October 24, 2021, 8:18 am

Koлyмнa нa Трифун Костовски: Пaтoт нa пoлжaвoт

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

Почитувани пријатели,

Денес сакам да се посветам на тема која е длабоко вкоренета во нашата македонска реалност, што во основа претставува еден голем хендикеп, како за граѓаните на Република Македонија, а уште повеќе за секој поединец.

Долгата и болна транзиција на државната сопственост во Република Македонија од 90-тите години па се до денес предизвика длабоки траги во свеста на граѓаните. Веќе многу одамна вдомен е фактот дека за да се биде богат човек во Македонија, мора да се краде.

Ниту од далеку не ја осудувам ваквата перцепција бидејќи девијантните појави во нашето општество се од таков маштап што несомнено кажува дека голем дел од македонските богати луѓе се стекнале со имоти на нечесен начин.

Сакам да подвлечам дека и во таа долга и болна транзиција на сопственоста имаше и убави приказни за поединци коишто успеале да опстојат во својот професионален зафат, да работат, чесно да заработат и да се збогатат.

Немам намера да ги обесхрабрувам моите сограѓани да не пишуваат или говорат тоа што мислат, меѓутоа кај секој одговорен човек, упатениот збор има своја тежина и многу е важно каде и како ќе го употребиме.

Причина за мојава денешна колумна сум токму ЈАС и еден коментар на мој сограѓанин кој претпоставувам дека во целиот овој процес на транзиција, попатно некаде се изгубил и си зема за право на моја објава – фотографија каде велам дека животот е убав и треба да се живее, со најпогрдни зборови да ме коментира дека сум крадец.

Сакам да му објаснам на овој господин и сличните на него дека животниот пат на секој поединец е како патот на полжавот: нема ниту еден сегмент од животната биографија кој може да се скрие и болно делува кога на толку изоден пат, пристигнувам до зрело доба и без никакви аргументи (бидејќи сум убеден дека дотичниот не ме познава), да бидам во јавноста навредуван како нечесен човек.

Знам дека во Македонија е многу тешко да се биде богат човек, а да се стигне на чесен начин до тоа богатство. Сето погоре напишано се однесува на материјалното богатство кое е една од основните нитки за нашето живеење. Лична оценка е на секој поединец дали повеќе тежнее кон материјалното или духовното. Имено, и меѓу богатите има различни луѓе со различни природи: од луѓе кои се болни за создавање и трупање на материјално богатство, до такви кои материјалното богатство го практикуваат за себе, своите најблиски и пријателите.

Не можам да разберам зошто многумина мои сограѓани упорно се трудат да ме направат криминалец, транзициски богаташ …

Сакам да им одговорам на ваквите дека за мене материјалното богатство е менливо, немаш, па имаш и можеш повторно да немаш, но она што е трајно е духовното богатство.

Бидете убедени, говорам во свое име духовните доблести се врв на вистински човек!

Јас го следам тој пат. Колкумина од вас тоа ќе го забележат – не знам, но бидете сигурни дека јас ќе останам доследен на својата мисија.

За луѓето кои не се упатени ќе повторам: се школував во Скопје и завршив Економски факултет на Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје. Се вработив и до 90-те години работев во фирмата „Технометал – Македонија“, а потоа „Технометал – Вардар“.

Потекнувам од сиромашно скопско семејство каде само мојот татко работеше како службеник во воената болница.

Мојот работен стаж почна од местото приправник и работев напорно 15 години изучувајќи го занаетот на надворешната трговија за да стигнам до позиција – шеф на деловница.

Се наоружав со знаење, почнувајќи од технолошки процеси во производство на сите можни индустрии и создадов огромен круг на мои блиски бизнис пријатели. Заминав од Македонија во 89-та година и мојата фирма „Кометал“ ја формирав во 1991 година. Го работев тоа што го знаев и заработив. Во целиот мој приватен бизнис ниту еднаш не сум создал непријатности со моите коминтенти или недај боже да имало судски процеси.

Ги спечалив моите пари и се вратив во Македонија инвестирајќи во гринфилд инвестиции и настојував да се вклучам во болната транзиција сакајќи одредени правни субјекти да ги одржам во живот.

Сега да ве прашам вас пријатели мои – Се вратив со сиот свој капитал во Македонија, ама спечален надвор од Македонија и со тек на време (во период од деценија ипол) изгубив најголем дел од овој капитал. Дали сметате дека треба да плачам над својата судбина? – Не пријатели, нема да плачам туку ќе се борам, бидејќи грабежот на моето материјално богатство беше направен со асистенција на одредени институции на државата.

Животот едно ме научи: Дека морам секогаш да бидам со отворени очи и дека проблемите морам сам да ги решавам, иако самите институции се повикани да го штитат мојот и вашиот интерес.

Почитувани ни оддалеку не барам сожалување, но барам разбирање, бидејќи и во оваа Македонија имаме чесни луѓе кои можат да бидат богати.

Институциите на системот треба да се стават комплетно на ревизија за нивната функционалност.

Не сум единствен во Македонија кој е ограбен од својата држава. Минувајќи го овој период запознав многу примери кои укажуваат на тоа дека во Македонија владее организираниот криминал.

На крајот сакам да подвлечам дека секој од нас поединечно има одговорност пред самиот себе, пред своите блиски и пријатели и пред целото општество.

Убеден сум дека нема да ја променам перцепцијата кај моите сограѓани за тоа што значи да се биде богат на чесен начин во РМ, меѓутоа чувствував потреба да некои нешта бидат кажани. Инвестирав во себе од својата најрана младост па се до денес, за да бидам човек, чесен сограѓанин, почитувач на сопствената култура и традиција и немам намера да се откажам од својот пат.

Има мои сограѓани во РМ кои не умееле да се снајдат во процесот на транзиција.

Би било упатно да вината ја бараат во самите себе. Многу е лесно за личниот просперитет на секој поединец да е виновен некој друг, а не тој самиот.

Завршувам со констатацијата дека успехот ги прати храбрите.

Критиките за аномалиите во општеството се неопходни, меѓутоа треба да се испратат на права адреса.

Latest News

Eднa гoдинa oд cmpттa нa Амди Бајрам

Денеска се навршува една година од смртта на поранешниот пратеник и политичар, Амди Бајрам. Тој беше долги години претседател...

More Articles Like This