Автобуските превозници ќе се приклучат на протестите на камионџиите ако не се најде поволно решение

t

Асоцијацијата на автобуските превозници „Исток“ укажува дека новиот начин на евиденција во шенген-зоната ги отежнува нивното секојдневно работење и редовното одржување на секојдневните меѓународни линии за превоз на патници. Од европските институции бара фер и применливо решение што ќе го земе предвид специфичниот карактер на професионалниот превоз на патници и стока.

Според претседателот на Асоцијацијата „Исток“, Горан Трпковски, подготвени се на заеднички протест со камионските превозници доколку не се донесе поволна одлука, која ќе обезбеди непречено функционирање на меѓународниот превоз и заштита на стопанството.

– Изразуваме длабока загриженост од начинот на кој Европската Унија го применува правилото за престој (90/180) во шенген-зоната, кое без исклучок се однесува и на професионалните возачи. Овој начин на пресметување и евиденција за престој во шенген-зоната има сериозно негативно влијание врз работењето на превозниците и целокупното стопанство. Нашите компании со години вршат превоз на балкански тури што гравитираат низ земјите во регионот, вршат меѓународен превоз организиран од страна на тур-оператори и туристички агенции, а новиот начин на евиденција го отежнува нивното секојдневно работење, како и редовното одржување на секојдневните меѓународни линии за превоз на патници – изјави претседателот на Асоцијацијата „Исток“, Горан Трпковски, за МИА.

Ако се земе предвид статистичкиот податок дека на месечно ниво во 2025 година во нашата држава во просек престојувале по 100.000 туристи за кои нашите превозници и туристички агенции извршиле превоз на разни дестинации, посочува Трпковски, последиците од мерката на Европската Унија би биле поразителни.

– Ограничувањето на движењето на возачите не само што го попречува нивниот ангажман, туку предизвикува последици и врз фирмите и граѓаните, а ќе доведе до длабоки економски последици, намалување на приходите во туризмот, затварање многу фирми и мали бизниси, губење работни места, намалена конкурентност на нашите компании за превоз, губење на странските партнери и огромен пад во стопанството со огромно нарушување на туристичките, економските и трговските текови – вели Трпковски.

Нашата заложба, дополнува тој, е идентична со ставовите на членките на Асоцијацијата „Макам-транс“ и сме подготвени на заеднички протест доколку не се донесе поволна одлука, која ќе обезбеди непречено функционирање на меѓународниот превоз и заштита на стопанството.

– Асоцијацијата „Исток“ апелира до Европскиот комитет и надлежните служби да изнајдат фер и применливо решение, кое ќе го земе предвид специфичниот карактер на професионалниот превоз на патници и стока – изјави претседателот на Асоцијацијата „Исток“, Горан Трпковски.

Камионските превозници од државава и нивните колеги од Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, вчера почнаа блокада на товарниот сообраќај на премините кон шенген-зоната. Тие сметаат дека ЕЕС-системот ги дискриминира во однос на превозниците од ЕУ и бараат да им биде доделен посебен статус и да ги третира како туристи при влез во блокот.

Од Асоцијацијата на здруженијата на работодавачите на превозните трговски друштва на Република Македонија „Макам-транс“, вчера, на првиот ден од протестот изразија надеж дека ќе наидат на разбирање од страна на европските држави.

– Станува збор за професионална дејност – транспортна. Лицето работи во сопствената држава, возилото е регистрирано во сопствената држава и, едноставно, може да се каже дека Европа на овој начин сака да нè спречи да работиме – изјави Билјана Муратовска од „Макам-транс“ потсетувајќи дека со секоја држава имаме потпишано билатерални договори во областа на превозот, кои дозволуваат пристап и движење на нивна територија.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Автобуските превозници ќе се приклучат на протестите…

Асоцијацијата на автобуските превозници „Исток“ укажува дека…

ЕК работи на решение за проблемите на…

Европската комисија е свесна за загриженоста што…

Превозниците од денешните блокади: Без нас продавниците…

Генералната секретарка на превозникот „Макам-Транс“, Билјана Муратовска…

Стопанска комора: Камионџиите да бараат институционално решение,…

Проблемот со примената на правилото од 90/180…

Македонските камионџии денес ги блокираат сите гранични…

Поради најавата на транспортните превозници за блокада…