March 28, 2024, 11:16 am

Гpyeвckи најави пет cцeнapиja кои би можеле да се случат на пpeтcтojниот пoпиc

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

Екс-премиерот Никола Груевски попладнево објави анализа на пет можни сценарија кои би се случиле при спроведување на попис со законската регулатива која минатата недела ја изгласа Собранието на Р.Македонија.

Според Груевски, ниту едно од петте сценарија нема да биде поволно за Македонија, дотолку повеќе што спроведување на попис во ваква ситуација ќе предизвика дополнителни проблеми поради нерелевантноста и неточноста на податоците.

Груевски повика и на вразумување на власта и опозицијата по ова прашање.

Попис во Македонија и потребата од заедничка соработка на партиите заради државен и национален интерес
Во својство на поранешен премиер, неколку работи околу претстојниот попис.
На Македонија несомнено и е потребен попис.
Но, пред се реален и фер попис, попис во кој ќе веруваат најголем дел од граѓаните, со закон кој го гарантира тоа и со доверба кај сите политички чинители која потоа ќе се рефлектира и во поголема доверба кај населението и општата јавност.
Отфрлањето на амадманите со кои се предлагаше при секое попишување идентификација на лицата да се направи со отпечаток од прст преку мобилна опрема кај секој попишувач која е он лајн поврзана со базата на податоци на МВР е лош сигнал и нема аргументирано објаснување, што остава простор за сериозен сомнеж дека некој планира лажирање на пописот со лица кои не се присутни или можеби и не се живи.
Исто така отфрлањето на принципот на секаде да одат двајца попишувачи од различна националност со врзан потпис е голем чекор кон нарушување на довербата во процесот но и на зголемениот надѕор. Но, отфрлањето на амадманите не е крај на сите можности ако почне порационално да се размислува.
Не е разбирливо зошто се укинува државната пописна комисија во која и опозицијата би можела да делегира неколку експерти од областа, кои би имале право на проверка на попишаните лица, со испраќање нова попишувачка двојка онаму каде има основан сомнеж, но и со надѕор на работата при утврдување на критериумите и изборот на теренски попишувачи како и контрола врз внесувањето на податоците во компјутер подоцна.
Отфрлањето на предлогот на опозицијата секој попишан да добие примерок од пописната листа исто така мислам дека не е добар чекор. Таа идеја не само што ќе ја зголеми довербата во процесот, туку ќе направи многу луѓе и нивните наследници горди, покажувајќи како се попишале како Македонци, Албанци, Турци, Срби, Роми, Бошњаци, Власи, но и Бугари, Грци, Хрвати и.т.н. а ќе помогне и да нема лажирања при конкурсите за вработување во јавниот сектор каде понекогаш се случува различни лица лажно да ја престават својата националност за да обезбедат вработување во некоја државна институција.
Досега очигледно е дека и опозицијата не ги користеше сите легитимни расположливи средства и на моменти делуваше како да крена раце од пописот со најава дека немало да го признае, иако е јасно дека пост фестум реакција со непризнавање нема никому да значи ништо, ниту пак идејата за нов попис по доаѓањето на власт на опозицијата звучи реалистично и остварливо, имајќи во обзир дека за такво нешто ќе е потребна и подршка од коалиционите партнери во владата, како и не опструирање на тогашната опозиција и други фактори, а конечно и нови трошоци.
Впрочем ,зошто нов попис, кој веројатно нема ни да се случи, кога сега може да се заврши фер попис со здружени напори и чесен пристап и на власта и на опозицијата ако се има воља кај двете страни за ова прашање кое е од висок државен и национален интерес.
Конечно непризнавањето на опозицијата нема да им пречи на европската статистичка агенција, на ЕУ, на ООН и на целата меѓународна заедница да ги користат податоците како валидни одкога меѓународната заедница ќе ги признае и ќе стане дел од домашните и меѓународни институции. Во ваква атмосфера мислам дека веројатно ќе ги признае какви и да се, за да нема нови проблеми во земјата.
Одредени искуства од минатото укажуваат дека пописот може да биде предмет на злоупотреба преку масовно попишување на дијаспората која подолго од една година живее надвор од земјата, од страна на одредени етнички заедници и нејзино претставување како да живее во Македонија, што во Македонија не е неважно заради уставните измени во 2001 година.
Ако остане овој закон, согласно искуствата од минатото постојат неколку опции по кои веројатно ќе се одвива пописот:
1. Активно попишување на целокупната или поголем дел од дијаспората а можеби и на некои починати лица, од страна на попишувачите на една етничка заедница; Ова ќе резултира со нереален попис, многу фрустрации, политички тензии и негирање на веродостојноста на пописот.
2. Активно попишување на целокупната и поголем дел од дијаспората а можеби и на некои починати лица од страна на две или повеќе етнички заедници и во тој дел трка која етничка заедница ќе направи повеќе неправилности при попишувањето и ќе запише повеќе лица оддамна иселени, како да живеат во Македонија; и во ова сценарио ќе добиеме нереален попис.
3. Бојкот на пописот кај неколку стотици илјади граѓани преку неотварање врата, како да не се присутни во домот, за да одбегнат казна, кога попишувачот ќе заѕвони на вратата, од страна на голем број граѓани веројатно од една етничка заедница, во случајот македонскиот народ, независно дали некоја партија ќе ги повика граѓаните или не на бојкот. Како што во моментот стојат работите, без повик на некоја партија но со лични одлуки на голем број граѓани, кои пак истовремено може да се забележи на социјалните мрежи, веќе вршат притисок на опозициските партии да повикаат на бојкот.
Јас никогаш не сум бил подржувач на бојкот во политиката, што низ одлуките во клучни моменти и сум го демонстрирал. Бојкотот не ги решава проблемите, често и ги продлабочува и политиката е борба за натпревар а не за бојкот. Но, доколку во овој случај немањето политички договор и консензус на Законот за попис предизвика преголема фрустрација, можно е дел од граѓаните помасовно да преминат кон тоа, дури и кога е нерационално во однос на исходот.
И во ваков случај резултатите од пописот би биле нереалени. Развој на настаните од овие три можни сценарија, не би ја дал најважната придобивка од пописот а тоа е прецизна база за натамошното планирање на развојот и иднината на државата. Дополнително би дал погрешна слика и би заклучиле дека попусто се потрошени парите и попусто и не потребно е поминато низ еден тензичен период.
4. Прекин на пописот доколку ескалираат неправилностите или негово одложување во една непријатна и тензична атмосфера.
Во сите 4 опции нема да имаме реален и законски попис кој реално ќе ја отсилика состојбата на теренот во Македонија а во првите три опции и попис во кој нема да постои никаква доверба кај населението со можност за нова политичка криза.
Дури и да предвидиме 5. варијанта во која во идеална ситуација ќе се одржи целосно законски и фер попис, со одбивањето на власта да ги вгради заштитните механизми од фалсификати на кој инсистира опозицијата на мнозинството народ но и илјадници граѓани како поединци, никој или барем мнозинството граѓани нема да веруваат дека пописот бил фер и реален.
Тогаш, не разбирам зошто е ова туркање на сила од страна на власта на пописот. Знаеме дека бројот на пратеници им ја дава силата, но тие пратеници ниту ќе ја изградат довербата во процесот на попишување кај мнозинското население, ниту ќе ја спречат целата негативна енергија која ќе произлезе во општеството и која ќе остане да тлее со години и да биде генератор на негативни трендови.
Знам дека ниту Македонците, ниту Албанците, ниту било која друга етничка заедница не би сакала нивниот процент на застапеност во вкупното население неоправдано да се намали како резултат на незаконски попишани лица од друга етничка заедница со што таа етничка заедница неоправдано и лажирано би пораснала на сметка на другите. Ова затоа што уставот на Македонија по рамковниот договор предвидува степен на застапеност во јавната администрација, користење на јазиците во општините и ред други права поврзани пописот.
Знам дека на мнозинството од Македонците во Тетово и на мнозинството од Албанците во Скопје воопшто нема да им е сеедно дали нивниот процент на застапеност ќе биде, 25, 18 или 35 проценти и верувам дека сите, или убедливото мнозинство граѓани сакаат чесен и фер попис и особено после последното искуство ќе се повнимателни околу тоа.
Верувам и дека преставниците на меѓународната заедница кои се пријателски настроени кон Македонија посакуваат фер и законски попис, но и попис во кој убедливо мнозинство од граѓаните ќе имаат доверба а оние кои и понатаму ќе немаат доверба, да немаат аргументи за тоа.
Зошто тогаш во Законот не се обезбедуваат заштитни и контролни механизми кои ќе ги остранат сомнежите и ќе ги здружат силите кон заедничкиот државен и национален интерес а тоа е успешен, законски и фер процес на попис во кој ќе има широка доверба?
Мудро е да се размисли уште еднаш.
Рационално и мудро однесување на власта е ако опозицијата им бара по два попишувачи со врзан потпис, да им понуди ако сакаат и по три, само со цел сите да веруваат дека пописот е чесен и спроведен во фер постапка, и со паралелна цел да ја вовлече опозицијата во процесот за заеднички да го истуркаат и да нема голема општа недоверба во целата операција од страна на огромен број граѓани.
Опремата за онлајн отпечаток на прст веќе сите знаеме дека и онака годинава ќе се набавува за локалните избори каде со закон е тоа предвидено како обврска.
Што е проблем ако таа опрема се набави шест месеци порано?
Конечно дали пописот ќе се одржи во април или во мај не е најважно колку што е важно да има доверба во спроведеното а не нови поделби и нова доза негативна енергија и тензии во општеството.
Зошто се бега од аргументирана дебата и аргументирани одговори по прашањето на закон кој гарантира фер процес на попишување? Истото уште не почнало а со овој однос практично верувањата дека пописот е лажиран се веќе доминантни, барем кај мнозинскиот народ во државата, кај Македонците.
Ако се има воља, процесот може да се изменаџира и да има друг позитивен тек. Тоа е можно со брза измена на Законот за попис, подржана од сите.
Неважно е што во другите земји не се зема отпечаток од прст бидејќи во другите земји пописот не обезбедува разни колективни права и нема вакви тензии околу него. Значи, и онака сме веќе различни од другите земји па така нормално е процесот да го прилагодиме на нашата реалност.
Состојбата дополнително стана проблематична со фактот што Законот не го усвоија сами како власт СДСМ и ДУИ, туку СДСМ и сите партии во парламентот чии подржувачи се главно граѓани од втората најголема заедница во државата, чии партии и пратеници и од власта и од опозицијата го подржаа овој закон. Овој потег му фрли уште посилна етничка димензија и сомнеж на пописот и ако вака остане, со силата на мнозинството во парламентот, пописот некако ќе се истурка, но ќе генерира нови поделби и продлабочување на јазот кој и онака постои, сакале ние да го признаеме тоа или не.
Не разбирам ако и двете страни(власт и опозиција) сакаат реален попис зошто не се договорат и особено зошто власта не излезе во пресрет на барањата на опозицијата за дополнителни гаранции во Законот бидејќи така ќе си ги намали проблемите и критиките а ќе ја постигне целта: фер и законски попис.
Од друга страна, ако тоа се случи, опозицијата не смее да го злоупотреби тоа или повторно да го проблематизира процесот без многу сериозни аргументи.
Треба и двете страни да покажат зрелост и да демонстрираат пред јавноста дека за прашања од државен интерес можат да се договорат без да си поставуваат дневно политички замки.
Лошото искуство со пописот од минатото не треба ниту да се игнорира ниту да се повтори.
Благица Новковска несомнено е меѓу најискусните луѓе во Македонија во сверата на статистиката и пописот и експерт во оваа област во Македонија но и во регионот. Од нејзината биографија на интернет може да се пресмета колку години работела во заводот за статистика и колку години била негов директор, што е несомнено огромно искуство и акумулирано знаење и експертиза.
Загрижуваат нејзините апели преку нејзиниот ФБ профил во врска со претстојниот попис. Таа укажува и за многу сериозни проблеми со базите на податоци на кои се повикува власта, кои бази ќе доведат до комплетно не точен резултат од пописот. Никој не дава аргументиран одговор на тоа, можеби во една јавна телевизиска дебата.
Подолу од серијата објави на оваа тема на фб профилот на Благица Новковска одвојувам само три од нив а ги има повеќе и оној кој го интересираат може да прочита.
—————————————————————————
1.ЗА ДА БИДЕ ПОЈАСНО:
Најавено е користење на бази на податоци во време на попишувањето, но јас не знам за бази кои се ажурни и компатибилни со пописната методологија. Заради објективност, споделувам последно објавени податоци за миграционото салдо. Извор на податоците: Државен завод за статистика со користење на базите на МВР.
НМ Миграционо салдо, по години
2010 2011 2012 2013 2014 2015 2016 2017 2018 2019
652 806 1053 1390 1699 283 2134 2202 2548 2349
http://makstat.stat.gov.mk/…/MakStat__Naselenie…/
Според овие податоци, нашата земја во последните 10 години е со позитивно миграционо салдо кое континуирано се зголемува т.е. повеќе лица се доселуваат отколку што се исселуваат?!
Не знам тогаш зошто сите дискутираат дека многу лица заминувале од земјата?!
Ми изгледа дека салдото многууу ќе ни отиде во позитива после еден ваков попис ( ако се спроведе).
2. Пописите на населението не се избори па да ги повториме ако сме згрешиле. Пописните податоци влегуваат во сите светски бази на податоци и се непроменливи за вечни времиња.
Не смееме да допуштиме пописите да бидат третирани како избори па некој коалициски инжинеринг да ни ја скрои иднината и судбината за довека.
Каде е стручната јавност?
3. Најпрецизна информација во предлог законот за попис е дека вкупно потребните средства ќе изнесуваат 522.751.000 денари.
НО НЕМА…
Нема дефиниција кои попишани лица ќе бидат вкупно резидентно население.
Нема дефиниција за домаќинство.
Нема дефиниција за стан, живеалиште.
Нема специфицирано кои „соодветни“ документи ќе бидат третирани како валидни при попишувањето.
Нема дефиниции за главните категории што ќе се попишуваат!!!
Нема информации за базите на податоци (збирки на податоци?!) кои ќе се користат во текот на попишувањето.
Нема информации за тоа кога ќе бидат публикувани пописните податоци.
Нема доверба меѓу тие кои го организираат пописот (види чл. 17)
Нема…
Заклучок: прескапо ќе не чини најавениот попис сите нас но и нашите поколенија !!!

Попис во Македонија и потребата од заедничка соработка на партиите заради државен и национален интересВо својство на…

Posted by Nikola Gruevski on Tuesday, January 26, 2021

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This