Koлyмнa нa Трифун Костовски: Пpвo лицe eднинa

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

Денеска решив да ве ослободам од мојата континуирана потреба да пишувам за криминалното носење на Еуростандард банка во стечај. За денешнава колумна бев поттикнат од двајца мои пријатели на Фејс Бук со што сакам да го споделам во себе интимното со вас, а се однесува на вредносниот систем во релација со поединецот во нашето општество.

Денес против мене се води истражна постапка за стечајот на Еуростандард банка, иако за тоа нема никаков повод ниту докази. Уште повеќе, не дај боже да сум помислил да направам злостор врз моите коминтенти, односно бившите коминтенти на Еуростандард банка. Веќе седми месец сум активен на социјални мрежи. Стекнав многу пријатели од причина не само да ме запознаат како човек, хуманитарец, човекољубец, туку и како човек кој  мисли и носи заклучоци во сите полиња на нашето живеење, човек кој има капацитет критички да го согледува светот и себеси. Нека биде јасно, Еуростандард банка отиде во стечај поради моја невнимателност, поради преголемата верба во луѓето. Јас не бегам од овој неоспорен факт.

Многумина од моите пријатели на социјалните мрежи ме доживуваат на идентичен начин како и сам себеси што се доживувам, хуман во душа, човек спремен да сподели мака и радост со пријател, познаник и непознаник. Во изминатите децении со мојата економска моќ, помагав на сите полиња каде што имаше потреба од моја финансиска поддршка, и непознати и познати, и индивидуално и општествено. Го помагав мојот предходник на функцијата Градоначалник на Град Скопје , Ристо Пенов, со хортикултурното озеленување и осветлување на тогашната Водњанска, а денешен булевар Мајка Тереза. Го помогнав во изградбата на кејот покрај Вардар спроти Градскиот трговски центар со канделабри, клупи, бидејќи во тие времиња животот на скопјани се одвиваше токму во тој дел на градот. Помагав во изградба на верските објекти од православна и муслиманска вероисповест. Помагав во изградбата на споменичните обележја во Битола – споменикот на браќата Манаки и Коста Рацин во Велес. Помагав во спортот, во културата, во уметноста, а најповеќе помагав на социјално загрозените групи на граѓани и луѓе кои се соочуваа со вистински здравствени проблеми. И денеска моето име фигурира во најголемата болница во Австрија, АКХ, како најголем приватен финансиер за лекување на мои сограѓани од Македонија. Повторувам, помагав со мои лични средства заработени на чесен начин, што сакав да ги споделам со моите сограѓани. Носител сум на многу награди во  Македонија и надвор од Македонија. Во Македонија ги добив сите највисоки државни награди за моите дела и највисоки верски признанија од името на МПЦ и ИВЗ. Добитник сум на награда за најдобар стопанственик во Југозападен Балкан во 2015 година од Универзитетот Хумболт во Берлин. Бев член на Меѓународната кризна група, на Советот  за меѓународни односи на САД, член на најсилната Невладина организација, поддржана од најсилните економски држави, за борба против сидата во светот. Филнатропијата ми беше насошна. Човекољубието – водилка на моето битие. Говорам во минато време „бев“…  А денес што сум? Жигосан од мојата татковина за криминал? Човек кој сиот имот го стекнал надвор од Македонија и во најголем дел го изгубил во сопствената Македонија, токму поради владеењето на криминалот, а посебно на организираниот криминал.

Во Скопје, заедно со покојниот Академик Томе Серафимовски, го изградивме споменикот на Мајка Тереза на улица Македонија, исто таков споменик од Мајка Тереза подаривме на Ватикан и во збратимениот град Нирнберг, Германија.

Почитувани пријатели, денес и покрај сиот мој минат труд и инвестирање во Македонија ставен сум во истражна постапка пред Јавното обвинителство на Република Македонија за организиран криминал. Јас и криминал! Тоа во мојот човечки код е незамисливо. Единствено што сум украл во животот биле цреши од мојот комшија и зелени кајсии. Не дај боже да сум посегнал по туѓо материјално богатство.

Најотворено прашувам, дали јас ова го заслужувам од институциите на Република Македонија, посебно од оваа Влада која ја води Република Македонија?

Предходното прашање го поставувам чисто како предизвик пред секој од нас, поединец во Република Македонија, дали ќе дозволиме сѐ што е квалитетно и убаво во Македонија да биде предмет на толчење и замолчување?

Македонија имала и ќе има уште многу слични луѓе на мене кои треба да бидат почитувани. Не можам да го прифатам фактот што одредени високо интелектуални кругови, делото на Мајка Тереза, девојчето од Скопје, Гонџа Бојаџиу, денес светица во католичката вероисповест, хуманитарка и нобеловка, за што ние скопјани и граѓаните од целиот регион треба да бидеме горди, го омаловажуваат со зборовите од типот „доста направивме за неа“.

На Балканот имаме само двајца нобеловци, нашата Гонџа и Иво Андриќ. Ваквите луѓе не смееме да ги заборавиме, туку, напротив, треба да бидат поттик за создавање нови генерации кои би можеле да бидат идни нобеловци.

Почитувани пријатели, самите вие донесето го заклучокот дали е ова општество кое почива врз моралот, правото и правдата? Дали е ова предизвик за секој поединец дека ова не смее повеќе да се толерира? Коренити промени ѝ се потребни на Републкика Македонија, но најпрво треба да завладеат правото и правдата, а пред сѐ, да се осознае значењето на заедницата и заедничките добра кои ќе почиваат врз капацитетот и интегритетот на благородниот поединец.

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This