Koлyмнa на Ристо Никовски: „Улoгaтa нa САД вo oдлaгaњeтo нa пoпиcoт, бyгapcкaтa aгpecиja“

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

Последниве денови (почеток на април 2021), САД излегоа со неколку јавни  иницијативи околу Македонија. Знаеме дека заменик помошникот државен секретар, Метју Палмер, зборуваше со лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Мицкоски; пред кусо време видовме дека премиерот Заев бил на разговор во Амбасадата на САД, што е инаку крајно невообичаена пракса; а Палмер дал интервју и за Гласот на Америка, главно околу бугарската агресија врз Македонија. Треба да се спомне и годишниот извештај на Стејт департментот за човекови права, иако е тоа одвоен проект…

Спремноста на Заев да се сретне со Мицкоски и да попушти околу пописот апсолутно не е негова одлука туку надворешен диктат. Горе – долу, истото важи и за Мицкоски околу концесиите на кои се сложи главно околу Собранието. Вашингтон е очигледно загрижен за состојбите во земјава кои се безизлезни по многу што а со тоа е доведен во прашање и опстанокот на Заев. Тој се’ уште не ја завршил доверената мисија за бришење на Македонците, за да биде пуштен низ вода. Неразумните политики на Софија директно ја доведуваат во прашање неговата позиција и затоа е реакцијата на САД. Сите нивни потези, и кон земјава и кон Бугарија, мораат да се гледаат и во тој контекст. Софија се прецени и им создаде главоболки, сакајќи да ја избрише и нашата лична меморија, инсистирајќи дека до 1945, сите сме биле “Бугари“. Ако се обидуваа да ни наметнат дека нашите предци од пред 100 и повеќе години се чувствувале “Бугари“, ќе имаше некоја “логика“, ама вака… Така, и “задачата“ за негирање на Македонците, дефинирана главно од Тодор Живков, ќе им беше релативно полесна. Поедноставно е да се манипулира со нешто од пред век и повеќе отколку со жива меморија какви што се нашите спомени со родителите и дедовците кои не учеле дека сме Македонци а не Бугари кои, пак, како фашисти, ја окупирале земјата. Со своите будалштини, Софија го стави Заев во без излезен ќор-сокак и затоа реагираа САД. Впрочем, и САД се најдоа во небрано бидејќи нивното основно сценарио, за бришење на Македонците, што мора да биде постепен процес, преголемите амбиции на Софија го доведоа во прашање.

Најдобра потврда каде била диригентската палка за одржување на средба Заев – Мицкоски и одлагање на пописот, се лидерите на албанската опозиција, Села и Гаши. Тие беа кај американската амбасадорка на баци рака бидејќи се противеа на одложувањето. Тоа го затвори кругот. Не знаеме за контакт на американците со Али Ахмети ама дека имало, не треба да има сомнежи. Речиси е сигурно дека и тој бил “пријателски убедуван“. Поради утврдената методологијата, пописот е главен интерес на Албанците и ДУИ доброволно не би прифатила одлагање, иако неуспехот на пописот ќе беше тежок пораз на Заев. Американското ангажирање околу Бугарија, се вториот дел од проектот.

Очигледно е дека и понатака не сме способни сами да ги решаваме проблемите. Како, инаку, би личеле на протекторат? Фактот што Македонците не се кадарни а дури не се ни обидуваат да изградат државна и национална стратегија барем за клучните работи, е друго ама суштинско прашање. Прво, како најбројни во државата, тие треба да седнат и меѓу себе да се договорат за стратешките правци на развој на државата и на македонскиот народ а потоа да се договорат и со Албанците и другите, ама како мнозинство кое знае што сака и како треба. Тоа е суштината на демократијата, не малцинските уцени и блокади. Само така можеше да се одржи македонскиот карактер на државата кој е сега речиси целосно уништен. Вака, во прашање се доведува и безбедноста на земјата. Се’ е во хаос, постојано има кризи и уцени, главно поради кавгите меѓу Македонците.

Пораките на Палмер за Бугарија, мора прецизно да се анализираат. Прво, во изјавата нема никаква замерка, камоли критика на бесмислените барања на Софија. Двете страни се третираат на ист начин, што е неприфатливо бидејќи од нас се бара нешто невозможно. Второ, тој се залага проблемите да ги решаваме на билатерален план а разликите меѓу двете земји се фундаментални и решение нема на дофат што значи дека во блиска иднина нема ниту членство во ЕУ. Трето, НАТО и ЕУ не внесуваат отворени проблеми при зачленувањето. Инсистирањето уцените на Софија да се одвојат од процесот на прием, воопшто не е реално. Четврто, позитивно е одлучното залагање за меѓувладина конференција до крајот на годинава ама тоа е чиста реторика бидејќи истовремено жестоко се критикува и нивото на корупција во земјава, што е суштинска причина за одлагање на преговорите. Ни дава цврста поддршка за преговори ама и причина зошто нив ќе ги нема и не ќе може да се случат и тоа не само заради Бугарија. Демек, вината е наша. Истата политика САД ја водеа и кога не блокираше Грција. Постојано нагласуваа дека едвај не чекаат во НАТО, ама условуваа дека претходно мора да се прекрстиме. Тоа беше жесток притисок да се обезличиме, без никаква поддршка.

Палмер не ги осуди ниту бугарските територијални аспирации. Рекол – “Сигурно никој не сака да види еден НАТО сојузник, НАТО партнер да му се заканува на друг“. Тоа ништо конкретно не значи. Искористил едно неспорно и општо правило кое важи за сите.

Нашиот однос и кон пописот, и кон Бугарија… е срамен и понижувачки за земјата. Покажува дека сме нефункционална држава. Жалосно е да се каже ама, на крајот од денот, мораме да им бидеме благодарни на американците бидејќи резултатот од нивниот ангажман е позитивен за земјата. Сосема беше извесно дека пописот нема да успее со оглед дека, со право, голем дел од народот немаше да ги прими попишувачите. Се избегнаа нов пораз и непотребни трошоци. Иако нема да биде лесно и засега изгледа невозможно, одлагањето барем отвора шанса да се интервенира и во методологијата, која е неприфатлива. Надвор од умот е да се попишуваат државјаните и тоа останува клучен проблем. Секаде се попишува само резидентното население. Од друга страна, Бугарија доби укор иако многу внимателно дозиран, што е корисно за нас.  Логична е претпоставката дека овогодишната американска подетална реакција на третманот на Македонците во Бугарија е резултат и на сегашната пренагласена бугарска агресивност кон Македонија, која не се вклопува во нивните планови. За прв пат, во извештајот на Стејт департментот за човекови права кај нив, во графата – “Слобода на здржување“, има текст во кој подетално се спомнува – “забраната за регистрација на групи на активисти на етнички – Македонци, како на ОМО – Илинден, Друштвото на угнетените Македонци, жртви на комунистичкиот терор и Македонскиот клуб за етничка толеранција во Бугарија“. Се нагласува дека тоа се случува – “и покрај мајската и повеќе од 10 претходни пресуди на Европскиот суд за човекови права“. Се спомнува и дека – “Комитетот за превенција на тортура на Советот на Европа, на 1 октомври, донесе интерна резолуција во која се изразува длабока загриженост“ за овие појави во Бугарија… За разлика, во 2017, 2018 и 2019 година, во оваа графа имаше само три реда во кои се спомнуваше дека – “власта продолжи да ја спречува регистрацијата на македонската група на активисти ОМО Илинден и покрај пресудите на Европскиот суд…“. Во 2016 година и пред тоа, немаше никаков текст во графата. Македонците воопшто не се спомнуваа.

Тоа е опомена за Софија ама исто така многу внимателно формулирана. Грубата реакција на Каракачанов – “да ги прашам тие никаквеци од Стејт департментот, каде видоа тие македонско малцинство“, не соодветствува на случајот. Тој се залетал и не  разбрал за што се работи иако е јасно дека тоа го кажал само заради изборите. Во клучната графа на извештајот, посветена на малцинствата, никогаш не се спомнува македонското. Очигледно, за САД нема такво нешто. Не е исто “малцинство“ и “етнички – Македонци“ или “македонска група“. Вторите и третите ги има и во Канада, Австралија… и се работи за нивно универзално право на здружување, кое Софија го спречува. Затоа ги критикуваат во извештајот, а не дека прогласуваат некакво македонско малцинство во Бугарија. “Етнички – Македонци“ може да има и во Кенија и никој не смее да го спречува нивното здружување. Таквите, пак, ќе ги снема кога ќе ги избришат Македонците во матичната држава. Процедурата е при крај. Оваа интервенција на САД е корисна ама нема никакво суштинско значење за нас.

Има индикации дека администрацијата на Бајден ќе биде активна на Балканот и ќе се обиде да ги решава преостанатите проблеми. Линијата (на огнот!) е Босна – Косово – Македонија. Започнаа со БиХ кога државниот секретар, Блинкен, испрати писмо до членовите на Претседателството, дека уставниот поредок, дефиниран во Дејтон, мора да се прилагодува. Како што е познато, Република Српска е апсолутно против таков чекор и се заканува со отцепување. Со оглед на состојбите на Косово, дијалогот со Србија останува неизвесен и затоа вниманието на Вашингтон се врти кон Македонија. Поради невозможната позиција на Бугарија, нивниот однос личи на нешто позитивно за нас ама така е само начелно. Бугарија се доведе во апсурдна ситуација, не оставајќи си отстапница од претераните барања. Се посрамоти и се конфронтира речиси со сите членки на Унијата а Брисел го стави во крајно непријатна позиција. Софија мора да бара решение. Треба да се очекува да почнат со маневри за повлекување на блокадата, веднаш по изборите. Сите ќе инсистираат на наши отстапки а ние мораме максимално да внимаваме бидејќи Софија нема друг избор. Тие треба да си го гризнат јазикот, не ние. Тоа е и нивни интерес бидејќи само во преговорите ќе можат да ни ги наметнуваат своите небулози. Со блокадата, сакаа да си ја зајакнат почетната позиција, преку поволни формулации во преговарачката рамка, и во тоа доста успееја. Исто како што во договорот за пријателство, заедно со нивниот главен партнер, ни ги подметнаа “заедничката историја“ и формулата за јазикот (“според уставот“), кои сега максимално ги експлоатираат. Последиците за нас се огромни. Сепак, не треба да забораваме дека голготите околу ЕУ се пред а не зад нас и ќе следат по прекинувањето на бугарската блокада.

-Пишува, Ристо Никовски

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This