Mицкоски: Јавноста треба да престане да се занимава со ВМРО-ДПМНЕ, на ред се СДСМ и Заев

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

ВМРО-ДПМНЕ доживува катарза, отвора ново поглавје, нови лица, ангажираме врвни професионалци. Јавноста треба да престане да се занимава со ВМРО-ДПМНЕ. Еве, мислам дека сѐ е кажано. Никој не гледа што се случува со државата, со кризата, со падот на економијата… Тоа се многу побитни теми од ова што се случува во опозициската партија, вели Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, во интервјуто за МКД.мк.

Последните одлуки на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ најавуваат некаков нов бран во дејствувањето на партијата. Што толку драстично се смени за да донесете вакви, би рекол, радикални мерки во однос на некои поединци?

– Се донесоа одлуки што верувам дека ќе го направат ВМРО-ДПМНЕ поцврсто. Едноставно некогаш треба и да се направат неколку чекори поназад за да потоа се направат големи исчекори нанапред. Оние 8 пратеници кои гласаа за уставните измени, и структурите од партијата кои решија да им помогнат, односно да се стават на располагање на целите зацртани од власта длабоко ме разочараа, пред сѐ затоа што го разочараа народот и интересите на граѓаните. Плурализмот на мислења е посакуван, и никогаш не ми паднало на ум да дистанцирам кој било поради различно мислење. Јас го стимулирам тоа. Но, она што се случи во петокот има сосема различна и поинаква димензија. Тоа е одработување на штета на партијата, одење спротивно на политиките на партијата која во изминатиот период на години им овозможи големи удопства, и ставање на услуга на власта против која се бориме, и се поради личен интерес. И тоа е нешто што не може да биде толерирано. Има луѓе кои исто како и пратениците кои стиснаа на копчето „за“, се под прогон, дури и поголеми притисоци, но тие гласаа против и не потклекнаа. И таквото виткање на кичмата не можеше да биде премолчено.
И не само поради мене, туку и поради секој граѓанин кој седеше пред телевизорот таа вечер и силно веруваше дека нема да попуштат пратениците, поради секој еден член на партијата кој утрата, денот и вечерите ги посветува на работа на терен и своите најубави години ѝ ги дал на ВМРО-ДПМНЕ, поради детето кое тоа утро ме праша тато нели нема да се попушти, и поради секоја подадена рака и апел на луѓето кои ме среќаваа и кои ми велеа да не се попушта, и поради зборот кој им го дадов дека нема повлекување.

Што ова значи за натамошното дејствување на партијата?

– ВМРО-ДПМНЕ затвора едно поглавје, и отвора друго. ВМРО-ДПМНЕ врти нов лист, ново поглавје во своето работење и се ослободува од она што било напластувано изминатите години, и силно се посветува кон уривање на оваа власт која нанесува огромна штета.

Затоа подаваме рака кон секого кој сака да ни се приклучи, бидејќи сега нашата мисија е натпартиска, сега нашата борба е поголема, се работи за државата, за спас на Македонија и градењето на една широка платформа во која е добредојден секој интелектуалец, секоја организација, секоја индивидуа која може да помогне, платформа за Македонија.

Која беше улогата на Никола Тодоров во собраниските настани на 19 октомври?

– Тодоров несомнено имал свое значење во партискиот живот на ВМРО-ДПМНЕ, имал свој удел и влијание во минатите изборни победи, исто како што имаат заслуга и многу други членови кои направиле тоа да биде можно. Некои велат дека е неговото дејствување е дејствување на уценет човек, некои велат дека власта го скршила, но времето најдобро ќе покаже. На Централниот комитет се одеше со детали за неговото дејствување спротивно на политиките на партијата и на нејзина штета, како и за дејствувањето на другите за кои беа донесени одлуки таа вечер да бидат разрешени или да бидат исклучени.

Какво било неговото дејствување?

– Не би сакал поради политичка коректност да навлегувам подлабоко. Воедно не можам да дозволам ширење на невистини дека раководството вршело жестоки притисоци и закани врз поединци од партијата да не гласаат по свое убедување, и тоа да се претставува за дефинирана слика пред меѓународниот фактор, да се оди по пратеници и да се убедуваат да гласаат спротивно на партискиот став, и за истото да се убедуваат други лица од раководството на партијата или намерно да се влечат потези со кој ќе се нанесе штета на партијата.
ВМРО-ДПМНЕ е отворена и демократска партија и бидејќи побара од партијата, се овозможи сослушување на ставовите на Никола Тодоров и покрај тоа што тој прилично некоректно и со навредливи зборови се изрази за партијата кон која сега сакаше да се обрати. Во зависност на аргументите партиските органи донесоа одлука.

Што е со заканите до вас и вашето партиско раководство пред референдумот, а што со заканите до пратениците пред гласањето за уставните измени за кои велите дека сумите за поткуп оделе и до 2 милиони евра? Имате докази, изјави, документи… за да отворите судски процеси?

– За првиот дел од прашањето ќе ви кажам дека нема уцена или закана која ќе ме премисли, уплаши или поколеба. И до творците на таквите закани и уцени ќе им порачам да не си го губат времето залудно. Што се однесува до вториот дел на прашањето, па има ли поголем доказ од тоа што има неколку пратеници кои си го сменија мислењето преку ноќ за 180 степени, иако самите јавно изјавуваа дека уставните измени нема да ги поддржат. И како тоа дури 6 од 8 пратеници, лично или индиректно, преку ним блиски луѓе се опфатени со монтирани случаи од власта, поточно со случаи од СЈО или 27 април. Дел од нив тоа и лично ми го признаа, дел од нив тоа го признале на други луѓе кои тоа отворено ми го пренесоа. И додека власта сака да прикаже дека сѐ е нормално, дека демократијата цвета, има пратеници кои сами ми се доверија дека им бил нуден поткуп. И кога ќе прашате зошто за тоа не поднесете тужби, ќе прашам каде да поднесеме тужби, и каде да бараме правда, од оние кои сето ова го прават, од оние кои монтираат случаи на дневна основа. Од нив нема правда. Ќе помине време и ќе има независно судство кои ќе ги разгледа овие работи.

За криминалот на поединци од минатата власт, високо позиционирани членови на партијата, ве повикувавме многу порано да се изјасните. Со барањето за исклучување на Мијалков тоа конечно и го покажавте. Од оваа временска дистанца мислите ли дека задоцнивте со ваквите потези, за кои претпоставувам дека ќе следат и други

– Не мислам дека е задоцнето. Катарзата која му беше потребна на ВМРО-ДПМНЕ се случува по еден природен пат. На крајот од тој процес верувам дека партијата ќе стане посилна и подготвена за големи победи, спротивставувајќи се на катастрофално лошата власт која ја уништува нашата земја во секој поглед. И ако од таму мислат дека само поради фактот што одбегнаа избори и на сила ги носат тие уставни амандмани дека државата ќе излегла од криза, тогаш длабоко се лажат. Тие со ваквото насилство, отворено корумпирање на пратеници и кршење на постулатите на демократијата државата ја туркаат во уште поголема криза. Нема уставните измени да ги спасат и поради тоа да ги задржат фотелјите. Напротив, народот многу брзо ќе ги стави на темната страна на историјата. Затоа ни е потребно силно ВМРО, а да се реорганизира партијата ќе ги направиме сите чекори за кои мислам дека се потребни. Нека не забораваат од власта дека ние сме ВМРО, а ВМРО било секогаш тука кога на Македонија ѝ било тоа потребно.

Груевски посакува силно и обединето ВМРО-ДПМНЕ, а од друга страна партијата е сѐ поразединета? Со исклучувањата на високопозиционирани и влијателни личности, партијата се дели, а не се обединува?

– И јас, и секој член кому ВМРО-ДПМНЕ му е важна посакува силна и обединета партија. За да се постигне тоа е потребно прочистување од елементите кои ги минираа нејзините политики и позиции. И таквата катарза не е нешто што е убаво или нешто што ме прави среќен, но е неопходна партијата да оди напред. А ќе оди напред преку обединување на сите прогресивни сили во државава, правење на македонска платформа која ќе ги соедини силите кои можат да направат исчекори во сите полиња и области. ВМРО-ДПМНЕ станува пријател и сојузник на секој поединец, организација или група која сака да помогне во спасот на државата и нејзината обнова. Имаме цунами во економијата, здравството, образованието, земјоделието, во секоја област и нѐ чека работа. Затоа повикувам на мобилизација на секоја прогресивна сила и максимално вложување сѐ до последниот атом на силите во постигнувањето на нашата цел. Членството на ВМРО-ДПМНЕ станува сѐ пообединето, сѐ посложно, а крајната цел е тука на дофат. Тоа е можно преку реструктурирано ВМРО-ДПМНЕ кое врти нов лист во своето дејствување и кое ќе победи на наредните избори. Ние го затвораме поглавјето на делби, и се фокусираме кон иднината.

Кои ќе бидат вашите наредни потези до декември кога треба да се усвојат уставните амандмани?

– Власта прави неповратна штета со насилното туркање на уставните амандмани и фактот што целата битка наместо борба со аргументи, се преточи во борба за гласовите на пратениците. На еден коруптивен начин, впрочем како што е и владеењето на оваа криминална власт, собраа двотретинско мнозинство кое им дава комодитет, и покрај нашето силно противење да го спроведат ова сценарио.

ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи да биде гласен критичар на власта, и немаме намера да отстапиме, или да влегуваме во нивните стапици на разно-разни комисии за некакво лажно помирување додека невини луѓе гнијат по затворите и се водат десетици судски процеси или истраги против стотици други. Едноставно, сега најдоа пратеници кои не издржаа, па им текна на помирување. Не оди тоа така, и ако се надеваат на селективна правда, таква неправда ние нема да поддржиме. Затоа го афирмираме нашиот закон за амнестија за инволвираните за 27 април кој ќе донесе слобода за сите и тој закон ќе го доставиме до парламентарните политики партии. Што се однесува до партискиот живот и динамика ВМРО-ДПМНЕ врши комуникации со големи општествени групи и поединци и ќе се посветиме на окрупнување на линијата против ова заедничко зло претставено од владата предводена од СДСМ.

Веќе наредната недела планираме воспоставување на советот на Извршниот комитет на партијата кој ќе биде составен во голема мера од нови ликови врвни професионалци од различни области, признати професори, доктори по науки, аналитичари и експерти кои во овие тешки времиња за нашата земја се одважуваат да помогнат. Тие ќе бидат нашата додадена вредност со кој ќе демонстрираме отвореност, нов квалитет, нов начин на работа и инклузивност. Тие практично ќе ги скенираат сите проблеми и области и ќе нудат решенија на ИК на партијата. Голем дел од тие луѓе се школувани во странство и со веќе изградени кариери. Ќе се шириме, отвораме кон квалитетни поединци кои ќе ѝ помогнат на државата. Ние силно ќе се фокусираме кон иднината.

Првата наредна прилика за предвремени избори сега може да биде заедно со претседателските, во април в година. Така ја темпирате вашата наредна активност?

– ВМРО-ДПМНЕ е подготвена за избори кога и тие да бидат. Сега очигледно тие одбегнаа избори. Но, наредниот пат Заев нема да го спасат пратеници, наредниот пат на Заев на изборите ќе му се случи народ. Оваа власт нема апсолутно никакво подобрување во ниту една клучна сфера, година и пол празна реторика и демагогија и едно чудо неостварени ветувања. Ова е најнеспособната влада досега, која меѓу другото ја загрозува и економската сувереност на државата и со ова темпо на задолжување прашање на време е кога ќе чукне на портите на меѓународните кредитори кои ќе ја условат земјава со преземање на дел од менаџирањето на процесите само за да ѝ дадат на Владата пари кои ќе ѝ бидат потребни, затоа што се неспособни да одат напред и да создадат услови за развој. Ако порано секоја недела ни се случуваше отворање на фабрики, патишта, училишта, сега нема ништо од тоа, нема ниту најава дека тоа ќе почне да ни се случува. Граѓаните се изморени од предолго чекање на резултати. Затоа оваа власт веќе го потроши својот кредит и народот жестоко ќе ги порази.

Ако тврдите дека 1,2 милиони граѓани на Македонија биле против Договорот од Преспа, зошто тие граѓани не излегуваат на улица против почетокот на промените во Уставот?

– Дека 1,2 милиони граѓани на Македонија беа против договорот е гол факт и тоа лесно се проверува. И кога ќе прашате дали ќе одите на улица, работата е што народот веќе си го кажа своето на референдумот, и одговорноста беше префрлена на политичарите да ја спроведат волјата на народот, но главниот проблем е што Заев и врхушката на власта ја поништуваат таа волја и работат спротивно на интересите на народот. ВМРО-ДПМНЕ цело лето и рана есен беше по улиците, протестираше, посетуваше домови, и не е никаков проблем тоа да го повториме. И тоа стои како опција, но потребно е власта да ја преземе одговорноста и да почне да го слуша народот. Граѓаните се заморени од лагите, лажните ветувања и очекувањата кои никако да се случат.

Какви ви се односите со претседателот Иванов?

– Со Иванов имам коректни односи, иако немам пречеста комуникација. Секогаш кога цениме дека тоа е целисходно за Македонија, тука сме да разговараме.

Ќе ја продавате, изнајмувате зградата во која се наоѓаме, т.н. Бела палата на ВМРО-ДПМНЕ?

– Размислуваме за рационализација на трошоците во партијата. Ако имаме соодветна понуда, објектот на штабот на партијата би го продале или би го изнајмувале доколку има соодветна понуда. Сега правиме еден вид на скенирање на пазарот, па ќе видиме…

По исклучувањето на Сашо Мијалков од партијата, прекинатите комуникации со Никола Груевски, дали ова симболично значи и некакво раскрстување со начинот на делување на поранешното партиско раководство?

– Да, некој може да каже дека има и некаква симболика во сето тоа. Но, велам, размислуваме за рационализација на трошоците. Работењето во еден ваков објект и неговото одржување станува прескапо за нас.

Приказната со Сашо Мијалков ја завршивте. Што станува со Никола Груевски?

– Со Никола Груевски немам никаков контакт веќе подолго време. По денешната информација за негово упатување на издржување на затворска казна сакам да се видам со него, да поразговарам и да видиме како може да помогнеме против овој политички прогон што се случува.

Тврдите дека се работи за политички прогон

– Кога зборуваме за предметот Тенк, да. Ова е класичен политички прогон. Груевски е осуден за нематеријална добивка, а СДСМ постојано вели дека милијарди се украдени.

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This