KOBAКC мeхaнизмoт нa ceдницa нa Bлaдaтa, „AcтpaЗенека“ cycпeндиpaнa и вo Франција, Италија и Германија

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

На седница на Владата денеска се очекува да се дискутира за прашања поврзани со вкацините преку КОВАКС механизмот. Тоа вчера го најави министерката за одбрана Радмила Шекеринска, која рече дека очекува на седницата на Владата да се дискутира за дел од прашањата поврзани за добивање, пристигнување и исполнување на условите во однос на вакцините од КОВАКС механизмот.

– Знам уште од претходно дека сите услови кои се побаруваа во делот на КОВАКС механизмот како држава одамна ги исполнивме. Уште во самиот почеток на овие подетални разговори околу користење на механизмот бевме посочени како држава која ги исполнува условите, изјави вчера министерката за одбрана Радмила Шекеринска.

Од ГАВИ, Алијансата за вакцини, задолжена за КОВАКС механизмот вчера за МИА не одговорија прецизно дали Република Македонија ги исполнува условите за да добие вакцини.

Оттаму нагласуваат дека е во контакт со сите учесници во КОВАКС за дистрибуцијата на вакцини, но без повеќе детали за процесот во однос на нашата држава.

– За дозите да можат да се испорачаат до учесниците на програмата преку оваа прва рунда на испорака, повеќе критични делови мора да бидат присутни, вклучително потврда на националните регулаторни критериуми за авторизација поврзани за испораката на вакцини, договори за обесштетување (за сите учесници со секој производител), национални планови за вакцинација како и логистички фактори како лиценци за извоз и увоз, велат за МИА од ГАВИ.

ГАВИ, Алијансата за вакцини, која е задолжена за програмата Ковакс преку која се испраќаат вакцини на земји со среден или низок приход, вчера рекоа дека владите се информирани за првата рунда дистрибуција за тоа на кој датум ќе ги добијат дозите, а роковите би требало наскоро да бидат јавно соопштени.

Додека се чекаат вакцините, за вакцинација досега се пријавиле вкупно 137 022 граѓани, од кои 80.201 преку веб-страницата „vakcinacija.mk“, а 56.821 преку матичен лекар.

Од вакцините кои пристигнаа во нашата држава, досега се вакцинирале 4782 здравствени работници.

Бројот на новозаразени и натаму се движи околу 23 отсто од тестираните. Од 1258 тестирања направени во текот на претходното деноноќие беа регистрирани 284 нови случаи на позитивни на коронавирусот. Во исто време, оздравеа 449 пациенти, а починаа 21 лице.

-Пријавените 21 починат пациент се на возраст од 52 до 93 години и тоа осум од Скопје, по двајца од Прилеп и Охрид, и по еден од Куманово, Тетово, Штип, Струмица, Струга, Кочани, Неготино, Гевгелија и Пробиштип. Сите пациенти се починати во болнички услови, соопшти вчера Министерството за здравство.

Вкупниот број Ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата достигна 112.930, на оздравени пациенти е 98.133, на починати е 3.340, а на активни случаи изнесува 11.457. Најмногу активни има во Скопје – 5646, Прилеп – 804, Кавадарци – 607, Охрид – 469, Куманово – 395, Неготино – 384, Тетово – 364, Гевгелија – 300. Во другите градови под 300. Најмалку активни има во Македонска Каменица, само двајца, а во Дојран пет.

Како што се зголемува бројот на новозаразени, така расте и бројот на хоспитализирани. На инфективните оддели во земјава се лекуваат 1040 пациенти со Ковид-19 и има околу 370 празни болнички кревети. Во Скопје вкупно 436 лица сомнителни и потврдени за Ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели. Голем број од пациентите се на кислородна поддршка. Во ковид – центрите во болниците во другите градови во претходното деноноќие е пријавено дека се лекуваат вкупно 604 пациенти.

Поради зголемениот број пациенти кои имаат потреба од хоспитализација, отворени се и работат ковид – центрите на Клиниката на нефрологија, Клиниката за Гастроентерохепатологија, Клиниката за очни болести и ковид-центарот на Клиниката за уво нос и грло.

Во ГОБ „8 Септември“ има вкупно 73 болни, а на Клиниката за инфективни болести има 131 пациент, додека во Институтот за белодробни заболувања кај деца Козле има 29 пациенти. На ГАК има четири хоспитализирани ковид позитивни пациентки. Во болниците во главниот град има околу 50 слободни места. Во болницата во Битола се хоспитализирани 60 пациенти позитивни и суспектни на Ковид-19, во Куманово 100, во Охрид 75, во Прилеп 96, а во Кавадарци 64 пациенти.

Досега во светот со Ковид-19 се заразија над 120 милиони жители, починаа 2,6 милиони лица, а како оздравени се регистрирани 97 милиони луѓе.

Вчера од Европа стигна веста дека и Франција и Италија ја прекинаа имунизацијата со вакцината на „АстраЗенека“. Тие им се приклучија на многуте држави кои претходно го сторија истото, меѓу кои Германија, Холандија, Ирска, Данска, Норвешка, Исланд. Австрија, Естонија, Летонија, Литванија и Луксембург го прекинаа вакцинирањето со дози од една производствена серија на АстраЗенека, а Романија го стопираа користењето на друга производствена серија. Германија ја суспендира употребата на вакцината „како превентивна мерка“ по пријавувањето на несаканите ефекти. Од регионот тоа го направија Хрватска и Бугарија.

Францускиот претседател Емануел Макрон денеска изјави дека вакцинацијата ќе престане сè додека Европската агенција за лекови (ЕМА) не спроведе нова процена за тоа дали постои некаква врска меѓу вакцината и пријавените инциденти на згрутчување на крвта.

„АстраЗенека“ завчера соопшти дека нема докази дека нивната вакцина против Ковид-19 го зголемува ризикот од згрутчување на крвта.

И Светската здравствена организација (СЗО) вчера соопшти дека ги анализира извештаите поврзани со вакцината на „Астра Зенека“ против Ковид-19, но дека досега нема докази дека некои здравствени проблеми биле предизвикани од вакцината.

Британскиот премиер Борис Џонсон рече дека оваа вакцина е безбедна и оти британската Влада е сигурна во нејзината употреба.

Ист став со СЗО и Британија има и Европската агенција за лекови (ЕМА) која исто така објави дека нема докази оти вакцината на „Астра Зенека“ која се распределува во земјите преку КОВАКС механизмот е причина за здравствени проблеми како згрутчување на крвта или смрт во повеќе земји, кои го запреа нејзиното користење.

Данската здравствена служба, пак, вчера соопшти дека 60-годишна жена која починала откако примила вакцина АстраЗенека имала исклучително невообичаени симптоми. Таа имала мал број на тромбоцити и згрутчување на крвта во големите и малите крвни садови, како и внатрешно крвавење. Неколку слични случаи се потврдени и во Норвешка и во базата на податоци на Европската агенција за лекови за несаканите ефекти. И Бугарија и Хрватска поврзаа смртни случаи по вакцинирањето со „Астра Зенека“, кои, како и многу други држави го прекинаа вакцинирањето со таа вакцина.

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This