Објавено на:

„Ако задоцневме 12 секунди, немаше да излеземе“, сведочат преживеани од пожарот во „Пулс“

t

На денешното судско рочиште за пожарот во дискотеката „Пулс“, преживеаните сведочеа за драматичните моменти на евакуација и хаосот што избувнал по активирањето на пиротехнички средства.

Сведокот Мартин Димитров раскажа дека огнот започнал околу 2:30 часот по полноќ.

„Ја фатив девојка ми и ја истуркав заедно со другарка ѝ. На масата остана една девојка, не сакаше да излезе, и јас и нејзиниот дечко ја фативме за раката. Се истуркавме до излезот, каде што се заглавивме малку, и ако подзадоцневме 8-12 секунди, немаше да излеземе. Надвор беше хаос и имаше многу луѓе. Додека бев на првата скала, се свртев назад и сѐ беше темно, почнаа да пукаат светилките“, рече Димитров.

Според сведокот, починатиот фотограф Александар Ѓорѓиев се обидувал да го изгасне пожарот. Тој фрлал чаша со вода кон пламенот. Димитров посочи дека не видел противпожарни апарати или хидранти, освен стрелките за излез над единствената врата. Тој нагласи дека во спасувањето на присутните помагале и други лица, меѓу кои и обвинети во случајот.

Сведокот потврди присуство на малолетници во дискотеката, а Анастасија Илиева појасни дека таа и четири другарки, од кои две малолетни, биле на местото на настанот.

„Околу 2 часот почна настапот на групата ДНК, а половина час подоцна се вклучија пиротехничките средства. Мислевме дека е нешто мало, но потоа настана стампедо“, рече Илиева, додавајќи дека изгубила свест помеѓу вратата и тоалетот и била спасена преку дупка направена во ѕидот.

Друг сведок наведе дека пожарот се проширил на целиот плафон за 30 секунди, предизвикувајќи хаос. Тој бил спасен од лице од обезбедувањето и од пожарникар, откако врз него паднала ПВЦ-врата заедно со седум други лица.

Судењето за пожарот во „Пулс“, каде што загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени, продолжува во фаза на доказна постапка пред судијката Дијана Груевска-Илиевски. На претходното рочиште, таткото на починатиот Александар Карадаковски сведочеше дека неговиот син бил назначен за управител на објектот „за да не пропадне лиценцата“, без да знае вистинските одговорности.

Обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители, а процесот продолжува со сослушување на сведоци на предлог на Обвинителството.

Пожарот во дискотеката „Пулс“ настана на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК и претставува една од најтешките трагедии во поновата историја на земјата.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

„Ако задоцневме 12 секунди, немаше да излеземе“,…

На денешното судско рочиште за пожарот во…

(ФОТО) Екс градоначалникот на Струмица стапи во…

Екс градоначалникот на Струмица – Костадин Костадинов…

Иран го ограничи преминот низ Ормуската Теснина…

Во рамки на договорот за прекин на…

Мемов: Пензискиот систем не може да колабира,…

Граѓаните да бидат сигурни, пензискиот систем никојпат…

Судска медицина: Анализите за трагедијата во Кочани…

Дел од родителите на децата што загинаа…