СОВЕТ НА (КВАЗИ!) АМБАСАДОРИ

t

Познато е дека најголем дел од наречените “невладини“ организации во Македонија се под партиски патронат а дел, и тоа најопасниот, се на меѓународниот фактор. Последните, коишто се бројни, финансирани се од Сорос, Усаид и други меѓународни организации и нивна главна должност е да ги реализираат странските политики коишто, најчесто, се спротивни на фундаменталните интереси на македонскиот народ. Особено е така последниве години, кога странците сакаат дефинитивно да го затворат “Македонското прашање“.

Како реализатори на американските планови на Балканот, прв приоритет на овие “НВО“ е решавање на албанското национално прашање (Албанците се нивни стратегиски партнери), а втор е разнебитување на Македонците, коишто не им се вклопуваат во концепциите за иднината на регионот. Сега, тоа им е олеснето бидејќи гарнитурата на власт, донесена токму од истите странски спонзори, е спремна да збрише се’ што е македонско, и тоа на крајно бескрупулозен начин. Тоа најдобро го опишал писателот Божиновски, којшто некаде напишал – “Тоа што СДСМ го уништи во Македонија за пет години, Турците не успееја за пет века“!

Да потсетиме дека и рушењето на претходниот премиер, Груевски, беше класичен државен удар од страна на ЦИА, и партнерски тајни служби. Причина беше неговата неспремност да капитулира за клучните македонски интереси. Шарената револуција, пак, беше алатка на тајните служби, претходно применета во разни земји. Деновиве, во ТВ интервју, поранешниот американски амбасадор во ООН, Џон Болтон, што значи и член на Владата, и поранешен советник за национална безбедност во Белата куќа, јавно призна дека САД помагаат во организација на државни удари во други земји! “Помагаат“, сепак, не е соодветен збор – организираат! Неодамна, отворено го сменија премиерот на Пакистан, Имре Кан, затоа што не спроведе санкции врз Русија!

Совет на (квази!) амбасадори, како “невладина“ организација, последниве години игра нагласена улога. Тој е формиран со цел “квалификувано“ да се поддржуваат погубните надворешно – политички потези на власта. Измислен е бидејќи сега, главните злосторства против народот и државата, власта ги прави токму на меѓународен план. И, логично, (квази!) амбасадорите се јавуваат со аплауз, по секоја наша дипломатска катастрофа. Така беше по Нивици, така беше во врска со “заедничката историја“ со Бугарија, а така е и по нашето погубно игнорирање на жестоката агресија од Софија, која отворено сака на светот да му докаже дека не постоиме како Македонци, дека нема македонски јазик, ниту македонска историја… Нашите политичари молчат, како да се глуво – неми и слепи а, пред се’ – недоветни но, тука се (квази!) амбасадорите коишто, свесно или не, лажат дека тоа се големи дострели на предавничката власт. Ништо чудно – луѓето лојално си ја исполнуваат доделената функција.

Врвот на сервилноста на (квази!) амбасадорите, дојде со “француската“ предлог ујдурма за бугаризација на Македонија. За овие апологети и лојални слуги на власта, нормално е Македонија да стане бугарски протекторат! Ако тие беа вистински амбасадори, ќе излезеа со длабинска анализа на фашизоидниот предлог, ќе ја објаснеа неговата суштина, и ќе ни ги отвореа очите, за опасностите коишто се одлично спакувани и коишто ќе не’ водат во нови катастрофи. Место тоа – ќе цитираме само една нивна реченица – “Најзначајно за нашите граѓани е тоа што со ‘францускиот предлог’ се зацементирани и гарантирани македонскиот јазик и идентитет од страна на ЕУ“. Поголема будалштина од тоа – не може да се замисли! Барем, да објаснеа, како тоа го гарантира ЕУ? Со закон или со “жими мајка“ на Урсула фон дер Лаен? Срамно, понижувачко, недостоинствено… Тие се резил за нашата дипломатија. Впрочем, за да се согледа подмолноста на бугарскиот предлог во француско “пакување“, и не треба никакво дипломатско искуство. Доволно е само малку здрава “селска“ логика, или грам акал со минимум аналитика, и се’ станува јасно. Се разбира, ако нема политички калкулации, како кај (квази!) амбасадорите.

Состав на Советот, не може да се најде, ама не треба да има дилеми дека најголемиот дел од нив не се дипломати од кариера туку со политичко педигре, кои токму така и се однесуваат. Политички. Ако има и од другите, тоа покажува или недостаток на квалитет, или лични интереси.

Нивното досегашно однесување дефинитивно покажа дека не се дипломати ама, ако веќе се замислуваат за амбасадори, мораат да го знаат барем основното правило на службата. Тоа е реципроцитетот во односите со сите држави и од него нема отстапување по никоја цена, освен ако си поразен агресор во војна. Ако тоа им беше јасно, ќе беа свесни дека договорите и од Нивици, и со Бугарија се навредливи и понижувачки за Македонија. Нивната поддршка на овие срамни исчекори значи дека тие ја резилат титулата со која очигледно се гордеат, како и самата професија.

Дипломатијата е еден од најстарите занаети. Велат, заедно со проституцијата. Се учи долго и никогаш не се научува до крај бидејќи е изложен на постојани промени и збогатувања на праксата. Токму поради тоа, речиси во сите земји, дипломатската служба е една од најквалитетните по своите човечки ресурси. Покрај високото образование, дипломатите мораат одлично да знаат макар еден светски јазик, а искусните користат и два, три… Дипломатите се изложена на долги подготовки и тренинзи, на постојано учење и усовршување. Во голем број земји, кадарот на МНР е исклучиво професионален и нема “засилувања“ од страна. Во Австрија, на пример, дури и министерот за надворешни работи не може после мандатот да биде испратен како амбасадор, ако не е дипломат од кариера. Има земји каде во дипломатијата има и “падобранци“. Такви се, на пример, и САД. Дел од нивните амбасадори и повисоки дипломати во ДКП-еата, се од други институции. На времето, тие што ја помагаа кампањата на следниот претседател, со повеќе од 100 илјади долари, потоа стануваа амбасадори. Тоа е речиси незамисливо во Велика Британија. Барем, така беше.

Во Македонија, се’ е девалвирано и тоа апсолутно важи и за дипломатската служба. Голем дел од нашите амбасадори, не се кариерни дипломати, што значи дека се регрутирани по партиска линија. Дури и не се крие дека амбасадорски места се делат меѓу партиите од власта, со што на најгруб начин се игнорираат институциите и самата држава. Така, најлесно се вдомуваат партиските пулени. За последиците по државата, не се води сметка. Имаме продукција на амбасадори, коишто се без грам соодветно искуство. И тоа во период од 30-тина години, кога суштината на сите наши проблеми е токму од дипломатски карактер.

Кога службував во Индонезија (1986/88), амбасадор на Бангладеш беше генерал, инаку една извонредна личност, највисоко ценета од сите. Во една прилика, на прием, американскиот амбасадор, познатиот Пол Волфовиц (заменик американски министер за одбрана, претседател на Светска банка, со искинати чорапи во џамија во Турција…), го праша: извинете, не знам како да ви се обраќам – со господин амбасадор, или господин генерал? Мртов ладен, Бангладешанецот му одговори – за да станеш генерал, потребни се години и години учење, вежбање, усовршување, посветеност, напредување…, а за да бидеш амбасадор, доволен е лист хартија, декрет, потпишан од еден човек! Тоа е достапно за секоја будала! Ние, што го слушавме разговорот, гласно се смеевме. На Волфовиц, меѓутоа, не му беше баш до смеа. Кисело се смешкаше. Одговорот – сосема точен.

Македонската дипломатија е млада и во неа нема многу искусни дипломати, од коишто заскитаните амбасадори би можеле да учат. Поинаку е, на пример, во американските амбасади, во кои има и по 100-тина дипломати. Меѓутоа, не е само учењето во прашање. Во нашиов случај, се работи за класична злоупотреба на титулите. (Квази!) амбасадорите ги поддржуваат речиси сите поразителни и срамни дипломатски потези на власта, без никакви вредносни критериуми. Инаку, и на малку искусен дипломат, веднаш му е јасно дека и самата процедура и, особено, содржината на договорите од Нивици, и со Бугарија, се крајно неприфатливи за Македонија. А, агресијата којашто во последно време ја врши Софија врз Македонија мора веднаш, без размислување, и со гнасење да се одбие. Еден прав амбасадор, кога ќе го види и само насловот на договорите, се’ ќе му биде јасно. Впрочем, самиот факт што нашите умници од власта, преговараат со друга држава за нашиот идентитет, за мајчиниот јазик, за нашата историја… заслужува жестока осуда. Место тоа, кисинџерчињата од Советот – поддржуваат се’! Неверојатно!

И, уште едно, исто така важно правило за службата со која тие лажно се идентификуваат. Дипломатите се истурени фунционери на својата држава, со базично и недискутабилно задолжение да ги бранат нејзините интереси. Во двата, за Македонија уништувачки договори, коишто Советот ги прифаќа иако, нели, ќе кажат и по некоја критика за мижи да те мамам, нарушени се и оспорени фундаментите на македонизмот, и на македонската држава во целина. Во такви услови, членство во ЕУ не може да биде никакво оправдување ниту некаква возвишена цел.

Ристо Никовски
Август, 2022

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Ванковска за постерите на Силјановска: Me потсетува…

„Деновиве човек е шокиран од слики мамутски…

Маричиќ: Предлозите на ВМРО-ДПМНЕ за одложено дејство…

Во врска со предлозите на ВМРО-ДПМНЕ за…

Во областа Гора никогаш немало припадници на…

Пописот во Косово ќе се одржи од…

Драматична полициска потера на Бит Пазар заврши…

Синоќа, мирните улици на скопски Бит Пазар…

Маричиќ: Планот за раст ни дава дополнителна…

„Она што го баравме од Европската Унија…