АВМУ констатира уреднички пропуст, а утре Програмскиот совет ќе побара одговорност за песната за „Голема Албанија“ на МРТ 2

t

Според Агенцијата за медиуми, прикажувањето вакви содржини во програма наменета за најмладата публика претставува обид за индоктринација со идеи што е во директна спротивност со духот на соживотот и толеранцијата во нашето мултиетничко општество. Пренесувањето на пораките преку деца претставува нивна груба злоупотреба за политички цели
Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) спроведе вонреден програмски надзор на музичката програма од „Фестивал на детска песна – Билбилите на Кораб“, на кој деца од регионот пеат песни на албански јазик, емитувана на 28 март годинава (сабота) во 11 часот на МРТ 2, односно Вториот телевизиски канал на Јавниот радиодифузен сервис.

Конкретно, надзорот е правен на изведбата на песната „Албански територии (Trojet Shqiptare)“, која предизвика реакции во јавноста, особено поради визуелниот настап на девојчето што ја исполнува композицијата, кое за време на изведбата е облечено во маица, на чија предна страна е прикажана илустрација на картата на т.н. „Голема Албанија“, која вклучува територии на Албанија, Црна Гора, Северна Македонија, Србија, Косово и Грција.

На задната страна од маицата на девојчето, пак, на албански јазик се испишани зборовите „1 GJUHË, 1 KOMB, 1 GJAK“ („Еден јазик, еден народ, една крв“).

Во текот на сценскиот настап изведувачката на песната и двете танчарки неколку пати со рацете покажуваат симбол на двоглав орел.

Прекршен е Законот за медиумски услуги
Надзорот на АВМУ констатира прекршување на посебните забрани од член 48 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Според АВМУ, со изведбата на песната „Албански територии“ (Trojet Shqiptare) се поттикнува и се шири нетрпеливост врз основа на национална и етничка припадност преку иредентистички симболи и експлицитни политички пораки за промовирање моноетнички, иредентистички „аманет“ за обединување на територии.

„Прикажувањето вакви содржини во програма наменета за најмладата публика претставува обид за индоктринација со идеи што е во директна спротивност со духот на соживотот и толеранцијата во нашето мултиетничко општество. Пренесувањето на пораките преку деца претставува нивна груба злоупотреба за политички цели“,

се вели во соопштението од надзорот на АВМУ.
Дополнителна тежина, според извештајот, носи и самиот текст на песната, кој содржел пораки за обединување на територии од повеќе држави во регионот, вклучително и делови од Северна Македонија. Овие пораки се оценети како експлицитни и како директно поврзани со концепт што може да предизвика меѓуетнички тензии.

„Летај ти, орел, летај, и над нашето знаме застани, над Албанија, Косово, Улцињ и Тетово гордо исправи се ти. Ќе дојде ден кога сите ќе бидеме заедно, зашто нè врзува еден народ, еден јазик, една крв. Земјата и небото ќе се обојат црвено и црно, а ние ќе славиме во слобода.“,

се дел од стиховите на песната.
Во извештајот од Агенцијата се наведува и дека овој детски фестивал се одржал во 2023 година, кога и премиерно бил емитуван на програмскиот сервис на МРТ 2.

Системски пропуст во уредувањето на програмата на МРТ 2
Тоа што програмата е емитувана на јавен сервис со национална покриеност, според АВМУ, дополнително го зголемува нејзиното влијание врз јавноста.

Фактот што спорните кадри и пораки, како што велат од Агенцијата, поминале низ уредничкиот филтер на МРТ 2 без да бидат отстранети, укажува на сериозен и системски пропуст во планирањето и уредувањето на програмата.

„Потсетуваме дека Јавниот радиодифузен сервис има посебна одговорност да не дозволи злоупотреба на програмата за промоција на идеи кои го негираат суверенитетот и територијалниот интегритет на државата и за поттикнување културна, етничка, религиозна, полова, расна, национална или други форми на нетолеранција, како и дека МРТ е должна да обезбеди целосна заштита на малолетните лица во своите програми“,

пишува во извештајот за извршениот програмски надзор.
Според АВМУ, при надзорот се применети критериуми од Водичот за мониторинг на говорот на омраза, стандардите од Европската конвенција за човекови права и праксата на Европскиот суд за човекови права, како случаите „Рој ТВ против Данска„ и „Зана против Турција“.

Утврдено е дека ограничувањето на ваквиот вид изразување е пропишано со закон, има легитимна цел, како заштита на националната безбедност, јавниот ред и правата и е неопходно во едно демократско општество.

Емитуваната песна е и тема на утрешната седница на Програмскиот совет на МРТ
Одговорноста за емитувањето на детскиот фестивал на кој се исполнува песна во која се воспева „Голема Албанија“ ќе биде тема на седница на Програмскиот совет на МРТ закажана за утре во 10 часот.

Претседателот на Програмскиот совет, Давор Пашоски, во изјава за „Фокус“ вели дека имајќи го предвид извештајот од АВМУ, во кој јасно се констатира прекршување на член 48 од Законот, односно поттикнување и ширење нетрпеливост врз основа на етничка и национална припадност, Програмскиот совет ќе постапи во рамките на своите надлежности.

„Во таа насока, ќе го задолжиме директорот на МРТ, Марјан Цветковски, да покрене соодветна дисциплинска постапка за утврдување одговорност за овој сериозен пропуст во уредувањето и емитувањето на програмата. Очекуваме преку таа постапка јасно да се утврди како ваква содржина, и покрај уредничката контрола и временската дистанца од нејзиното создавање, била емитувана на јавниот сервис. Програмскиот совет останува доследен на принципите на законитост, професионалност и заштита на јавниот интерес, особено кога станува збор за прашања што можат да влијаат врз меѓуетничките односи и општествената кохезија“,

изјави Пашоски за „Фокус“.
Како што пренесуваат дел од медиумите, според интерни информации од телевизијата, уредничката на МРТ 2 изминатиот период е отсутна поради боледување, со што треба да се утврди кој ја презел одговорноста за финална селекција на програмата и одлуката да се емитува таква содржина.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

АВМУ констатира уреднички пропуст, а утре Програмскиот…

Според Агенцијата за медиуми, прикажувањето вакви содржини…

Филипче: Денеска упатувам писмо до ЕУ за…

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, информираше дека…

По 10 години се ажурира листата на…

Министерот за здравство, Азир Алиу, соопшти дека…

Трамп: Иран само што побара прекин на…

Претседателот Трамп изјави дека Иран „само што…

57-годишен маж му се заканувал на градоначалникот…

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Кичево поднесе…