TEНЗИИ ВО ГРЧКИОТ ПАРЛАМЕНТ: Извесно е дека Ципрас го има потребното мнозинство

  • January 16, 2019

Тензични дискусии и обинувања во грчкиот Парламент – извесно е дека Ципрас го има потребното мнозинство. Распадот на Владината коалиција место седница за ратификација на Преспанскиот договор ја стави грчката влада на испит. Седницата за доверба започна денеска а ќе заврши утре вечер, најдоцна до полноќ. Во меѓувреме се случуваат кавги меѓу пратениците и исклучување од партиите на оние кои ќе ја поддржат Владата.

Каменос веќе се откажа од своите сопартијци кои утре вечер ќе кренат рака, а претседателот на Парламентот Вуцис, денеска објави дека пратеникот Данелис од партијата Потами е исто така отстранет и ќе продолжи како независен.
Ципрас денеска сигурен во своето мнозинство застана на собраниската говорница, а пратеници од Нова Демократија почнаа да му префрлуваат на што тој им одговори да седнат кога зборува Премиер.

– Седнете, сега ќе слушнете, сега зборува премиер на земјата и мора внимателно да слушате. Патриотизмот не е да се биде опортунист, туку храбро да го искажува своето мислење за националните прашања без да се грижи за политичките последици. За Каменос, му кажав и него ќе кажам и јавно. Сметам дека греши, мислам дека не постапува правилно. Исто така не сметам дека опција како оваа беше неизбежна бидејќи овој избор стави, ги стави во опасност, обидите на владата, кажа Ципрас.

Жестоко реплицираше Мицотакис – за лидерот на Нова Демократија ова е само театар, а Ципрас и Каменос биле главните актери кои правеле политички маневри. Тој бара предвремени парламентарни избори во Грција, на кои последниот збор ќе го каже грчкиот народ.

– Ова се само фарса и маневри на г-динот Ципрас и г-динот Kаменос кои бараат статисти.Тие двајцата се одговорни не само пред Македонците, туку и пред целиот грчки народ. Денешната дебата всушност е последниот чин на четигодишниот театар, за Сириза да се одржи на власт уште неколку месеци и да се ратификува штетниот Договор од Преспа. Секој кој утре ќе го даде својот глас ќе и даде поддршка на една Влада со штетна агенда, кажа Мицотакис.

Јасно е дека Владата го има мнозинството од од 151 пратеник. Покрај 145-те пратеници на Сириза доверба на Владата ќе и дадат и четворица од партијата на Каменос,тоа се Василис Кокалис, Елена Кундура,Танасис Папахристопулос и Костас Зурарис, рака ќе крене и независната пратеничка Катерина Папакоста како и Спирос Данелис досегашен член на Потами.

Претходно «
Следно »