October 21, 2021, 1:18 pm

Koлyмнa нa Трифун Костовски: Ocтaвки

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

Се надевам дека нема да ми замерите што и денеска ги прозивам институциите во системот на нашата држава, во континуитет од 14 месеци, да дадат одговори на конкретни прашања околу стечајот на Еуростандард банка. Молкот и понатаму царува, информации или одговори недостасуваат и токму чествувајќи го денот на Обединетите нации како ден на пристап до информации, сфаќам дека живеам во земја во која селективно се даваат информации само на теми кои се од интерес на Владата и партиите кои имаат учество во Владата. Токму овој ден, знаејќи што се случува во таканаречените демократски општества како нашето, Обединетите Нации го чествуваат овој ден како многу битен за еден цивилизациски развој.

Званично е отпочната кампањата за избор на Градоначалници и советници во општините на Република Македонија.

Почитувани, избираме први луѓе во општините и советите кои треба да им служат на граѓаните на таа општина. За жал сѐ уште не стигнавме до степен во кој што носителите на централната власт ќе бидат комплетно дистанцирани од локалната самоуправа. Во изминативе два месеци бевме сведоци при утврдувањето на кандидатурите за градоначалници и советници во Општините. Очигледно беше дека во многу случаи не се од пресудно значење квалитетите на кандидатот за градоначалник или советник, туку волјата на лидерот.

Господинот Максим Димитриевски, актуелен Градоначалник на Куманово поради непослушност е отстранет од Социјал Демократскиот Сојуз , и тоа лице денеска настапува како независен кандидат на овие избори. Добиените информации за Господинот Димитриевски се многу позитивни, секако од граѓаните на Општина Куманово, меѓутоа Господинот Заев не го интересираат граѓаните на Општина Куманово туку повеќе го интересира фактот што Господинот Димитриевски имал конкретни критики кон самиот Социјал Демократскиот Сојуз, а претпоставувам и према лидерот на оваа партија, Господинот Заев. Идентична сторија има и во најголемата опозициона партија ВМРО-ДПМНЕ. Имено, во Општина Илинден, цели 4 мандати владее Градоначалникот Жика Стојановски, поддржан од ВМРО-ДПМНЕ и сакам да споделам со јавноста дека мојата лична перцепција за овој човек и оваа Општина е многу позитивна. Имено, од сите Општини кои гравитираат кон Градот Скопје, Општината Илинден е економски најсилната Општина, со најголем стопански и урбан развој. Можеби е единствена Општина во Македонија во која младата популација не размислува за заминување. Не ги знам причините зошто Господинот Стојановски не ја доби поддршката на ВМРО-ДПМНЕ и сега се кандидира како независен кандидат. Препоставувам дека причините се слични како и во Социјал Демократскиот Сојуз.

Горе наведените примери укажуваат дека внатре-партиската демократија е суспендирана. Никој нема право на сопствено мислење и дека секој член ако е дел од извршната власт мора да биде послушник на желбите на лидерот.

Во неколку наврати ја спомнав мојата дилема околу практикувањето на демократијата. Господинот Заев и Господинот Мицковски се колнат во демократијата и дека работат за имплементирање на демократијата меѓу нас граѓаните. Како можам да им верувам кога тие немаат внатре-партиска демократија? Тие имаат нулта толеранција за размислувања различни од нивните.

На крајот сакам да го споделам со вас чувството на манипулација од актуелната власт. Во последниве 6 месеци на два пати се спомнува МВР како соучесник во недозволената нарко трговија. Првиот пат беше запленувањето на марихуана во Прилеп од Американската специјална единица за борба против трговија со наркотици ДЕА, каде во возило на семејството Заеви со нивен близок шофер и асистенција на полициски инспектор, вработен во МВР беше запленета марихуана во вредност од 800 илјади евра. Деновиве имаме запленета марихуана, во Црна Гора во возило сопственост на МВР и вработени во МВР. Почитувани, ова се индикативни работи дека криминалот е длабоко влезен во институциите на системот. Актуелната власт која се колнеше дека ќе има нулта толеранција према криминалот, за жал покажува знаци дека и таа е дел од овој криминал. За ваквите нешта треба да следат оставки и отворање во обвинителството на истражни постапки. Секако, ова би требало да се случи доколку сме навистина правна држава. Очигледно не сме тоа и затоа сѐ уште институциите на прогонот молчат.

Друг елемент што многу ме вознемири е фактот што веќе се огласија и Премиерот Заев и по подолг временски период неговиот Вицепремиер Димитров, дека преговорите со соседна Бугарија за симнување на ветотот за отпочнување на преговори со ЕУ е во ќор сокак.  Овој двоец беше креатор на договорот со Бугарија за добрососедски односи. Само на два дена пред овие изјави, актуелниот Премиер Заев даде предлог од учебниците по историја да се брише атрибутот Бугарски фашистички окупатор само со цел да се додвори на нашиот источен сосед. Што Господинот Заев испорача на европската заедница, на бугарската јавност, а посебно нам на граѓаните на Република Македонија? Несериозност и срам ни испорача.

Дипломатијата по вокација е повикана да ги решава билатералните проблеми. За жал во Република Македонија дипломатијата не ги решава проблемите со нашите соседи, туку напротив го продава она што ни е најсвето, а тоа се името, националната припадност, јазикот, историјата, што објективно нѐ прави единствена земја во светот која се соочува со ваков вид проблем.

Не сум симпатизер на Владата на Груевски, меѓутоа констатирам едно, дека Господинот Груевски со својата тврдоглавост успеа да набилда силен преговарачки старт со нашите соседи Грција и Бугарија. Тоа се Воинот на коњ, името на Скопскиот аеродром, името на автопатот и декларативното непотпишување на меѓудржавен договор со Бугарија за добрососедски односи. Не ми е јасно како актуелнава Влада предводена од Гсподинот Заев успеа да ја изгуби оваа предност во преговорите со Грција и Бугарија? Немам намера ди ги споредувам Груевски и Заев, меѓутоа на национален план констатирам дека Груевски не ме продал, додека за Господинот Заев таа констатација неможам да ја потврдам. Почитувани, говорам во прво лице еднина и заклучувам –  се фатив во стапица да не сум во состојба да ги пратам и коментирам небулозите по сите витални прашања, врзани за нашето секојдневие и иднина од страна на Господинот Заев. Се прашувам дали овој човек има совест? Ве прашувам и вас мои сограѓани, дали и вие со чиста совест и разбирање ги толкувате ваквите изјави на Господинот Заев? Дали сметате дека моето барање за оставка на Господинот Заев е неоснован чин? Ако грешам исправете ме. Барам интеракција мои почитувани читатели. Само на овој начин ќе можеме да кажеме дека е доста.

Пишува, Трифун Костовски.

Latest News

Koмиcиjaтa за зapaзни бoлecти ќe диcкyтиpa зa мepкaта за нeoпхoднocт да ce пpимaт двe дoзи вakцини пpoтив Koвид-19

Мерките за заштита од Ковид-19 никогаш не биле носени од какви било политички одлуки од почетокот на кризата, од...

More Articles Like This