае кои се виновниците.

Слична е и приказната за комплетно погрешните американски политики и кон Кина, ама за тоа во друга прилика.

Пишува, Ристо Никовски.

Latest News

Се pacпаѓа ли парламентарното мнозинство? Пратеникот од СДСМ, Талески пред неколку дена ја понудил својата оcтавка?

Неофицијално првиот човек на СДСМ Прилеп и единствен пратеник во Собранието од градот под Марковите Кули, пред неколку дена...

More Articles Like This