OБВИНИTEЛKE, А ОВИЕ ИМИЊА: Освен Заев, ова се другите имиња кои се споменуваат во исказите на сведоците дадени кон пpиjaвaтa на Камчев

  • August 27, 2019

Помалку трагично е кога јавноста мора да се соочи со реалноста дека правосудството наместо да се стави во одбрана на интересите на граѓаните, влегува во политичка игра за обелување на образот на оние кои по секоја цена се подготвени да ја спасат сопствената слобода. Слобода која ќе им овозможи плодоуживање на стекнатото во активности кои апсолутно се спротивни на позитивните законски норми

На изненадување на јавноста, која со свои очи можеше да види и прочита барем две страни од записникот од изјавата на бизнисменот Орце Камчев, кој бил жртва на рекет, обвинителката Вилма Русковска како да се обиде да ги амнестира од одговорност, или барем да го тргне фокусот од политичарите кои знаеле дека се случува аферата „Рекет“.

Доколку премиерот Заев и обвинителката Русковска, навистина сметаат дека против дезинформациите најдобро е да се бориме со вистината, имаат можност да одговорат на следните прашања:

Дали е точно дека на втората страна од кривичната пријава на Камчев пишува

-Јас бев притворен како што кажав на 8 ноември, петок, а во неделата мојата сопруга беше повикана од Зоки Милевски да се сретнат со Васе Димишков, адвокат од Скопје. Во вечерните часови, ден недела, мојата сопруга била однесена во таен стан во населбата Капиштец. Во станот биле мојата сопруга со Зоки, а Васе Димишков ги чекал во станот, појаснува бизнисменот Камчев во пријавата до обвинителството за организиран криминал. …Васе и побарал 2,4,6 милиони евра (на Ана Камчева) во зависност од опцијата, при што и кажал дека поголема група на луѓе треба да се подмири од сумата и дека во оваа група биле вклучени и обвинителката Лиле Стефанова и неговата сестра, судија Весна Димишкова која после ова би заминала во пензија – додава Камчев.

Дали е точно дека на третата страна од исказот, некаде во средина на текстот, Камчев објаснува дека тој со сопругата се договориле случувањата да му ги пријават на директорот на УБК Горан Николовски?

Дали е точно дека на четвртата страна од кривичната пријава, се објаснува што се разговарало на состанокот со шефот на тајната полиција, каде е спомената Фросина Ременски се вели:

– Веќе споменав дека мојата сопруга Ана се виде со директорот на УБК, Горан Николовски при што истата му даде информации што ни се случува, но не целосни, на што Горан и кажа дека тој е спремен да превземе дејствије во насока на докажување на тоа што му го кажала Ана, а кога таа го прашала со кого би соработувал, затоа што знаеме како што кажав дека Бојан е близок со многу обвинители, а и со полициски службеници од МВР. Особено се фалеше со неговата близина со Јовче Ременски и Фросина Ременски, на што Горан и кажал дека ќе се договори со Вилма. Тој сакал да даде предлог до обвинителството за примена на ПИ-мерки како би можело сето ова да се документира на законит начин, вели Камчев во исказот пред обвинителката Рускоска.

Дали е точно дека на третата страна од кривичната пријава, на крајот на текстот од истата страна се споменува името на вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, која била на вечера со Катица Јанева и Бојан Јовановски?

-Вечерта знам, дека кај мене дојде Бобо Јанковски, сопругот на Радмила Шекеринска со еден пријател негов да гледаме фудбал и се смеевме со Бојан бидејќи тој ми кажа дека со него на вечера ќе биде Радмила Шекеринска, со Катица Јанева. Следниот ден ми покажа фотографии од вечерата. Бојан на овој начин го злоупотребуваше познанството со политичарите за да на нас ни покаже колку е моќен, посочува Камчев.

Дали е точно дека на третата страница од дополнувањето на исказот на кривичната пријава, даден на 20.05.2019, пишува:

-На прашање дали после средбата со премиерот Заев, имал контакт со Бојан Јовановски или со Катица Јанева, подносителот одговори не, но имав комуникација со Зоран Милевски кој што имаше добиено информации дека сум го пријавил случајот, мислам дека од премиерот, стои во записникот на обвинителството за организиран криминал од исказот на Јордан Камчев.

Морам да напоменам, делот каде Камчев првично пријавил дека имал средба со Зоран Заев каде му кажал дека ќе пријави за рекетот кој се врши врз него, го нема никаде во исказите, иако во дополнителниот исказ обвинителката го прашува за средбата што значи дека претходно Камчев кажал за истата. Се отвара сомнеж дали во исказот некој го избришал тој дел, воопшто не го напишал или можеби е само грешка на записничарот?

Дали е точно дека во исказот на еден од сведоците даден на 11.06.2019, за кој исто така постои записник во шест (6) страници, на петтата страница се споменуваат повторно имињата на политичари, но и судии и обвинители кои контактирале со Бојан Јовановски?

Точно ли е дека сведокот изјавил дека се плашел да пријави во институциите бидејќи во негово присуство Боки на телефон разговарал со Зоран Заев, Арафат Муареми, Радмила Шекеринска, Фросина Ременски и останати министри, директори, обвинители и судии?

Во дурга изјава пак, на друг сведок кој имал состанок со Бојан Јовановски, повторно се споменува владата кој можела да „помогне“ за да се постави нов директор на Македонски Телеком.

Дали е точно дека во изјавата на друг сведок дадена на 28.06.2019 кој што не е дел од семејството Камчеви во втората страница од исказот се вели:

-Боки и Зоки кажаа дека тоа може да се среди, дека може да ургира Владата јас да бидам поставен за генерален директор и ако бидам поставен во Телеком Македонија чекале на реализација неколку проекти да се потпишат и треба да ги дадам тие проекти на фирми кои ќе ми ги каже Боки – вели сведокот.

И, сега се споменуваат имиња на политичари, па дури и целата влада која би „помогнала“ да се постави директор на Телеком кој потоа треба да се раздолжува со проекти кои треба да бидат дадени на фирми кои ќе ги кажел Боки 13?

Да не заборавам, дали е точно дека на втората страница од исказот на сведок, инаку стопанственик од источна Македонија, се споменува името на министерот за надворешни работи Никола Димитров кој бил известен од страна на нерезидентен амбасадор на една земја за тоа што се случува во државата?

– Тој го информирал министерот за надворешни работи на Република Македонија Димитров, кој преку неговиот кабинет побара да се видат со мене. Јас не остварив таква средба од причина што не сакав таков срам јавно да излезе, тоа не би било добро за целата држава. – се вели во исказот на друг бизнисмен.

Дали Димитров знаел, но не ја извести ниту јавноста, ниту обвинителството?

Ако постои правда, правен систем и владеење на правото, обвинителката Русковска била должна во најмала рака да ги повика споменатите политичари на распит за да објаснат каква била природата на комуникацијата со Јовановски. На овој начин повеќе би им помогнала на споменатите политичари, а тие би живееле со чист образ. Секако, доколку немаат што да сокријат.

Во спротивно, се е демагогија.

А.Митовски

Претходно «
Следно »