Koлyмна на Ристо Никовски: „Koдификaциjaтa нa македонскиот jaзик нe cмee дa ce cпoмeнyвa вo никaкви дoкyмeнти“

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

Ако некој навистина мисли дека Вашингтон и Брисел, следени од Берлин, Париз… се на наша страна во однос на бугарската ѕверска агресија, длабоко се лаже. Неспорно е само дека сите сакаат блокадата да се надмине бидејќи ја покажува нивната неефикасност. За таа цел, прават сериозни потези ние и Албанија да ги започнеме преговорите за членство. Тоа е позитивно ама никако не значи дека барем во следните 15 години и ќе влеземе во Унијата. Барем, Македонија. Клучно е што отстапките тие нема да ги бараат во Софија туку пред се’ кај нас, иако и другата страна е под силен притисок да се дојде до решение. Има странски аналитичари кои дури сметаат дека блокадата на Бугарија и одговара на Франција, за да се спречи проширувањето, и дека таа не била осамена. За нас е важно дека никој од Унијата не ги осуди бугарските небулози. Истото важи и за САД. Само хрватскиот претседател, Милановиќ, јавно се дистанцира од Софија. Неговиот премиер, пак, Пленковиќ, кој е по функција и најдиректно поврзан со Брисел, јавно ја исмеа неговата поддршка за Македонија. Истиот тој, пред некое време, на најбезобразен начин ни порача дека проблемот со нашиот јазик треба да го решиме со Софија. Сите други тактизираат. Чешка и Словачка се револтирани ама од бугарскиот однос кон Кирил и Методи.

За време на претседателството со Унијата (јули – декември, 2020), Германија се ангажираше да започнат нашите преговори, што ќе беше и нивни успех, кој изостана. Берлин продолжува со напорите, меѓутоа, Македонија мора да внимава што може да прифати во компромисите кои и се нудат, а што не. Западните земји се длабоко прагматични и спремни на секакви подметнувања за да ги постигнат своите цели. Двојните стандарди се нивна трајна карактеристика. Мора да бидеме свесни дека во основата, сите нивни предлози за компромис се неповолни за нас и прашањето е само колку се штетни. Минатата година, на пример, Македонците и Бугарите беа повикани во Берлин за да постигнат договор. Во таа прилика, “нашите“ го прифатија предложениот документ додека Софија го одби. Со него, Бугарија добиваше право, во рамката за преговори, да приклучи изјава дека – “тие го прифаќаат македонскиот јазик според уставот на земјата“, а германското претседателство се обврзуваше дека – “ќе побара од Советот официјално да ја нотира бугарската позиција дека кога се спомнува македонскиот јазик тоа да биде сметано во согласност со Уставот на Македонија“. Следеше дека – “Македонија е спремна официјално да изјави дека македонскиот јазик бил кодифициран во 1944 година“. Во документот се вели и дека двете страни – “специјално ќе се фокусираат на работата на Заедничката комисија за историски и образовни прашања“. Иако овие формулации се катастрофални за Македонија, реакциите кај нас беа позитивни. Веројатно ги наметнаа апологетите на власта. Со документот, практично се официјализираат бугарските барања а нашето спомнување дека јазикот ни е кодифициран во 1944 година, ќе се толкува дека таков не постоел пред тоа.

Во мај 2021, МНР на Португалија, како претседавач со Унијата, придружен од комесарот за проширување, Вархеји, во Скопје донесе сличен документ на германскиот, кој сигурно бил полош за нас бидејќи првиот беше одбиен од Софија. Текстот не беше објавен и само се потврди дека и во него била нагласена 1944 како датум на кодификација на македонскиот јазик. Тие дојдоа од Софија и обидот да ја надминат блокадата уште таму им пропадна. На прв поглед, навистина ништо не изгледа спорно за спомнувањето на 1944 ама воопшто не е така.

Прво, бидејќи и двата документи имаа(т) “задача“ да ги надминат бугарските гнасотии, со кои тие тврдат дека до истиот датум (1944) ние сме биле “бугарчиња“, без свој јазик. Кога се знае тоа, мора да се запрашаме – ЗОШТО СЕ НАГЛАСУВА ДЕКА ЈАЗИКОТ НИ Е КОДИФИЦИРАН ТОКМУ ВО 1944 ГОДИНА? КОЈА Е ЦЕЛТА? Објаснувањето е многу просто – во дадениот контекст, ние отворено, директно и официјално потврдуваме дека до тој датум, до 1944 година, македонски јазик – немало! Во секој случај, тој факт така (ќе) го толкува Софија и на таа основа ќе капитализира во идното негирање на нашиот јазик. Логиката е јасна, особено кога се знае дека Софија токму од таа година, “најдарежливо и благородно“, ни “признава“ дека има македонски јазик кој е, нели, само дијалект на бугарскиот. Сакале или не, со потпишување на документ во кој ќе се спомнува 1944 година, ние само ја потврдуваме нивната теза. За Софија нема дилеми дека до тогаш македонски јазик не постоел а овој што е измислен на АСНОМ, не е оригинален туку е само дијалект.

Второ, и клучно, со потпишувањето на еден таков документ ние официјално прифаќаме дека нашиот јазик е спорен. Се согласуваме да го ставиме на маса за понатамошна постапка.

Истата кардинална грешка ја направивме во 1995 година, кога Стево Црвенковски, како МНР, ја потпиша за нас катастрофалната Привремена спогодба со Грција. Во неа, исто така за прв пат, ние официјално потврдивме и, што е најлошо, прифативме дека нашето име е спорно. Такво нешто немаше во документите на ООН. Знаеме што следуваше и како бевме срамно прекрстени. Сега, историјата ни се повторува на уште посуштински прашања – нашиот идентитет и јазик.

Трето, и исклучително важно, со нашето нагласување на тој неспорен факт и датум, како што веќе спомнавме, макар индиректно и имплицитно, ние се согласуваме дека македонскиот јазик постои од 1944 година. Така е бидејќи во текстовите  недостасува дел во кој покрај датумот на кодификацијата би стоело дека македонскиот јазик бил со векови користен од Македонците. Ниту се спомнува дека Крсте Мисирков, на почетокот од 20 век, ја направил првичната кодификација на македонскиот јазик. Кога би имало такви објаснувања, самото спомнување на 1944 не би било спорно. Контекстот во кој тоа се прави, меѓутоа, има сосема јасна цел – да покаже дека Бугарија е во право во однос на негирањето на македонскиот јазик. Тоа е играта: овците божем се на број ама волкот ќе си го земе своето. Последиците ќе следат, исто како и со Привремената спогодба. Пандорината кутија ќе биде отворена и се’ друго ќе биде рутина.

Четврто, со потпишувањето на еден ваков документ, кој недвосмислено претставува подметнување на кукавички јајца, ние воопшто не ги затвораме и решаваме бугарските монструозни измислици и манипулации околу нашиот јазик и идентитет туку само ги одлагаме со поткопување на нашата позиција и зајакнување на нивната. Уцената за нашиот јазик и идентитет, наметнати од Софија, секако дека не завршува со еден ваков документ. Напротив, таа само доаѓа до израз и жестоко ќе продолжи во процесот на преговори. Може само да се замисли што ќе следи а тоа секако ќе биде погубно за Македонија. Пак ни се повторува историјата. Нашите умници не лажеа дека со потпишувањето на срамните договори со Грција и Бугарија се решени сите проблеми со овие соседи а, впрочем, како што се гледа, тие беа само отворени и ставени на маса со сите катастрофални последици по нас. Сега е Бугарија во фокусот ама, наскоро, ќе се врати и Грција. Многу работи и за нив остануваат нерасчистени. Сега чекаат и си гледаат сеир.

Се работи за софистицирани дипломатски чекори со кои се релативизираат корењата на македонскиот јазик а, преку него, и на националниот идентитет. Тоа е и главната поента на Бугарија а поддршката која тие ја уживаат е доста широка. Ова се врвни финеси кои кај нас нема кој да ги детектира а камоли разбере. Исто како и во 1995, со Привремената спогодба. Последиците, неизбежно ќе следат. Кој знае какви се’ скриени замки има во португалскиот документ. Ние одамна моравме да ангажираме врвни светски експерти во врска со нашето име и бидејќи тоа не го направивме завршивме на ѓубриштето од историјата. Сега сме во апсолутно иста ситуација и грешката не смееме да ја повториме. Треба под итно да се формира нешто како Меѓународен совет за спас на македонизмот, со врвни домашни и странски експерти. Кога се знае конфигурацијата на врвот на државата, јасно е дека такво нешто не доаѓа предвид бидејќи ќе работи против нашата капитулација која упорно се спроведува. Сепак, наше е да ја спомнеме оваа опција како суштинска за спасот на Македонија и Македонците и да работиме таа да се реализира.

Во дадените услови, веројатно би требало МАНУ, заедно со Институтот за македонски јазик, да започнат постапка со која аргументирано би се покажало дека првата кодификација на македонскиот јазик ја направил Крсте Мисирков, со паралелно повикување и на Ѓорѓија Пулевски. Почетокот на 20 век треба да биде датумот на кодифицирање на македонскиот јазик додека 1944 и 1945 година може да се сметаат како период кога јазикот е финално доработен. Треба да се најде соодветен термин. Таа одлука е наша и никој не може да ни се меша. Ако науката тргне во таа насока, политиката нема да има моќ да ја спречи. Притисокот, кој секако ќе следи, ќе предизвика само револт кај народот. Интересно е и искуството на Албанците. Тие го слават денот на албанската азбука во 1908 година, што е пред формирањето на  државата. Колку што е познато, на конгресот во Битола биле одбрани две азбуки кои немаат врска со сегашната. Тоа, сепак, не им пречи за да слават. За разлика од нас, тие знаат што е држава и како треба да се чува.

Пишува, Ристо Никовски.

5 КОМЕНТАРИ

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This