April 16, 2024, 10:54 pm

Koлyмнa на Ристо Никовски: Haшитe „пoлитичapи“ и бyгapcкaтa aгpecиja

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

Се вратил таткото од пат и синот, кој го заменувал во долгиот судски спор, видливо горд, се пофалил дека го решил случајот на кој тој работел цели 30 години. Шокиран, стариот адвокат му рекол дека од тој процес, кој одамна можел да биде затворен, било финансирано неговото школување. Оваа шега, во која секако има и доста вистина, потсетува на однесувањето на “нашите политичари“. Тие се нагласено горди што капитулиравме во асиметричните договори со Бугарија и Грција и отворено го манипулираат народот дека со нив ги цементирале нашиот национален идентитет и јазик. Посмешно нешто сигурно не сте чуле. А двата договори, такви какви што се, на целосна наша штета и дијаметрално спротивни на стратегиските интереси, можеле да ги потпишат сите претходни политичари и на почетокот на 1990-тите години и било кога потоа. Сосема со право, тие тоа не го направиле. Договорот со Бугарија, Груевски го преговараше речиси 10 години и не го потпиша бидејќи не беше спремен на капитулација. Не ги прифаќаше заедничката историја и другите налудничави барања. Заради тоа, Борисов јавно го плукаше. Тоа, меѓутоа, беше американски проект и затоа го сменија. Впрочем, нема ништо полесно отколку да капитулираш и да ги предадеш фундаменталните интереси на својата држава и народ.    

Замислете само колку е цементиран нашиот национален идентитет кога се знае дека се’ што е македонско сега ексклузивно и припаѓа на Грција а Бугарија сака да потпишеме дека сме (биле) Бугари. Како може тоа да се тврди кога ние не смееме да ги користиме ниту името Македонија а уште помалку придавките македонски/а/о, вклучувајќи и кога тие се однесуваат на МРТ, на МАНУ, на МОБ, на МИА…, на нашето вино… на нашиот туризам…. со еден збор на се’. Ујдурмата е целосна кога се знае дека во Скопје имаме Албански и Турски театар ама Македонски не смееме да имаме. Таков може да има само во Грција. Засега, народот и јазикот некако се провлекуваат како македонски ама тоа е само привремено. Според планот, целосниот погром ќе следи во преговорите за членство во ЕУ. Најтрагичен е веројатно фактот што тие што ги разнебитија македонската држава и народ или не знаат, или не разбираат, или изигруваат недоветност… дека се’ што остана од македонизмот по Нивици и договорот со Бугарија, ќе биде докусурено во процесот на преговори. Планот е прецизен и одамна подготвен во Вашингтон.

Иако малку прерано, процесот веќе започна деновиве. Атина официјално побара прекрстување на нашата ФФМ и го оспори правото на користење на меѓународен код – мкд, од страна на нашата фудбалска репрезентација на европското првенство. И, што е клучно – тие се во право. Ова е само почеток. Сега беа одбиени ама тоа ќе се финализира во преговорите. Договорот од Нивици не е никаква Библија. Ако Грција веќе ни “дала“ некакви “права“ во него, а кои се спротивни на меѓународната пракса, едноставно – тие нема да важат. Така е бидејќи ако веќе сме прифатиле дека нема држава со име Македонија, нема никакви услови да постојат или опстанат било какви деривати од неа. Барем тоа што се појавува на меѓународната сцена. Меѓу нас, по дома и што потивко, ние ќе можеме да се нарекуваме Македонци и да ги користиме придавките, се’ додека времето и нив не ги избрише. Токму како што се случи и со Македонците од Грција и Бугарија: целосен постепен геноцид.

Не само  логиката туку и праксата се неспорни: не може да има Фудбалска федерација на Македонија, ниту код мкд, и многу што друго сврзано со претходното име, ако веќе нема таква држава. А – нема. Држава што не постои не може да генерира никакви институции, организации, кодови, трговски брендови… Така функционира светот. Новото име (ќе) мора да се рефлектира на се’, без исклучок. Токму затоа и не прекрстија – не за самото име да се промени туку за дериватите кои произлегуваат од него. Тоа пред се’ важи за народот. Целта на целата операција беше да се избришат Македонците. Не треба да чуди дека токму на таа основа Грција ги постави барањата во фудбалската сфера. Картите се веќе отворени и треба само некој да ги сфати. Се’ што е во договорот од Нивици спротивно на меѓународната пракса и принципи, никого не обврзува. Тие се над билатералните договори. Грците тоа одлично го знаеја кога го потпишуваа договорот и затоа ни фрлаа разни трошки за утеха (на пример, дека се’ што не е финансирано од државата, демек, можело да биде македонско), а нашите таленти немаа поим што ќе се случува благодарение на нивната неукост.

Да повториме: ова е само почетокот на нашите нови страдања. Никој нека не се сомнева дека и химната ќе ни оди курбан. Барем текстот. Тој е несоодветен бидејќи државата која ја опева веќе не постои. Долги години, на химната и се остреа Албанците и тоа не го криеја. Особено Села и сличните на него. Меѓутоа, кога сфатија, а веројатно и им кажаа, дека во преговорите за ЕУ неизбежно ќе ни ја сменат, мудро се повлекоа, си молчат и чекаат. Ех, да им беа нашиве политичари макар до колена на албанските во земјава, кај ќе ни беше крајот. Тие секој ден ни држат лекции како треба да се бори за националната кауза и да се чува и гради сопствениот идентитет. Нашите го прават токму спротивното.

Никој не треба да има никакви илузии дека во нашава земја ќе остане нешто чисто македонско. Чекор по чекор, новото име со додавката ќе мораме да го вградиме во се’ каде ќе стои било Македонија, било придавките македонски/а/о. Со договорот од Нивици, тоа е завршена работа. Егзекуцијата е постепена и долгорочна со цел за полесно да не дотолчат. Тоа ќе биде ужас без крај. Во преговорите, Грција и Бугарија често ќе се појавуваат со своите барања, како сега за фудбалската репрезентација. Меѓутоа, тоа не мора секогаш да бидат Атина или Софија. Зошто, на пример, промена на нашата химна да не бара Кипар и тоа на принципиелна основа дека таква држава – нема? Истото важи и за се’ друго. Со додавката, Македонија е сосема нов меѓународен субјект.

Брисел да гарантира за спроведување на договорот, по барањето на Софија, е друга бркотија во која самите се пикаме. И, што е чудно, иако со некакви прилагодувања од таму го прифаќаат тоа, што е надвор од умот. Унијата нема и не може да има такви ингеренции. Договорот е билатерален, не е потпишан по барање на Брисел и не смее да добива пошироко значење. Уште почудно е што и “нашите“ се согласуваат со гаранциите веројатно не сфаќајќи за што се работи. Прво, не им е јасно дека Брисел нема таков мандат и второ, никој од нив најверојатно не се запрашал – а за кои делови од договорот Софија бара гаранции? Тие во никој случај не се однесуваат за изградбата на инфраструктурата која ќе ги поврзува двете земји; ниту за брз развој на економската соработка; ниту за проширување на односите во науката, образованието, здравството, човековата околина… Не, апсолутно не, за ништо од тоа и слично на тоа. Бугарија бара гаранции дека – а) ќе прифатиме и потпишеме дека историјата ни е заедничка, што значи бугарска; б) дека македонскиот јазик ни е според Уставот, што значи дека не е автохтон и е, ipso facto, дијалект на бугарскиот; в) дека во Бугарија нема Македонци, иако 13 пати е осудена од меѓународен суд за нивното малтретирање и г) дека бесмислената заедничка комисија ќе ги реализира нивните националшовинистички небулози за нашите бугарски корени. Ништо друго. Колку е опортуно да се согласиме со гаранциите на Брисел, ценете сами.

Ќе заклучиме дека нашата погубна надворешна политика не доведе во срамна и понижувачка позиција во однос и на Грција и на Бугарија. Додека Софија грми дека ние не постоиме како народ, дека немаме свој јазик и историја… туку сме нечија измислица, истовремено нас не обвинува дека шириме омраза против нив! Просто неверојатно! Таква бесмислена и неоснована пропаганда немал ниту фашистот Гебелс. Бугарите, тоа го шират и низ целиот свет додека ние трпиме (Трпе) и молчиме! Каква недоветност! Бугарите се тежок клинички случај ама ние сме уште полоши.

Пишува, Ристо Никовски.

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This