Koлyмнa нa Ристо Никовски: Во Бугарија пpoдoлжyвa дa дoминиpa кoмyниcтичкaтa идeoлoгиja нa Живков

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

Во “отворениот меморандум“, кој Софија пред некој месец го испрати до Брисел и до сите членки на Унијата, со “барање врз таа основа да се водат преговорите за (наше) членство“, меѓу другите фалсификати и будалштини, пишува – “Архивите сведочат за егзекуција на повеќе од 20.000 луѓе помеѓу 1944 и 1946, кои се идентификуваа како Бугари и ја претставуваа политичката и интелектуалната елита на СР Македонија. Повеќе од 100.000 Бугари беа убиени, затворени, прогонети или испратени во концентрациони логори“!? Тоа е невидена, неразумна и срамна бугарска лаж и криминална измислица. Според некои информации, такви податоци објавил некој Гоцев, лидер на ВМРО-БНД пред Каракачанов, во книга објавена во 1998 година, без ништо конкретно, без доказ, без документ… и со блеф – потврда за тоа имало во архивите! Вакви бесрамности не користеле ни најголемите измамници во историјата. Впрочем, во тој период (1944/46), благодарејќи на Георги Димитров, односите биле многу добри. Најмизерното во оваа бугарската ароганција и отворена бламажа е што и БАН манипулира со овие од ракав извадени бројки. Зарем е можно луѓето што седат во тој пантеон на знаење да немаат ни грам достоинство и чесност барем човечки, ако не научни? Фактот, пак, што Брисел го толерира сето тоа зборува за Унијата како обична збирштина на тешки бирократи, водени од лични интереси. Нема за нив поинаков соодветен израз освен – мршојади! Место да ги удрат по прсти забеганите шовинисти во Софија, тие ни порачуваат да се договориме со нив! За што – дали сме тоа што сме? Единствено “оправдување“ може да им биде нашето молчење. Во тоа има и некаква логика: навистина е несфатливо некој да те прави ѕвер а ти да не реагираш. 

Македонија мора веднаш да бара докази од Софија дека сме сотреле толку “Бугари“ и, ако ги немаат, што е неспорно, меѓународно да се изрезилат и да се испитаат можностите да се дадат на некој европски суд или меѓународен орган (ООН, Совет на Европа…), за да се осудат за ширење на шовинистичка пропаганда. Тешко дека може да се замисли нешто по монструозно, од лагите што Бугарија ги пласира за Македонија низ светот. Би им позавидел дури и нивниот поранешен пријател, Гебелс, царот на фашистичката пропаганда. Впрочем, ако се убие и малтретира толкава маса народ, тоа не би можело да се скрие ниту во една Кина од преку милијарда и пол луѓе. По војната, Македонија имала околу милион жители што значи дека се убивани по двајца на секои 100. Што правеле нивните најблиски роднини? Сите ли молчеле? Ако биле прогонувани преку 100 илјади, тоа значи цели 10 проценти од населението. Ако така било, а не било, сличен терор и злочин не се случиле никаде и никогаш во историјата. И пред, и потоа. Дали треба да се пријавиме кај Гинис?

И во претходната колумна стана збор за книгата на бугарскиот историчар Чавдар Маринов – “Македонското прашање од 1944 до денес“. Книгата добива на значење бидејќи никаде во неа не се спомнува дека по Втората светска војна во Македонија биле убиени 20 илјади Бугари а преку 100 илјади биле малтретирани и затворани, како што измислува Софија. Маринов детално ги истражувал бугарските архиви а навлегол и во делата на македонските историчари и, очигледно, за такво нешто нема никакви документи, докази или сведоци, што значи дека го измислиле  денешните “генијалци“ во Софија. Како поинаку да го убедат народот дека ние сме дивјаци кои мора да ги казнат со блокади и уцени за ЕУ? Тоа покажува дека Софија е спремна на се’ за да ги реализира своите историски синдроми. Подметнуваат тешки измислици а, истовремено, зборуваат дека сме биле неосвестени “Бугари“? Зарем не им е јасно дека од такви браќа, убијци, се откажува секој нормален човек.

Исто како Грците подоцна со името, Маринов пишува дека и раководството на БКП, читај – Живков, уште на почетокот на 1960-тите имало изграден став дека јазикот е клучот за негирање на Македонците. Од тогаш почнува и целосното игнорирање на македонскиот јазик и негово третирање како дијалект на бугарскиот, што сега само се реактуелизира. Во меѓувреме (1999 и 2017), ние направивме катастрофални грешки потпишувајќи дека јазикот ни е според Уставот, што значи дека не е автохтон. Маринов регистрира и дека уште од 1972 година Софија барала заедничко одбележување на историски личности и настани. Тоа е уште еден доказ дека комунистичките ујдурми на Живков и денес се актуелни та дури и понагласени од некогаш. Логиката насочува дека врската на сегашните бугарски политики со комунизмот мора да е лично Борисов. Како “горила“ на Живков, на еден или друг начин, тој сигурно бил импресиониран и задоен со неговите ставови а сега има ретка можност да ги имплементира. Кој вели дека членството во ЕУ носи цивилизациски и демократски придобивки?

Има уште една сличност со времето на живковизмот. Според Маринов, тогаш објавиле дека во периодот 1968-1969 македонскиот печат објавил повеќе од 1.500 статии со антибугарски карактер. И денес се жалат за истото само што додаваат една нула на бројката. Така, во целата оваа бугарска ујдурма, која трае преку еден век, “најоригинално“, најчудно и најневеројатно е што Софија цело време зборува за некоја наша омраза кон нив, и за антибугарска политика, а ниту тогаш, уште помалку сега, не ги бројат нивните антимакедонски “изливи на љубов“, со кои се негира дека постоиме како народ, дека немаме свој јазик… За нив, веројатно, тоа се изрази на “братство“, преку “докажани историски факти“. Не ја забележуваат својата неконтролирана агресија со која против наша волја сакаат да не присвојат, после што, да бевме и кучиња ќе ги замразевме. Толку ли се ограничени ова да не го сфаќаат? Можно ли е да плукаш некого, да го газиш и да се чудиш зошто реагира? До таму ли се забегани нашиве бугарски “пријатели“? По ова што сега ни го прават, зарем може да не им е јасно дека на секој Македонец, а ние сме тоа, нека простат, му се крева утробата кога ќе се спомне нивната држава? Тоа не е веќе омраза туку гадење кое ќе има долги последици. Бугарското однесување е само нова потврда дека национализмот, особено спакуван во шовинизам како кај нив, е тешка и неизлечива болест од која нема спас. Вакви парадоксални ситуации, како нивната политика кон Македонија, го изместуваат и дипломатскиот речник: мора да се бараат изрази, кои не служат на чест.

Елаборирајќи ги политиките на живковизмот кон Македонија, Маринов одлично поентира (стр. 83) – “очигледно, грижата за ’добрососедство’ останала на последно место. Триумфирале чисто националистички мотиви, ставајќи ја во погон машинеријата на државата-партија“. Денес нема “држава-партија“ ама тоа не им пречи на “демократите“ во Софија да покажат дека комунистичката идеологија, во нејзиниот најлош сегмент, неуморно продолжува во Бугарија. Ова мора да им се предочи на нашите тамошни “пријатели“, особено што сега имаме дури и договор за добрососедство кој тие безобѕирно го игнорираат. Неспорно е дека кога ќе навлезеш во калта, назад – нема. Само пропаѓаш. Вековната бугарска политика кон Македонија е одличен доказ за тоа. Тие, на пример, од една страна тврдат дека не ослободиле во 1941 година кога ја окупираа земјата, претходно освоена од германските фашисти. Сега не уверуваат дека Македонија ја ослободиле и на крајот од Втората светска војна.

Бугарскиот фашизам капитулира на 9 септември 1944 година, откако земјата беше ослободена од Црвената армија. Тито, пак, во договор со Георги Димитров, со цел да се рехабилитираат од фашизмот, им дозволи на новоформираните бугарски единици да учествуваат во завршните операции за ослободување на Македонија. Повод и причина бил ставот на Димитров дека пиринскиот крај треба да се обедини со Македонија, во рамките на Југославија. На таа основа им беа простени и воените репарации од 25 милиони долари, кои требаше да и ги платат на Југославија (Македонија). Улогата на бугарските единици била апсолутно маргинална. Арно ама, според нивната логика, второто “ослободување“, кое е тешка лага, можело да биде само од нивниот фашизам! Со тоа, пак, и првото автоматски се бриши.

Во бугарските политики имало и колебања. Според Маринов, кон крајот на ноември 1971, во Будимпешта, Живков му рекол на Киро Глигоров дека – “во Пирин, не живеат само Бугари туку и Македонци“. Нема податоци дали македонската страна ја искористила оваа изјава? Истата година, во Софија имало спремност да се потпишуваат и на македонски јазик билатералните договори со Југославија. Во ноември, така бил потпишан – Договор за прекугранично движење. Најмалку три договори биле потпишани на македонски и бугарски јазик а има индикации дека биле пет и дека еден од нив се’ уште важи. Лесно може тоа да биде токму Договорот за прекугранично движење. Наша непростлива грешка е што не инсистиравме на продолжување на таа пракса. Интересен е заклучокот на Маринов дека – “и покрај бројните бугарски жалби, постоењето на македонскиот народ и јазик, во глобала, не биле оспорени од советските академици. Ист бил случајот и со другите социјалистички земји, каде што бугарското раководство активно ја пропагирало својата позиција за македонскиот спор“. Ова е добар индикатор и сега да бараме поддршка од овие држави. Ако тогаш не попуштиле на бугарската агресија, денес е тоа уште помалку возможно. Впрочем, реакцијата на Чешка и Словачка, околу рамката за преговори во ЕУ, директно го потврдува тоа. Дека ставот на Москва и на другите не бил случаен потврдува и следното. Во мај 1967 (стр. 73 – 74), во Софија бил Крсте Црвенковски, претседател на ЦК на СКМ. Разговорот со Живков бил жесток. Клучно е дека Живков ја реафирмирал невозможноста да се признае посебен македонски национален идентитет со искрено признание: “што треба да му кажам на ЦК на нашата партија каде што повеќе од 50 проценти од членовите се Македонци! Што треба да му кажам на Сојузот на писатели каде што 100 од 300 се Македонци!“ Ова е, всушност, главниот проблем на Бугарија – грото на политичката, воената и интелектуалната елита секогаш биле – Македонци.

Книгата на Маринов е значаен и важен документ за македонско – бугарските односи, особено во сегашните услови.

Ристо Никовски.

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This