MAКЕДОНИЈА ОД ДЕНЕС ВО ПОРТОКАЛОВА ФАЗА: Бремените и лицата над 60 години ослободени од работа

  • August 4, 2017

Почнувајќи од денеска и во текот на викендов територијата на целата држава ќе биде зафатена со високи температури од портокалова фаза, информираше Министерството за здравство согласно најавата на метео-алармот од Управата за хидрометеоролошки работи. Предвидени се температури над 40. степен.

Министерството за здравство препорачува од денеска до недела од работни обврски да бидат ослободени бремените жени и лицата над 60 годишна возраст, додека сите останати лица при појава на каков било здравствен проблем веднаш да се јават кај својот матичен лекар.

На работодавците им се препорачува да го реорганизираат работното време во насока на избегнување активности на отворено во периодот од 11 до 17 часот, како и обезбедување одмор под сенка и доволно течности на секои два часа.

Од Министерството за здравство препорачуваат да не се одржуваат спортски активности на отворено во периодот од 11 до 17 часот, а особено се препорачува на установите за згрижување на децата (детски градинки) да не ги изнесуваат децата на отворено и да не практикуваат физичка активност во истиот период.

Министерство за труд и социјална политика со поддршка од Црвениот крст на Македонија денеска и во текот на викендот ќе спроведуваат интензивни активности за згрижување на бездомните лица.

Од Министерството потсетуваат дека граѓаните од целата држава потребно е да ги почитуваат општите препораки за заштита од високите температури, како што се: заштита од директна сончева изложеност, избегнување престој на отворено во периодот од 11 до 17 часот, носење светла и лесна облека, консумирање лесна храна и течности и хигиенски начин на подготовка на храната.

На хронично болните лица им се препорачува редовно земање на препишаната терапија, а при појава на било каков здравствен проблем да го контактираат својот матичен лекар.

Поради повисоките температури од Министерството за здравство напоменуваат дека е потребен повисок степен на внимание при подготовка и консумирање на храната.

Претходно «
Следно »