Koлyмнa нa Ристо Никовски: „Пoгyбeн cлoвeнeчки пpaгмaтизaм“

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

Се потврдува дека словенечкиот (не)документ за иднината на нашиот регион, сепак, постоел. По распадот на Југославија, не е прв пат Љубљана да сака да игра некаква улога на југословенскиот простор. Пред повеќе години, се обидоа да посредуваат и меѓу нас и Грција. Тие се свесни за својата инфериорност во НАТО и ЕУ и преку Балканот сакаат да си го билдаат рејтингот, што е мудра политика.

Во конкретниов случај, очигледно форсираат нешто сосема погрешно и крајно неприфатливо, само за да бидат во центарот на случувањата. Албанија и Косово веќе по многу што функционираат како една држава и тоа се’ повеќе ќе се проширува во иднина. Границата меѓу нив е само формална и никој не знае што се случува на неа. Повремените најави, пак, дека ќе се обединуваат се чисти блефови и притисок врз меѓународната за да решат некој конкретен проблем или да исполнат одредени интереси. Тоа мудро го прават и треба да им се честита. Меѓутоа, неспорен факт е дека формално обединување подеднакво не им одговара ниту на Тирана, ниту на Приштина, барем во еден подолг период. Вака, разделени а сепак едно, многу им е покорисно и на меѓународен а особено на регионален план.

Албанците од Косово и Албанија доста се разликуваат меѓу себе и никогаш не живееле во иста држава, освен во отоманската империја кога беа во различни вилаети. Гегите, кои се агресивни и радикални, доминираат на Косово додека Тоските, кои се поцивилизирани, се бројни во Албанија. Тие тешко функционираат заедно. Уште посуштинско од тоа е што политичарите од двете страни никогаш нема да се договорот кои од нив треба да бидат главни. Тиранците или приштинците. Тие не можат да се сложат меѓу себе за никаква поделба на власта. Додека сите се неверојатно единствени околу националното прашање, за што заслужуваат почит, на национален план тие цело време се гледаат преку нишан. И Рама и Баша, во Албанија, и Харадинај и Курти на Косово, и Ахмети и Села во Македонија…

Сега, кога националното прашање главно го решија, факторот на кохезија меѓу нив се губи ама интересите остануваат. По независноста на Косово, проектот за Голема Албанија е со преку 75 проценти реализиран и надвор им останаа само Албанците во Црна Гора и во Јужна Србија. Грција немаат намера да ја актуализираат во блиска иднина. По сите неспорни успеси кои ги постигнаа на национален план, благодарејќи на странскиот спонзор, може да се очекува се’ порадикално  и поагресивно однесување на албанскиот фактор во регионот, што сериозно може да ја загрози безбедноста. Токму затоа, сите планови за некакво прекројување на границите, најблаго речено, се надвор од умот.

Од друга страна, треба да сме начисто дека проблемот меѓу Србија и Косово ќе остане замрзнат уште подолго време, без оглед кога, колку и какви преговори ќе има. Тоа веројатно ќе биде актуелно кога Србија ќе влегува во ЕУ а до тогаш ќе поминат уште доста години. За Белград, обединувањето на Косово со Албанија е неприфатливо од принципиелни причини. За Македонија, пак, подобро решение е северниот дел на Косово да се врати во Србија, отколку создавањето на Заедница на српски општини. Првото би значело завршување на нелегалното отцепување на Косово, со некаква мала сатисфакција на Србија. Второто би било опасен преседан кој би можел да се следи и во Македонија, на што Албанците неизбежно ќе инсистираат. На Косово, тоа би значело српска држава во нивните граници додека кај нас би било формално федерализирање на земјата и трета албанска држава.

Разбивањето на Босна и Херцеговина, пак, е невозможна мисија која, безусловно, би водела во поширока војна. Факт е дека државата е нефункционална и затоа се потребни реформи, меѓутоа без прекројување на границите. Токму за таа намена, САД деновиве официјално предложија модификации на договорот од Дејтон. И тие идеи многу тешко ќе се спроведат бидејќи Република Српска е апсолутно против. Промени и реформи во БиХ се неопходни ама треба да се бара начин кој ќе биде прифатлив за сите, а не преку притисок и наметнување на решенија. Бања Лука нема во никој случај да прифати деградација на државниот статус на Република Српска и ако тоа се гарантира, веројатно се можни и одредени промени на Дејтон. Ако не се преземат порадикални мерки кои, меѓутоа, не смеат да бидат спротивни на интересите на Република Српска, проблемите еден ден ќе експлодираат на штета на сите, со можни незамисливи последици. Треба на време да се бараат практични излези без да се очекува промена на лидерите кај сите три страни, што може да потрае. Доаѓање на помлади некомпромитирани сили, кои ќе бидат и пофлексибилни, секако е посакувано ама времето не е сојузник на БиХ. Добар индикатор во тој поглед може да биде изборот на новата градоначалничка на Сараево, која е тотално непозната во јавноста.

Поделбата на БиХ е невозможна и поради фактот што ако Република Српска се обедини со Србија, Херцег – Босна со Хрватска, бошњачкиот дел останува неупотреблив. Како изгледа, во Дејтон не случајно беше формирана бошњачко – хрватската федерација, веројатно со замисла таа еден ден да се приклучи кон Хрватска. Денес, меѓутоа, тоа не изгледа многу возможно бидејќи Бошњаците тешко би прифатиле такво решение.

Како и да се земе, сега да се тргне во акција за прекројување на балканските граници, што се чини дека е предлог на Јанша, би значело забивање на нож во грбот за цел Балкан. Тоа е повеќе од бесмислица и авантура. Тоа е крајно неодговорно.

Се’ заедно, повторно се враќаме на проширувањето на ЕУ на целиот Балкан со што автоматски би се премостиле најголемиот дел од овие натрупани проблеми кои се инаку нерешливи. Со тоа, постојните граници максимално ќе се релативизираат, движењето на луѓето, стоките и капиталот ќе биде целосно слободно и сите сегашни неизбежни национализми ќе ги загубат своите “аргументи“. Брисел, меѓутоа, не е на нивото на својата улога и проширувањето го има ставено под маса, иако се обидува да не увери во спротивното. Неспособноста на ЕУ да го менаџира, го остава Балканот и понатаму во рацете на САД чии, пак, регионални интереси се по многу што спорни за речиси сите балкански земји. За утеха, едно е сигурно: нови војни во регионот нема да има бидејќи тоа би ја вратило Русија. Меѓутоа, сериозно ќе недостасува и вистински мир бидејќи надворешните сили и понатака ќе ни ја кројат судбината, на штета на најголемиот дел од Балканците. Вината, сепак, не е нивна туку во најголем дел наша бидејќи тоа го дозволуваме. Кога двајца се караат, секогаш користи третиот.

Да завршиме со Словенците. Тие секогаш профитираа преку својот прагматизам. Поради својата нагласена себичност, виновни се и за начинот на кој се распадна Југославија. Отворениот федерален пазар безмилосно го експлоатираа и таа политика ја продолжуваат и денес кога сите продавници низ регионот се полни со нивни стоки. Секоја им чест. Знаат како треба. Се развија благодарејќи на другите делови на Југославија кои им беа отворен пазар. Тогаш, на пример, “Горење“ ги извезуваше машините за перење за 120 до 150 долари а на домашниот пазар истите ги продаваше за 450 долари. Три пати поскапо. Имам лична потврда за тоа бидејќи купив машина за Куба, каде службував. Имаше и пострашни случаи. Ми прегоре грејачот на бојлерот исто така на “Горење“. Не го продаваа туку мораше да го вгради нивниот сервис. Ми наплатија преку 900 илјади динари. За сите други машини, грејачите можеше да се купат во продавниците и чинеа меѓу 150 и 180 илјади динари. Чиста пљачка, што друго. За случајот ја информирав јавноста со текст во “Нова Македонија.“ И, нормално за наши прилики, никому ништо. Словенците си нашле овци и зошто да не ги стрижат? Овие примери се само илустрација на словенечкиот прагматизам, кого го нагласивме и на почетокот. Тие само потврдуваат дека во Љубљана не ги интересира ништо друго освен нивните интереси, какви и да се тие. А, за да ги постигнат своите цели, тие немаат никакви скрупули и не ги интересира судбината на другите. Моралот не е нивна јака страна.

– Пишува, Ристо Никовски.

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This