Koлyмнa нa Трифун Костовски: „Зoштo?“

Во нашето секојдневие секогаш има повеќе прашања отколку одговори. Од неодамна станав дел од социјалните мрежи во Македонија со цел подобро да ги запознаам моите сограѓани и сограѓанки, а истовремено и тие да ме запознаат мене.

Дружењето ни стана секојдневно со моите пријател(к)и на социјалните мрежи. Затоа денес ќе ми дозволите да се обидам да одговорам на многу поставуваните прашања со предзнакот ЗОШТО? Во мигов би сакал да ви одговорам на само две од нив.

Првото прашање ЗОШТО? се однесува за стечајот на Еуростандард банка: По кој основ Народната банка на Македонија е член во Одборот на доверители? Многу правни и физички лица со далеку поголеми суми заробени со самиот стечај не се дел од овој Одбор на доверители, туку токму Народна банка која ја презема улогата на извршител за убиството на Еуростандард банка. Зошто на веќе новиот правен субјект Еуростандард банка во стечај сметката за прибирање на средства од доверителите на банката е отворена во Комерцијална банка која индиректно, а можеби и директно учествуваше во ликвидацијата на Еуростандард банка. Нејзиното кредитно портфолио беше тесно поврзано со портфолиото на тогашната Еуростандард банка. На овие прашања поврзани со стечајот на Еуростандард банка од типот ЗОШТО? мојот одговор е следен:

Извршеното злосторство со стечајот на Еуростандард банка мора да заврши без последици за чинителите кои ја донесоа нејзината ликвидација. Мора да се сокријат трагите на парите. Од инсајдерски извори сум информиран дека стечајната маса енормно расне, бидејќи така наречените отпишани  лоши кредити во голема мера се наплатуваат. Убеден сум дека структурите на овој злостор мака мачат како да го објаснат овој чин пред јавноста, бидејќи на крајот ќе се докаже дека убиле вол за  едно кило месо. Сѐ уште не можам да сфатам дека некомпетентната и неискусна гувернерка на Народна банка, Анита Бежоска, направи злостор врз многумина сограѓани и врз нас како семејство. До кога ќе ја плаќаме цената за ваквиот вазален однос на институциите кон одредени структури кои со години наназад функционираат во банкарскиот организиран криминал.

Почитувани читатели, токму горе наведените прашања од типот ЗОШТО? се повод за моето вклучување во севкупниот политички живот на Република Македонија. Научив дека единствениот ринг за да ја извојувам мојата борба за вистината околу Еуростандард банка е токму политичкиот ринг. Верба во двете најголеми Македонски политички партии немам, бидејќи официјално дејствуваат како левичари и десничари, а во практика го покажуваат своето вистинско лице, дејствувајќи како сијамски близнаци.

Ваквиот заклучок се темели на неодамнешното усвојување на Законот за легализација на дивоградбите во Република Македонија. Се прашувам, зар толку многу ја направивме нашава држава ДИВО ИЗГРАДЕНА?

За жал фактите говорат дека градежните дивоградби се само еден сегмент во нашава диво изградена држава.

Почитувани пријателки и пријатели, погледнете го севкупното наше функционирање! Прашувам, дали имаме транспарентност во трошењето на буџетските средства? Дали имаме вистински правен и праведен судски систем? Дали иаме актуелни и бивши политичари кои не се офајдиле токму од политиката за себе и своите семејства? Не пријатели мои, на сите овие погоре поставени прашања одговорот е НЕ. Познавам голем круг на актуелни бивши политичари. Со исклучок на поединци, можам да заклучам дека практикувањето на политиката е највносен бизнис во Македонија.

Моето влегување на политичкиот ринг не е водено од лукративни интереси, туку напротив, сум помагал, помагам и ќе помагам во иднина на мојата држава и моите сограѓани во етаблирање на држава во која што ќе владеат правото и правдата. Дали ќе успеам во оваа моја мисија – мојот одговор е незнам, но, драги мои пријатели, јас ќе се обидам.

Со ваквиот мој став сакам да го поттикнам секој поединец во Република Македонија молкот да го замени со јавно искажани и издржани ставови и осуди на девијантни појави и барања.

На крајот завршувам со заклучокот дека од нас самите, граѓаните на Република Македонија зависи каква иднина сакаме да имаме.

Меѓународниот фактор може само да помогне, ама не и да ни ги реши нашите внатрешни проблеми.

Размислете и дејствувајте.

Пишува, Трифун Костовски.