April 19, 2024, 10:18 am

KOЦКАТА Е ФРЛEHА: АКО ЗГPEШАМ НЕКА ИЗГOPАМ!

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

Пишува Слободан ТОМИЌ

“Да, јас згрешив. Не е крај на светот. Во три години мандат и јас имам право на грешка“, заврши Талат Џафери и замина, да се надеваме во историјата, од местото каде што ја одржа последната прес конференција во Собранието. И покрај тоа, се трудел да победи Гласот на народот! Да, господине Џафери, ќе победи Гласот на народот, но тој мора да биде правичен и конзистентен, да важи за секој и за сите!

 

 

 

 

Носењето на најконтроверзниот Закон за Јавното обвинителство во Македонскиот парламент е куриозитет во светската историја на правото и парламентарната демократија.

Вакво носење на закони немало, ниту верувам има во друга држава. И врапците се смеат на парадоксалните и криминалните однесувања на структурите на таканаречената коалиција или до вчера парламентарно мнозинство, како да се заштитат и амнестираат од кривичните дела сторени во изминатите години во Македонија од засегнати лица кои по секоја цена ги рушат правните процедури и законите.

Носењето на закони за сопствени потреби и заштита е одлика на тоталитарну режими каде се’ се маскира, затскрива и брише. Ако знаеме како се конституира парламентарно мнозинство, сега распуштено, каков беше изборот на “претседател“ на Собранието, неговото однесување и иконографијата која ја користеше во кабинетот, тогаш се’ е јасно.

Па, зарем ова е возможно?! Претседателот на законодавниот дом го поништи официјалното гласање во Собранието!

Секако, Закон за Јавното обвинителство како единствен и самостоен државен орган кој ги гони сторителите на кривични дела и на други со закон утврдени казниви дела, треба да се донесе. Никој тоа не го спори.

Но, Македонија е држава на парадокси и гротески. Најголемите арамии велат “се залагаме и ќе се бориме против кражбите“. Ама, на крај истите извикуваат: “Држте го крадецот!“ и за правда маршираат. Патетика и патологија.

И после се’ и покрај се’, сепак коцката е фрлена. Овојпат, на овој башибозук, треба да реагираат пријателите ни од Запад и преку барата, без пристрасност или приклонетост кон едни или други.

Сега го чекаме епилогот од распишаните парламентарни избори. Бев учесник на три претседателски избори во САД во 1996, 2000 и 2012 година. Беа фер и ја изразија вољата на народот. Така е и во Германија, Франција и во други европски пријателски држави.

Па, и кај нас народот сака со сите белези европска односно светска држава во која ќе владеат законите, правото и правдата, а не рекет системот и оружјето по улиците, казината, училиштата…

Коцката е фрлена, и секако ќе се паднат добитните комбинации, ликови кои досега не беа во политиката и кои не ја доживуваат пратеничката функција или фотеља како извор за богатење и сопствен и семеен престиж. Пратеничкиот мандат треба да се потврди и оправда со конкретни и позитивни придобивки за вољата и интересите на народот.

Парламентот треба да биде расадник на правичност, професионалост и пред се, национална кохабитација меѓу партиите и пратеници, независно од политичката идеологија кога се во прашање државата и националните интереси. Гласот на народот не смее да биде монета за поткусурување или лично збогатување!

Се прашувам зошто не постои институтот отповикување на пратеник? Оваа е веќе пракса во многу европски држави. Се сеќавам на еден мој работен престој во Германија при посетата на германскиот Бундестаг. Имав можност да присуствувам на еден Бундестрат, дебата на седница на парламентот за отповикување на народен пратеник, поради неисполнување на предизборно ветување, верувале или не, за незавршени градежни зафати и асфалтирање на неколку улици?! Е, тоа е демократија, тоа е Гласот на народот!

И повторно, што нам ни значи признавањето “Да, згрешив“ при скандалот со поништувањето на гласањето на Законот за Јавно обвинителство? Има ли одговорност во таа суспензија на демократијата? Да биде уште попарадоксално, нели истите пратеници на ДУИ кои беа коалициони партнери на “криминалната власт“ предводена од Никола Груевски, сега се партнери на СДСМ? Е, како тие останаа “чисти“ како утринска роса, а грешници само “дечките“ на Груевски? Ако има “хот-лајн“ снимки за ВМРО-ДПМНЕ, има ли и за ДУИ, СДСМ и останати? Ако згрешиле сите, нека сите до крај изгорат, а не само селектираните за отстрел поради политички реваншизам, омраза и одмазда!

Конечно, може ли кривично да се процесуираат само снимките до 30 јуни 2017 година, а најсвежите за Фрики, Кики, Зеко и многу други од таборот на СДСМ да не важат?!

Кој згрешил или се огрешил по законите нека се соочи пред лицето на правдата! Ако порано имавме сваровски судии и обвинители, денес се шетаат со луј вотон торби. До кога вака?

Дали нашата пријателка од Калето треба да ни одговори на ова прашање? Или треба да се потсетиме на 2001 година, кога имавме селективна правда и ексклузивна амнестија?

Не сакам да ме разберат лошо нашите најголеми пријатели Американците со кои имаме потпишано многу силни договори и кои треба да ни бидат сидро, ако не за напред, барем за зацврстување на пријателските односи. Тука мислам и на нашите пријателски земји и народи Израел, Турција, Русија, Кина, во кои е моќта на планетата. Се разбира, никој не помислува да им’ наштети на силните и моќните пријатели, туку во дружбата со нив да бидеме со достоинство, а не со искривена кичма и наведнати!

За крај, дали овој народен револт за поништување на Законот за јавното обвинителство пред Уставниот суд ќе го иницира повторно само претседателот на Светскиот Македонски Конгрес Тодор Петров, чии судии веќе долго време се неми, глуви и слепи? За потсетување, Уставниот суд се’ уште не ја процесуира единствената иницијатива за поништување на одлуката за избор на Талат Џафери за претседател на Собранието од 2017 година? Талат Џафери се огреши, ја изгоре државата, народот вели “Ако згрешил, нека и тој изгори!“

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This