Koлyмнa нa Ристо Никовски: „Диплoмaтcки aмaтepизaм“

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

Деновиве, читаме дека привремениот вршител на должноста амбасадор на нашата земја во Софија бил повикан во МНР за да му врачат протест. Повод била анализата на љубљанскиот институт во која се прави партал бугарскиот нецивилизациски однос кон Македонија. Нашиот “дипломат“ отишол на состанокот. Згрешил само што не го поканил и словенечкиот амбасадор да му прави друштво, за да сето тоа има барем некаква смисла. Нам ни е веќе сосема јасно дека Софија целосно го изгубила компасот кога е Македонија во прашање, и ова е само нивна нова глупост. Сепак, грешката е дури повеќе наша – што бара нашиот дипломат во нивното Министерство за такво прашање? Да објаснува зошто Словенците им одржале одлична лекција? Тоа не е негова работа. Впрочем, со самото прифаќање на позивот за средба на која треба да се прими некаков бесмислен протест, се остава впечаток дека во сето тоа има и наша вина, која треба да се правда или објаснува. На таква средба едноставно не се оди а вака е демонстриран класичен дипломатски аматеризам. Пред да преземе таков чекор, ако веќе не му било јасно како да постапи, човекот морал да се консултира со надлежните во Скопје.

Многу е веројатно дека во Бугарија настанот бил максимално медиумски експлоатиран, со што и е нанесена додатна сериозна штета на нашата земја. Особено со измислената верзија дека зад анализата на словенечкиот институт стои нашата влада.

За време на службувањето во Тирана (1998 – 2002) имаше бројни инциденти на границата меѓу двете земји. За разлика од нас, тогаш Албанија воопшто не ја обезбедуваше, немаше граничари, и албанските шверцери масовно и секојдневно илегално ја преминуваа. Имаше и смртни случаи бидејќи шверцерите по правило беа наоружани и не се либеа да пукаат во нашите граничари а овие беа присилени да одговараат на огнот.

Повторно се случи смртен случај и сите албански медиуми распалија против Македонија. Тоа често се случуваше а поводи не им недостасуваа – лесно ги наоѓаа и измислуваа. Злоупотребуваа и мали ситници така што многу често Македонија беше пожестоко напаѓана дури и од Србија на Милошевиќ, која беше нивни главен душман поради војната на Косово. Може само да се замисли каков одличен повод им беше смртниот случај на границата. Албанската министерка за надворешни работи, Арта Даде, веднаш побара средба без да кажат за што се работи. Претпоставувавме за темата ама сепак баравме официјална информација при што ни беше потврдено дека е граничниот инцидент. Во меѓувреме, дознавме дека истото попладне ќе заседава и парламентарната Комисија за надворешна политика и дека главна тема е токму граничниот инцидент. Ја одбив средбата со образложение дека од надлежните органи од Скопје чекам официјални информации што точно се случило и откако ќе ги добијам ќе може да се одржи истата.

Подоцна дознавме дека во закажаното време пред МНР биле камерите на сите албански телевизии и новинарите на другите медиуми за да снимат и објават како бил “испрашен“ македонскиот амбасадор. Веднаш по средбата, Даде заминала во Парламентот за да даде извештај за случајот на спомнатата Комисија при што главен аргумент требало да биде вложениот протест. Утредента, место клучна вест да биде протестот, со нови напади врз Македонија, во еден од највлијателните весници, преку цела страница имаше наслов – “Никовски и рече – НЕ, на Даде!“

Ова е проста дипломатска техника ама треба да се знае. Дипломатијата е занает кој долго се учи а дипломатската служба државите ја градат макотрпно и со години. Во неа нема место за партиски војници. До каде е стигната нашата дипломатија, е друго прашање. Многу кажува самиот фактот што во многу држави, вклучувајќи ги и најважните, предолго време немаме амбасадори. Тоа зборува многу и за самата земја, особено кога се знае дека, по распадот на Југославија и самостојноста, главните проблеми со кои се соочува Македонија се од дипломатски карактер. Токму затоа сме на ова дереџе.

– Пишува, Ристо Никовски.

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This