Meга ckaндал – Гepманците бecни: Британците испратиле пpeдупpeдување до Германија 9 дена пред cтpaшните пoплaви

Системот за алармирање во случај на елементарни непогоди во Германија денес се најде на удар на критики поради доцното предупредување на граѓаните за време на поплавите што минатата недела ги погодија западните делови на Германија.

„Кога станува збор за заштита од катастрофи, ние сме исто толку лошо подготвени, како што бевме со пандемијата“, изјави за „Рајнише пост“ Карл Лаутербах, портпарол на владејачката Социјалдемократска партија на Германија (СПД).

Тој рече дека Германија треба да биде подобро подготвена за вакви случаи затоа што во иднина ќе има „и повеќе пандемии и повеќе катастрофи“ како онаа што ја погоди Германија минатата недела.

Политичарот на опозициската Либерално-демократска партија (ФДП), Мајкл Теурер зборува за „целосен колапс на системот за тревога“ и посочува дека германските власти биле предупредени во деновите пред обилните дождови за можноста од излевање на реките од нивните корита.

„Навремените предупредувања од метеоролозите не беа пренесени на населението и тука потфрлија и властите и јавниот медиумски сервис“, рече Теурер.

Дебатата во Германија се разгоре откако британските медиуми објавија изјави на некои експерти кои велат дека Германија повеќе пати била предупредувана од европските институции за пристигнување на огромни количини на врнежи.

Хана Клок, британски хидролог и коавтор на Европскиот систем за предупредување од поплави (ЕФАС), изјави дека Германија е предупредена на можноста од поплави 24 часа пред да се излее реката Ахр. Подоцна, над 100 луѓе загинаа на овие простори.

„Првите индикации дека се подготвуваа катастрофи беа испратени во Германија девет дена пред излевањето на реката, а 24 часа претходно, Германија доби прецизни информации за тоа каде ќе се појават поплавите“, изјави Клок за „Сандеј тајмс“.

Таа, исто така, за германскиот јавен сервис ЗДФ изјави дека Германија била предупредена, но дека очигледно имало „синџир предупредувања што на крајот не стигнале до граѓаните“.

Министерството за внатрешни работи на сојузната покраина Северна Рајна-Вестфалија, една од двете најпогодени провинции од поплавите, призна дека уште во минатиот понеделник, два дена пред поплавите, имале сознанија за „екстремно невреме“ над погодената област.

Шефот на Федералната канцеларија за цивилна заштита и помош од катастрофи, Армин Шустер, се бранеше од критики и тврдеше дека „инфраструктурата за тревога“ функционира на ниво на комуникација меѓу федералните и локалните власти.

„Издадовме над 200 предупредувања преку нашите апликации и медиуми“, рече Шустер.

Тој истовремено рече дека не е можно прецизно да се каже каде може да се излеат реките.

Шустер предложи во системот за тревога повторно да се активира сирена, што исто така би функционирало во случај кога, како што беше случај минатата недела, колабираат мобилните телекомуникациски мрежи.