Алиу: Не планирам да се пензионирам и да шетам по паркови
Министерот за здравство Азир Алиу рече дека не планира да се пензионира, туку да придонесе за општеството, откако премиерот Христијан Мицкоски вчера најави дека со реконструкцијата на владата овој ресор оди кај ВМРО-ДПМНЕ од каде зa нов министер го предлагаат директорот на Фондот за здравствено осигурување Сашо Клековски.
Во одговор на новинарско прашање министерот рече дека тој е концентриран на извршување на функцијата министер до моментот на примопредавање, што најверојатно ќе се случи следната недела.
-Ја се уште сум министер за здравство до моментот кога во Собрание ќе се изгласа новиот министер. До тој ден ќе работам ќе придонесам кон здравствениот систем во државата. Кога влегов пред десет години во политиката влегов за да помагам, но денес после десет години со политичкото искуство што го имам, веќе сум во политиката за да променам, да променам како се води политика и како политичар треба да биде транспарентен и реално да функционира во системот, изјави Алиу.
Тој рече дека ќе продолжи да внесува нови вредности во општеството затоа што длабоко верува дека секој од нас може да даде придонес.
-Знаете дека сум универзитетски професор и цел живот 25 години кариера и во приватни и во државни институции и како експерт во други проекти во и надвор од државата. Сега засега сум концентриран како министер за здравство до моментот кога ќе има примопредавање. Од тој момент ќе бидете известени, бидејќи јас не планирам да се пензионирам и да шетам по државите или надвор по паркови, туку планирам да придонесам кон општеството, изјави Алиу.
Според него политичарите треба да креираат системски решенија, а не ад хок решенија, бидејќи ќе дојде време кога одреден политичар нема веќе да биде на таа функција.
Во одговор на новинарско прашање тој рече дека не само новиот министер, туку и тој после него и да сака не може одредени процеси да се вратат назад.
– Ќе има континуитет здравството, не дека не ги знае здравствените системи и ценам дека ќе продолжиме со политиките кои ги почнавме бидејќи ќе има притисок од јавноста и ценам дека нема да може да оди назад транспарентноста која ја воспоставивме ќе може да не биде, или тој портал што го воспоставивме нема да може да не функционира и да снема струја, бидејќи ќе реагира јавноста, додаде тој.