Објавено на:

Авиокомпаниите штедат за опстанок – кратат линии, патниците плаќаат сè поскапи билети

t

Европскиот авиосообраќај влегува во едно од најнеизвесните лета во последната деценија. Иако патниците и натаму се одлучуваат за авионот како најбрзо превозно средство, сепак од авиокомпаниите, аеродромите и од регулаторните тела пристигнуваат предупредувања дека индустријата е притисната од три паралелни кризи – драматичниот пораст на цените на авионското гориво, од доцнењето во испораките на нови авиони, како и од недостигот на авиокапацитети на европскиот пазар.

Овие кризи финансиски се одразуваат на големите, а особено на помалите авиокомпании. Во последните недели, европските медиуми сè почесто пишуваат дека авиокомпаниите штедат за опстанок. Сè почесто има доцнења на авиони, се откажуваат помалку рентабилни летови, а авиобилетите стануваат сè поскапи. Поради тоа, се предупредува дека ова лето 2026 може да биде најтурбулентното по пандемијата.

Главниот удар доаѓа од глобалната енергетска нестабилност и кризата на Блискиот Исток. Европската Унија веќе подготвува резервни сценарија поради стравувањата од недостиг на авионско гориво, особено поради проблемите со транспортот преку Хормускиот Проток, кој е една од најважните маршрути за снабдување со нафта и керозин. Анализите покажуваат дека цените на авионското гориво во одредени периоди од почетокот на војната на Блискиот Исток се зголемиле и за повеќе од 100 проценти во споредба со минатата година.

Шефот на Меѓународната асоцијација за воздушен транспорт (IATA), Вили Волш, предупреди дека поскапувањето на билетите е „неизбежно“. Според него, може да потрае кризата во снабдувањето со гориво на европските авиокомпании. Нискобуџетните компании се меѓу најранливите. „Рајан ер“ веќе призна дека врз резервациите и цените на билетите влијаат токму високите трошоци што ги имаат за купување на авионското гориво. Од компанијата посочуваат дека патниците резервираат во последен момент, а дел од превозниците веќе ги ревидираат прогнозите за профит за оваа година.

Вториот голем проблем во авиоиндустријата е недостигот на авиони. Европските авиокомпании сè уште не можат да ја обноват својата флота со авиони бидејќи има големи доцнења во испораката на нови авиони од производителите „Боинг“ и „Ербас“. Регионалните медиуми известуваат дека дел од компаниите чекаат нови авиони со години. На пример, „Кроација ерлајнс“ соопшти дека доцнењата за испорака на моделите A220 веќе надминале 70 месеци, што им создава дополнителни оперативни трошоци и проблеми во редот на летање. Авиокомпаниите се жалат дека се соочуваат и со недостиг на резервни делови, поради што мораат да го ограничат капацитетот, иако, како што посочуваат, сè повеќе се бара седиште плус во авион, а тоа директно влијае врз цените: помалку авиони значат помалку летови, а помалата понуда ги поскапува билетите. Според процените, доколку кризата продолжи, авиобилетите во Европа би можеле да поскапат за 5 до 15 проценти до крајот на годината.

Неколку големи авиокомпании веќе почнаа да кратат линии и летови за да ги намалат трошоците. Веќе се споменуваат повеќе од 13.000 откажани летови низ Европа. Германската „Луфтханза“ отстрани повеќе илјади летови од летниот распоред со цел да заштеди гориво. Меѓу укинатите дестинации се најде и линијата помеѓу Франкфурт и Скопје. Како што првично беше објавено, линијата требаше да биде прекината на 1 јуни, за еден месец, и да продолжи на 1 јули, но превозникот сега ги отстрани сите летови до крајот на летото, како и за претстојната зимска сезона, која започнува на 25 октомври и нуди алтернативни линии за македонските патници до Скопје преку Виена, преку својата подружница „Аустриан ерлајнс“. Од крајот на април 2023 година, линијата се одржуваше десет пати неделно со субвенции од македонската влада, сè до 30 декември 2025 година.

Дополнително, европските аеродроми предупредуваат дека летово може да има нов бран доцнења, особено во Шпанија, Германија, Белгија и Ирска, но од авиокомпаниите смируваат дека нема непосредна опасност од масовно приземјување на летови. Од „Рајан ер“ посочуваат дека некои европски набавувачи се снаоѓаат и обезбедуваат керозин од алтернативни извори од Норвешка, Западна Африка и Америка.

За патниците од Балканот веќе се чувствуваат последиците. Тие посочуваат дека билетите за летните дестинации се поскапи од лани, сè повеќе има промени во распоредите на летови во последен момент, а се очекува поскапување и на дополнителните услуги и на багажот.

Пазарите како македонскиот, српскиот и албанскиот се особено чувствителни бидејќи зависат од малиот број авиокомпании и од ограничениот број директни линии.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Авиокомпаниите штедат за опстанок – кратат линии,…

Европскиот авиосообраќај влегува во едно од најнеизвесните…

Авион на НАТО собори украински дрон над…

Романски борбен авион „Ф-16“, распореден во рамки…

СЗО бара прогласување глобална вонредна состојба

Група водечки меѓународни експерти собрани околу Светската…

По речиси тримесечна пауза, повторно отворена берзата…

Берзата во Техеран денеска повторно почна со…

Сиљановска-Давкова до бугарскиот амбасадор во Словенија: Македонскиот…

Македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова смета дека и…