April 20, 2024, 12:32 pm

АНЃУШЕВ СО ПОМОШ НА УЈП ВАДЕЛ МИЛИОНИ ОД „ФЕНИ“: „Лидер“ објави документи кои докажуваат како Анѓушев испумпувал милиони од „Фени“

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

Нови документи за милионскиот скандал на компанијата Енерџи Деливери Солушнс (ЕДС) и наплатата на нејзиниот долг во ФЕНИ, открива „Економски Лидер“. Компанијата која тогаш беше во сопственост на вицепремиерот Кочо Анѓушев – со предатираниот документ, нелегално издаден од УЈП, преку политичка протекција ќе успее во стечајната постапка да го наплати целиот долг, наместо само процент од него, колку што ќе земат останатите доверители од стечајната маса.

пишува: Љупчо ЗЛАТЕВ
Lider.mk

Четврток, 8-ми ноември 2018, уште од рано наутро гореа телефоните на новинарите кои претходниот ден го открија скандалот со милионска проневера на компанијата на вицепремиерот Анѓушев во комбинатот ФЕНИ.

Закани за тужби и многу прашања доаѓаа од ПР тимот на ЕДС предводен од Татјана Лопарски, но и од луѓе за кои обичниот граѓанин би помислил дека се политички опоненти на Анѓушев.

– Од каде се материјалите? Кој е свиркачот кој ги извлекол документите од архивот на ФЕНИ? Зарем не ви е страв? – беа само мал дел од прашањата, проследени со добронамерни совети за тоа како е најпаметно темата да се стопира.

Во најава беше второто продолжение од серијалот, кое требаше исто како и првото, да биде објавено на ТВ Алфа токму на 8-ми, проследено со интервју за случајот со Слаѓана Тасева од „Транспарентност Интернационал – Македонија“.

Сепак, телевизијата попушти под притисокот и наместо да ги објави новите детали, уредништвото одлучи да го цензурира вториот прилог, заедно со интервјуто кое требаше да биде емитувано по вестите.

Наместо да продолжат објавите, во вестите во 17:30 уредниците на ТВ Алфа му се извинија на Анѓушев (без дозвола од директорот на медиумот да се извинат!). Вицепремиерот кратко по извинувањето се појави на телевизија Канал 5, во емисијата „Само Вистина“, каде што во неколку наврати триумфално повтори дека случајот е затворен, затоа што телевизијата му се извинила!

Во прв момент се чинеше дека моќникот победи. Победи поради државниот апарат и парите кои ги има позади себе, но и поради огромните конекции на сите страни од политичкиот спектар. Кочо Анѓушев успеа да понижи медиум со национална концесија до ниво телевизијата во извинувањето парафразирано да вели „Ти се извинуваме, исто како што ќе ти се извиниме секогаш кога ќе ти згрешиме!“.

Не беше така одамна кога некои други, опиени од моќта која ја носат политиката и парите, го правеа истото! Сега истите тие ги гледаме како за случаи многу помали од овој на Анѓушев, се влечат по судови и имаат сериозни животни проблеми, иако многумина од нив (за воља на вистината) веројатно се само жртви на политички прогон. Не прејудицираме ништо, ниту бараме лисици за Анѓушев. Само се чувствуваме должни на јавноста да и ја откриеме неправдата која ни се случи.

Насловната фотографија на овој текст, од една страна е повик за космичката правда, но од друга страна е покажување на среден прст. Не постои сила која може да го замолчи „Економски Лидер“ во истрајноста да ја докаже вистината! Подготвени сме да ја платиме секоја цена! Токму затоа, продолжуваме да објавуваме детали и документи за дејствувањето на Анѓушев во ФЕНИ, не поради тоа што сме убедени дека некој наскоро ќе му стави лисици на вицепремиерот, туку поради случајот кој треба да остане запаметен за некои други времиња, кога можеби случајно во Македонија ќе завладее правото…

УЈП со нелегален, предатиран документ – му дава на ЕДС предност пред останатите доверители!
Пет дена по објавувањето на договорот помеѓу „Енерџи Деливери Солушнс“ и ФЕНИ индустри, за цесија на долгот на комбинатот кон компанијата на Анѓушев преку повратот на ДДВ, сеуште нема никаков одговор од Управата за Јавни Приходи.

Од УЈП, сеуште не одговараат како на 28.07.2017 (кога е потпишан договорот), од компанијата на Анѓушев знаеле дека од УЈП ќе биде издадено одобрение за цесија на 14.08.2017, односно цели 16 дена подоцна. Сеуште нема и одговор, како ЕДС и ФЕНИ го знаеле и архивскиот број на одобрението 25-341/2. и истото го ставиле во меѓусебниот договор.

Се работи за случај во кој од УЈП дозволиле 1.1 милион евра државни пари да завршат во компанијата на Анѓушев.

Две страници од договорот помеѓу ЕДС и ФЕНИ. На едната страна датумот на потпишување на договорот, на другата датумот на издавање на документот од УЈП (16 дена подоцна) на кој се повикуваат двете страни

Од компанијата на Анѓушев, по објавата, во соопштението кое беше лиферувано до јавноста тврдат дека не станува збор за малверзација, затоа што договорот бил заверен на нотар еден месец по неговото потпишување. Сепак, тоа не е одговор на прашањето од каде знаеле дека УЈП ќе им го издаде ова одобрение со овој архивски број цели 16 дена пред неговото издавање?

Од ЕДС додаваат дека тие никогаш не ги земале парите од ФЕНИ и дека се обични доверители.

-ЕДС никогаш не ја реализира наплата во споменуваниот договор и не се пријави во редот на разлачни доверители во предстечајната постапка на ФЕНИ Индустри. Ние како компанија, во стечајната постапка се пријавивме како секој обичен доверител и бевме третирани како и сите останати обични доверители. – рекоа од компанијата во реакцијата на прилогот на ТВ Алфа, во кој беа објавени документите.

Сепак, новите документи до кои стигна „Економски Лидер“, при нивното вклопување со нелегалниот договор за цесија од УЈП, покажуваат дека ЕДС баш и не е обичен доверител, како што велат од компанијата. Дека не станува збор за “обичен“ доверител покажува документот издаден еден месец подоцна, со кој фирмата на Анѓушев, му пушта извршители на ФЕНИ!

Од свои извори во ФЕНИ, стигнавме до документ од извршителот Горан Станковиќ од 14.09.2017 (еден месец по датумот на одобрението од УЈП), преку кој ЕДС од ФЕНИ бара наплата на долгот за неплатена струја. Се чини датумот на овој договор, надоврзан на датумот на одобрението за цесија од УЈП, го дава одговорот на прашањето зошто Анѓушев морал да интервенира во УЈП да направат кривично дело и да му издадат одобрение 16 дена пред датумот на издавање.

По овој документ на извршителот Станковиќ, ФЕНИ отиде во Стечај. Според законот за стечај, еден доверител во компанија која оди во стечај станува “развластен“, односно ја наплаќа целата сума која му ја должат од стечајната маса, доколку исполнува одредени услови. Да се има вакво одобрение од државата 45 дена пред стечајот, е еден од условите.

Доколку се знае дека ФЕНИ отиде во стечај на 29 ноември 2017, станува јасно дека од УЈП со договорот за цесија на фирмата на Анѓушев и овозможиле да биде “развластен доверител“, односно да го наплати долгот во целиот обем за разлика од останатите компании кои ќе поделат само одреден процент од компанијата која е во сериозни загуби.

УЈП го издала документот, во момент кога има побарувања кон ФЕНИ
Да биде ситуацијата уште посимптоматична, одобрението со архивски број 25-341/2 од 14.08.2017, УЈП го издава во моментот кога ФЕНИ има милионски долг кон нив за неплатен данок, повисок од 4 милиони евра, ова го покажува увидот во стечајната постапка кој може да се види на следниот линк.

Значи, во услови кога ФЕНИ е должник кон УЈП, функционерите од управата дозволуваат парите за поврат на ДДВ да отидат во компанијата на Анѓушев. Под претпоставка дека е точно тврдењето на ЕДС дека никогаш не ги наплатиле парите од цесијата, се поставува прашањето: Како е можно, во услови кога ФЕНИ им е должник, од УЈП да дозволат пари од поврат на ДДВ да се прелеваат во приватни компании?

После се, станува јасно и очигледно дека овој документ е креиран, за преку политичка интервенција да и се даде предност на компанијата на Анѓушев – при наплата на нејзините долгови, за разлика од другите доверители, по се изгледа, фирмата која до скоро беше во сопственост на вицепремиерот ќе си го наплати вкупниот долг од ФЕНИ!

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This