Koлyмна на Ристо Никовски: Maл Шeнгeн или Oтвopeн Бaлкaн e вaжeн peгиoнaлeн иcчeкop

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

Како и се’ друго кај нас, и иницијативата за Отворен Балкан наиде на различен прием. Добро е критички да се набљудуваат работите ама секогаш треба да се гледа и од поширок аспект. Нам, редовно ни недостасува (отворена) дебата за тоа што се планира, и тоа е сериозен проблем. Претходните анализи се нагласено важни за Македонија, којашто мора да биде особено внимателна на сите иницијативи, од каде и да доаѓаат, бидејќи веќе цели 30 години е жртва на туѓи нелегитимни интереси. Тоа, што ни се случува сите овие години по распадот на Југославија, недвосмислено покажува и потврдува дека самостојна македонска држава не е прифатлива за главните “западни демократии“. Веројатно, тоа е резултат на нивните “високи стандарди“ за демократија, човекови права, владеење на правото… во кои, очигледно, не се вклопува и држава на македонскиот народ. Врз кои критериуми тоа го прават, нека цени секој сам. Боли главата кога ќе се согледаат сите нелегални, непринципиелни, неосновани, насилни… и слични голготи на кои сме биле крајно безмилосно изложени сите овие години.

На македонскиот народ му беа и се’ уште му се оспорени универзалните права кои мора да ги ужива и секој човек на планетата земја, а не една мирољубива држава. Просто е за неверување дека главните меѓународни фактори продолжуваат со бесмислена политика спрема Македонија, иако сме веќе длабоко навлезени во 21 век. За да немаме никакви дилеми, преку петпарачки политичарчиња од соседните земји, намерно или не, отворено ни беше порачано дека Македонија може во ЕУ ама не и македонизмот! Со други зборови, не можат – Македонците. Во нормални услови, таквите пораки би биле смешни и жалосни ама кога зад нив стои и тоа го диктира единствената светска супер сила, како во нашиов случај, тие се опасно сериозни. Извршителите, пак, како во случајов поранешниот бугарски претседател, Р. Плевнелиев, кој ни ги откри стравотните планови на странците дека за Македонците нема иднина и тие се дел од минатото, се само ситни избрани вазали за гнасни задачи.

Веројатно веќе не се многубројни тие што се’ уште веруваат дека Македонија е блиску до членство во Унијата. Не само поради соседите кои бездушно ќе не попречуваат во секое од 35 поглавја во преговорите, туку и поради нејзината неспремност и незаинтересираност да се проширува. И утре да ги започнеме преговорите, тие ќе траат барем две децении а можеби ќе ни се повтори случајот со Турција, која никогаш нема да стане членка, иако преговара од 2005. Унијата се затвори и нејзино проширување долго ќе нема. За шесте балкански држави, членството останува далечен сон, не со години туку со децении. Тоа е реалноста. Судбината им е слична на сите, ама Македонија многу потешко ќе влезе од другите, поради сопките од агресивните соседи. Камшикарот, што го посакуваат и бараат нашите политичари, за некој друг да ни ги среди работите во државава, долго нема да се појави. Ако тие веќе признаваат дека се некадарни, тоа е знак дека е време да се повлечат. Способни луѓе има во секоја држава.

Во дадените услови, преку Белград, се појави иницијативата за Мал Шенген, којашто беше планирана за Србија, Албанија, БиХ, Црна Гора, Косово и Македонија. Според достапните информации, идејата дојде од САД. Берлинскиот процес на Меркел, кој навистина има допирни точки со оваа иницијатива, и со неа е на некој начин загрозен, е веројатна причина зашто ЕУ покажува резерви.

Проектот го започнаа Србија, Албанија и Македонија. Потоа, се приклучија БиХ, Црна Гора и Косово, ама со колебање и на пониско ниво, и повторно се премислија. Предвидливи и повеќе димензионални се причините зошто Косово се држи по страна: а) света работа за нив се границите со Србија а ако влезат во проектот би требало да ги укинат. Тие водеа крвава војна за да ги постават…; б) главен играч во проектот е, сепак, Србија, а таа е нивниот главен душман; в) се плашат дека ќе станат второстепени или нерелевантни отворените прашања со Белград, меѓу другите и меѓусебното признавање, што е за нив од клучно значење… Во секој случај, тоа се погрешни ставови: Приштина многу повеќе ќе загуби ако остане надвор од проектот отколку ако се приклучи. Најдобар доказ за тоа е инсистирањето на нивниот ментор, Вашингтон, и тие да се вклучат. Тоа дојде до израз и при средбата на Вучиќ и тогашниот косовски премиер, Хоти, во Белата куќа во Вашингтон, во 2020, кога потпишаа спогодба во присуство на Трамп, а Косово се обврза да се приклучи во проектот. Тоа директно ја потврди и главната улога на САД во иницијативата.

Колебањето на Црна Гора може да биде резултат само на нивните оценки дека се веќе на самиот влез во Унијата и дека се’ друго може да им ги комплицира работите, што е сосема погрешно. Подгорица е далеку од Брисел речиси колку и останатите пет земји, иако  преговара од 2012. Со членство во Отворен Балкан, тие нема ништо да рескираат и може само да добијат.

Колебањето на БиХ, пак, изгледа дека е резултат на евентуално влијание на ЕУ, преку високиот претставник, Инцко, сврзано со совпаѓањата со Берлинскиот процес. Други причини не се гледаат.

Кога веќе е неспорно дека членството во ЕУ е далечна иднина за шесте балкански држави, овој проект не може да се смета како алтернатива туку само како начин регионот побргу да се развива и со тоа забрзано да се приближува до стандардите на Унијата. Со новата методологија за прием, нивото на економскиот развој на кандидатите е еден од поважните критериуми кој, пак, најтешко се достигнува и за којшто се потребни децении. Создавањето на регионални услови, слични на тие во Унијата, е логичен и нормален потег со кој се забрзува членството. Вакво нешто мораше да се направи многу порано, барем пред 10-тина години, што значи дека идејата доцни.

Што сакаат САД да постигнат со проектот – е прашање кое има повеќе одговори. Прво, воопшто не е случајно што ја туркаат Србија во преден план. Така се зголемува нивното присуство во земјата и е можност да се намали тамошното влијание на Русија та и на Кина. Второ, ги закопуваат воените секири меѓу Албанците, кои се нивни миленици, и Србите. Тоа се двата најбројни народи во регионот, коишто до сега биле предолго конфронтирани. Со овој потег, треба да се обезбеди долгорочен мир меѓу нив а со тоа и на Балканот. Трето, на овој начин, се отвора и можност за полесно надминување на недоразбирањата меѓу Белград и Приштина, што е нагласен интерес на САД. Четврто, ова е доказ дека САД трајно остануваат во регионот. Петто, со овој потег, САД ја ограничуваат регионалната улогата на ЕУ и тие остануваат неспорен “газда“. Шесто, преку Балканот, САД ќе можат најлесно да влијаат врз иднината на ЕУ, на начин кој ќе одговара пред се’ на нивните интереси. Неверојатно е ама точно дека САД често гледаат на ЕУ како на конкурент место на логичен и природен партнер и сојузник.

Се чини дека е само прашање на време кога ќе се приклучат и Црна Гора, и БиХ та и Косово. Косовскиот премиер, Курти, нешто се буни, ама ќе му помине. Кога Вашингтон нешто ќе реши… Американците не се повлекуваат туку, така од своите намери и планови што, во овој случај, е добро за Балканот.

Може да се заклучи дека шесте балкански држави, оставени пред вратите на ЕУ, немаат друга алтернатива отколку да се свртат кон самите себе, со цел да ги максимализираат своите економски потенцијали преку забрзување на развојот и спроведување на длабоки општествени реформи. Нивната меѓусебна соработка ама и конкуренција, ќе бидат стимул за сите. Ова е потег кој потврдува дека иднината зависи пред се’ од нас самите. Иако ЕУ се колеба, ако оваа соработка навистина успешно тргне и се развива, Брисел ќе насочи големи финансиски средства кон шесте држави. Ќе се шири еден позитивен круг, во интерес на сите – од Балканот, преку Брисел, Берлин, Париз… до Вашингтон.

Македонија немаше избор и не можеше да ја одбие иницијативата. Таа е во секој случај корисна за нас и ако не се вклучевме од самиот почеток, ќе направевме историска грешка. Директивата да се прифати проектот веројатно ни е наметната од надвор ама во овој случај таа е во наша корист. Унијата е далеку, засега недостижна, а во меѓувреме мора забрзано да се напредува. Факт е дека Македонците во Бугарија и Грција ќе бидат надвор од новата зона ама, во дадените услови, друго чаре нема. Впрочем, со капитулантските договори со Бугарија и Грција, ние веќе ја покажавме и нагласивме грижата за нив. Во однос на Албанците, пак, јазично веќе ја федерализиравме државата а со новиот закон за државјанство, како изгледа, го отворивме патот илјадници Албанци да станат државјани на Македонија. Каква корупција ќе следи за добивање на ова државјанство, може само да се замисли.

Отворен Балкан не е поголема опасност за Македонците од сето тоа. Во исто опкружување ќе бидеме и ако еден ден влеземе во ЕУ, со многу повеќе и поголеми разни други закани.  Објективно, ова може да се смета како обид за забрзување на движењето кон Унијата. Воопшто не е важно дали поголем ќар од овој проект ќе имаат Србите и/или Албанците, тој ќе биде корисен за сите коишто уште долго ќе бидат надвор од ЕУ. Интересите на Македонија во Отворениот Балкан не може да се оспорат и тие треба да се искористат. Друго е прашањето што ние, во меѓувреме, за што поскоро членство во ЕУ, крајно непотребно ги жртвувавме името на државата и идентитетот на народот. Во конкретниот случај, државата беше водена на најлош можен начин, врз сосема погрешни претпоставки и за тоа мора да следи соодветна, не само политичка одговорност.

Примери за регионална соработка во Европа има повеќе. Некои датираат уште од 1944 година (БЕНЕЛУКС), други од 1952-та (Нордискиот совет), Вишеградската група е од 1991, Советот на државите од Балтичкото море е од 1992… Без исклучок, сите биле многу успешни а главна цел им била забрзување на севкупниот развој на членките и поширока интеграција. Во оваа група секако спаѓа и Европската унија, иако е таа голем проект. Од сите треба да се учи преку детално анализирање на нивните искуства.

Ако сака да опстане и да се шири, проектот Отворен Балкан неизбежно ќе мора да формира и своја организациска структура, било секретаријат или нешто слично. Сите регионални соработки имале свои органи. Со оглед дека ние сме најмалиот член, треба да се инсистира седиштето да биде во Скопје. Со тоа ќе се нагласи улогата на Македонија во проектот и ќе ја редуцира доминацијата на двата поголеми партнери. Не само за таа цел, Македонија треба веднаш да одреди повеќе експерти, од разни области (дипломати, економисти, од транспортот, трговијата, аграрот, образованието, здравството…), да започнат со собирање на соодветни искуства за функционирањето на Отворен Балкан и да подготват конкретна систематизација за телото кое би се формирало.

Пишува, Ристо Никовски.

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This