Илинден 1903-та и АСНОМ 1944-та се темелник и столб на Република Македонија

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

Разочаран од некои субјекти кои предолго ги изневеруваат и изневеруваат очекувањата на македонската јавност, решив да мирувам и ништо да не пишувам за најголемиот, најсветиот и најсветлиот наш празник Илинден 1903 – 1944. Ама не ми било пишано. Ја чув срамната информација дека Претседателот Стево Пендаровски нема да има говор и обраќање пред Македонците на Мечкин Камен, и веднаш ја сменив одлуката. Пишувам колумна и ви ја посветувам вам драги мои Македонци. Добро, не е “претседателски говор“, ама е искрена размисла за Илинден, за АСНОМ, за Македонија и сите генерации Македонци вградени во нашата слобода и државноста.

Во лето Господово 2021 го славиме нашиот најголем празник – ИЛИНДЕН: Славиме 118 години Илинденско востание и Крушевска Република; Славиме и 77 години АСНОМ. Благодарејќи на созревањето на националната свест и на епската борба на нашиот народ, создадовме три републики: Крушевската во август 1903, која беше краткотрајна, ама извонредно инспиративна; Асномската, која траеше од август 1944 до август 1991, која е “првата по Самоила слободна држава“ држава на македонскиот народ; и Третата Република е денешната, осмосептемвриската од 1991 кога во вистинска смисла на зборот станавме самостојна, независна и суверена држава – Република Македонија.

Паметиме, и кога сме немале држава, ние Македонците сме биле поврзани едни со други преку еден премолчен договор за да продолжиме до последниот здив. Кога сме имале држава, таа ја превземала улогата на пазач. Но, врската што ја направил премолчниот договор никогаш не се раскинала и таа била она што сме знаеле КОИ СМЕ, КАДЕ СМЕ, ОД КАДЕ ДОАЃАМЕ, КАЈ СМЕ СЕ УПАТИЛЕ. ИМЕТО МАКЕДОНИЈА е тоа што нас не држи заедно.

Низ вековите и цивилизациите од Антиката до денес први во светот го носевме и го носиме Името Македонија и никој нема право да ни го оспори или одземе! Уште Ѓорѓија Пулевски пред две столетија бил свесен за својата генеза, а некои од нас се уште се двоумат околу тоа прашање: антички или словенски извор, без разлика што и од двата пиеме штедро Искон, Дух, Култура и Вечност. Едноставно, ние сме Македонци, носители на Името Македонија, што не означува од самиот негов почеток до денес.

Сите минати македонски генерации преку своето дело покажаа дека мислат со историска интуиција, дејствуваат преку својот духовен етос, а за цело време опстојуваат преку својот егзистенционален патос. Сублимирано кажано Преродбениците, Илинденците и Асномците ги поставија темелите на просветата, науката и културата во Македонија. Сиот овој процес се покажа како една голема културна ренесанса, изведена од самосвесни, самосвои, одважни и храбри поединци, групи и организирани ентитети. Периодот на одвивање на овој процес, е од Охридската книжевна школа, преку Преродбата во 19-от век и Илинден 1903-та, до АСНОМ 1944-та и Референдум 1991-ва. Со право може да се каже дека тоа е една голема вистинска творечка синтеза. Доба кога се изградија и воспоставија разурнатите мостови меѓу одделните културни епохи. Тоа е една вистинска археологија на свеста која ги извади на виделина сознанијата за старите светители, за новите писатели и поети, за жртвите и просветителите, за востанијата и нивните водачи, за епохалните вредности на нашето народно творештво, за крвавата и славна историја и за вековната и милениумска традиција.

Илинден 1903 е наш духовен вруток и двигател! Илинден 1944 е неговото директно отелотворување! Државотворен темелник на Република Македонија.

Илинден 1903, е наш историски мит! Илинден 1944, е наша историска победа!

И на крајот за сите душебрижници и недобронамерници на Македонија: Мајка Македонија ќе роди нови синови херои, како Александар, Самоил, Гоце, Јане, Даме, Ѓорче, Питу, Кузман, Ченто, Рацин, Конески… Никој не е поброен од НАРОДОТ МАКЕДОНСКИ. ХАРИЗМАТА Е ВО НЕГО.

Како да го заборавиме минатото, а да сме одговорни за иднината?
Македонија е наш избор, наша судба. Наше минато, наша иднина.

Честит и вековит Илинден!

Пишува: Сотир Костов

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This