Koлyмнa нa Трифун Костовски: „Caмoвoлиe“

Поврзано

- Advertisement -

Денес би сакал да се осврнам на самоволието, кое се чини го следи секој чекор од нашето општество и кое е сѐ повеќе и повеќе присутно во нашето секојдневие, а, еве и меѓу поединци од власта и спортски федерации.

Почитувани пријатели, за мене помирувањето со злосторството кое го направија институциите во државата, а злосторство кое е причинето врз грбот на Еуростандард банка, е недозволиво. На врвот на одговорноста за ова злосторство ја поставувавам Народната банка на Македонија, која што, како што велат старите без усул и анализа однесе банка во стечај, зацрнувајќи многу семејства, вклучително и нас акционерите.

Мојата борба на овој план продолжува и вистината ќе излезе на виделина, кој, зошто и како се правеле овие трансакции кои ги оштетиле обичните граѓани и нас акционерите. Многумина ме обвинуваат мене за соучесник во ова злодело, морам да напоменам дека овие луѓе не се при здрава памет. Јас сум тука во Македонија, стојам одговорно зад секој искажан збор и направено дело, против државата, граѓаните, а особено моите коминтенти.

Вториот сегмент кој што алудира на апсолутизам во државата, се две случувања во рок од три недели.

Првата случка е безумното разрешување на  главниот пазарен инспектор во  Република Македонија, господинот Пауновски, кој својата работа си ја вршеше професионално. Неговото лично достоинство и доблест, бидејќи управува со многу сериозна институција во државата дојде на виделина, кога по партиски клуч му беа наметнати нови вработувања во инспекторатот без соодветна стручна подготовка и кога тој отворено ги одби. Нашиот актуелен Премиер Заев, навреден од ваквиот однос на нему подредениот, а нам граѓаните многу битниот главен инспектор на оваа институција господинот Пауновски, речиси преку ноќ, со привид на демократска дебата, го смени.

Почитувани граѓани, замислете, образложението на Премиерот Заев беше непочитување на Премиерот во поглед вработувањето на тие 34 нови инспектори. За што зборуваме? Правна држава? Водење на институции од експерти? Не, во случајов се бара само послушност и подаништво. Ваквиот начин на практикување на демократијата е полош и од сталинистичкиот комунизам, а и од од нацизмот. Дали тоа значи дека целата држава му припаѓа на Премиерот со сѐ нас граѓаните и дека тој ја има сета власт да одлучува за нашите животи. Историјата го памети ЛуиXIV, кој што за себе умееше да каже ДРЖАВАТА ТОА СУМ ЈАС. Дали се доведовме во ситуација да државата владејачките структури си ја третираат како корпорација, како своја приватна фирма. А јас како стопанственик, ќе ви кажам дека ниту во корпорациите нема ваков апсолутизам.

До кога ќе го толерираме ваквиот непримерен однос на Премиерот Заев? Дали Господинот Заев е свесен дека неговиот пример ќе го следат и неговите поддржувачи кои се на функции, применувајќи апсолутистички драконски облици на владеење врз вработените во тие институции?  Ваквиот однос на Премиерот Заев ќе има трајни последици во нашето секојдневие. Невиден мобинг!

Вториот пример кој што сакав да го споделам со вас е одлуката на РФМ за доживотно суспендирање на Марјан Начевски од оваа Федерација. Господинот Мукаетов ја имаше и сѐ уште ја има мојата поддршка за водење на Ракометната Федерација, која секако бележи успеси, меѓутоа мора да биде свсен дека некој ги удрил темелите на оваа Федерација, а тоа се токму тие личности како Марјан Начевски. Респект кон сите учесници во развојот на овој спорт во Република Македонија мора да постои. Тимскиот настап на Македонија во овој спорт се должи на пет децениски напори на луѓе кои се посветени на оваа кауза. Би ги споменал господинот Михајловски, господинот Бојков, судискиот пар Начевски, меѓу кои едниот беше Марјан Начевски, кој како интернационални судиски пар беа многу чест прогласувани за најдобри судии на европски и светски првенства во ракомет.  Ваквата оцена за овој судиски пар не ја направивме ние, туку Европската ракометна федерација им  ја додели оваа титула.

Марјан Начевски вљубеник во спортот, посебно во ракометот, има огромен придонес за развојот на ракометот во Македонија, па дури и во освојувањето на Шампионската титула на Ракометниот клуб Ѓорче Петров. Неговото искуство и знаење е огромно на полето на ракометот. Според мене господинот Мукаетов, како што ни врачи нам, бившите Претседатели на РФМ, благодарници треба да врачи такви благодарници уште на дузина ентузијасти кои дале придонес за овој спорт. Само за потсетување, ова е наменето за Господинот Мукаетов, бидејќи очигледно го цени трудот  и залагањето на неговиот покоен татко во развојот на успешната фирма Алкалоид. Ликот и делото на Трајче Мукаетов е озваничено со посебна фондација при Алкалоид.

Заклучувам, дека господинот Живко Мукаетов има во себе вграден систем да препознае вредности и затоа ќе му сугерирам тоа што го практикува во Алкалоид, да го пренесе и во самата Федерација.

Луѓе заслужни за развојот на ракометот во Република Македонија не смеат да бидат линчувани на овој начин, туку напротив треба да се поддржуваат, негуваат и почитуваат.

Марјан Начевски како дел на Ракометната Федерација на Македонија од нејзиното формирање имаше големо влијание врз нашето етаблирање на Европски и светски ранг.

Порака до господинот Мукаетов: доблеста на големиот човек е во простувањето. Не барам прошка за Марјан, туку напротив, барам неговата работа и придонес за Федерацијата да биде на најблаг начин наградена.

Почитувани пријатели, во поглед на наведените примери само го отсликав времето во кое денес живееме.

Не смееме да дозволиме водилки во животот да ни бидат суетата и ароганцијата. Напротив треба да го негуваме секој човек и да го потикнеме да стори уште повеќе давајќи му комплетна поддршка.

Се надевам дека ќе извлечете заклучоци и се надевам ќе почнеме да дејствувавме на овој план. Дејствувањето го сфаќам  на начин што молкот кој до денес владее во Македонија, мораме да го замениме со јасно искажани критички ставови преку кои ќе ги изразиме конкретните очекувања од нашите актуелни и идни Влади.

Latest News

Отворена нова истpaга пpoтив Гугл поради онлајн рекламирање

Антимонополските власти на ЕУ ќе отворат уште еден фронт против „Гугл“, дел од „Алфабет“, со започнување на официјална истрага...

More Articles Like This