Skype воведе „од крај-до крај“ шифрирани разговори на сите свои апликации

  • August 21, 2018

Шифрираните разговори се овозможени за пораките и повиците, а овозможуваат заштита од пресретнување на нивната содржина дури и од самата компанија.

Популарноста на оваа можност стана значително поголема по сознанијата од страна на Едвард Сноуден и други, за тоа дека властите во светот немаат проблем да ја следат комуникацијата на корисниците, без разлика дали се работи за основана или неоснована активност.

Skype од овој месец се приклучува на останатите нудејќи им можност на корисниците да водат посебен, шифриран разговор со своите контакти. Кога ќе се вклучи шифрираниот разговор, покрај пораките, шифрирани се и повиците.

Започнување на шифриран разговор се прави на два начини. Едниот е преку притискање на името на веќе започнат разговор, односно влегување во информациите за контактот со којшто се разговара, каде што сега е достапна е опцијата да се започне приватен разговор. Втората можност е преку притискање на копчето за започнување на нов разговор, каде исто така може да се избере тој да биде приватен.

Приватен, односно шифриран разговор може да се прави само од еден уред во исто време, што значи дека започнат разговор на десктоп, на пример, не може да се продолжи на мобилен, па мора да се започне нов и посебен приватен разговор.

Според информациите на почетокот од годината, кога од Skype започнаа со тестирање на оваа функција, тие го користат познатиот Signal Protocol од Open Wisper Systems кои стојат зад развојот на апликацијата за шифрирани разговори Signal, која важи за една од најбезбедните.

Инаку, она што треба да го овозможат шифрираните разговори е приватност која значи дека никој, па дури и Skype не може да ја види или слушне содржината на разговорите, а тоа може да го направат само двата корисници кои разговараат.

Претходно «
Следно »