Објавено на:

Африка останува без дизел и вештачко ѓубриво, цените на храната растат

t

„Тешкотиите во испораката на нафта од Персискиот Залив за богатите земји значат повисоки цени, а недостигот на ѓубриво – помали приноси.“ За Африка тоа значи намалувања, помалку ѓубриво и можна глад. Има ли лек?

Необработени полиња, долги редици на бензинските пумпи, откажани летови: Африка директно ги чувствува сериозните последици од конфликтот на Блискиот Исток. Веќе речиси два месеца едвај некој трговски брод поминува низ Ормускиот Теснец. А тоа значи дека светскиот пазар останал без значителен дел од понудата, пред сè нафта и вештачки ѓубрива, пишува „Дојче веле“ (ДВ).

„Африканската Унија многу внимателно ја следи состојбата во регионот на Ормуската Теснина, бидејќи таа влијае на низа стратешки стоки кои се неопходни за африканските економии“, изјави за ДВ Вили Њамитве, амбасадор на Бурунди во Африканската Унија и моментален претседател на Комитетот на амбасадори.

Сè станува поскапо

Уште е далеку враќањето на слободната пловидба низ овој стратешки важен морски теснец, каква што беше пред американско-израелските напади врз Иран. Дури и ако дојде до тоа, ќе поминат месеци пред сообраќајот и производството повторно да се стабилизираат и пред состојбата на пазарот да се врати во вообичаените рамки. Затоа африканските институции и влади преминале во кризен режим и бараат решенија за да спречат уште потешки последици, како глад или државни банкроти. Некои земји беа презадолжени и пред почетокот на војната со Иран, а состојбата лесно може да стане уште полоша поради поскапувањето кое се шири.

„Ситуацијата е сериозна“, вели Ања Берета, раководителка на програмата за африканска економија во германската фондација „Конрад Аденауер“, со седиште во Најроби. „Кога станува збор за ѓубривата, веќе во 2022 година се најдовме во слична ситуација на почетокот од руската агресија врз Украина: тогаш Русија и Белорусија беа меѓу најважните извозници на вештачки ѓубрива за земјите во Африка. И тогаш се стравуваше од глад во Африка, но сепак не дојде до најголемата криза“, вели Берета во разговорот за ДВ.

Причината беше флексибилниот одговор на африканските држави кои, на пример, финансиски интервенираа со поддршка од Африканската развојна банка. И сега сè уште постои значителен политички простор за дејствување.

Намалувања, редици, скапи субвенции

Недостигот на фосилни горива веќе парализира делови од континентот. Во Етиопија дизелот приоритетно се доделува на јавниот превоз, поради што граѓаните сè потешко можат да го добијат за своите возила. Во главниот град на Јужен Судан, Џуба, се намалува и производството на електрична енергија со планирани исклучувања, бидејќи тамошната термоелектрана користи мазут. Гамбија го субвенционира горивото со над 5,8 милиони евра од државниот буџет, додека Зимбабве ги разредува фосилните горива со етанол. Глобалниот недостиг на керозин силно ги погодува и африканските авиокомпании.

Барем исто толку сериозни се недостигот и наглото поскапување на хемиските ѓубрива. Пред избувнувањето на војната, речиси 50 отсто од сулфурот кој се преработува во фосфатни ѓубрива поминуваше низ Ормускиот Теснец, како и висок процент од суровини како уреа и амонијак. Јужноафриканското здружение на производители на житарици „Grain SA“ уште во април утврди дека цената на амонијакот пораснала за над 75 отсто во однос на претходната година, додека уреата поскапела за околу 60 отсто.

„Заедничка набавка како решение“

Додека кај дизелот, бензинот и керозинот во многу држави веќе подолго време важат национални кризни мерки, решенијата во областа на ѓубривата се уште се главно во фаза на изработка. Засега нема индикации дека постои волја да се исполни иницијативата на генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, завојуваните страни да овозможат поминување на ѓубрива наменети за земјите во развој. Како пример често се наведува договорот за жито кој од јули 2022 до јули 2023 година, со согласност на завојуваните страни, овозможуваше безбеден извоз на украинско жито.

Постои и друго брзо решение кое веќе се покажа ефективно во една претходна криза: африканските увозници на ѓубрива би можеле заеднички да настапуваат на пазарот, слично како што ЕУ ја искористи својата пазарна моќ за да обезбеди брза и поволна набавка на вакцини против Ковид-19.

Соработничката на фондацијата „Конрад Аденауер“, Ања Берета, ова го смета за реална и лесно применлива опција. „Не станува збор за технички капацитети, ниту за финансирање: африканските држави едноставно би требало заеднички да настапат“, вели Берета. Дури и ако недостасува договор на ниво на Африканската Инија, успех би можеле да постигнат регионалните заедници како Западноафриканската ECOWAS или Источноафриканската заедница.

Субсахарска Африка и сега користи исклучително мали количини ѓубриво во однос на обработените земјоделски површини. Според податоците на ФАО – Организацијата за храна и земјоделство при Обединетите нации – земјоделците во тој регион во просек користат 20,5 килограми ѓубриво по хектар, додека светскиот просек е речиси 144 килограми (податоци од 2021 година, значи пред војната во Украина). Понатамошното намалување на употребата би значело пониски приноси на пченка, ориз и пченица, а со тоа и раст на цените на храната. Затоа на Африка ѓубривата ѝ се неопходни – особено затоа што сезоната на сеидба веќе започна.

Зошто не од самата Африка?

За да биде долгорочно помалку изложена на надворешни кризи како војните во Украина и Иран, Африка пред сè би требало да развива сопствени производни капацитети. Моментално главната улога ја имаат Мароко и Египет, кои располагаат со големи наоѓалишта на фосфати, но и тие во производството зависат од сулфур од заливските држави. Истовремено, нигериската група „Данготе“ планира проширување на производството и градење нови фабрики за уреа во Нигерија и Етиопија.

Според проценката на Ања Берета, најефикасниот пристап би бил концентрирање на производството на ѓубрива на неколку индустриски локации. „Не постојат во секоја земја еднакво поволни услови за развој на сопствено производство на ѓубрива. Токму затоа пресудна улога имаат регионалните синџири на снабдување: однапред се идентификуваат три или четири земји во регионот каде што постојат соодветни услови, таму се воспоставува производство, а потоа се снабдува целиот регион“, објаснува Берета.

Премногу пречки за трговија и размена

Во тој контекст важна улога има Африканската континентална зона за слободна трговија (AfCFTA), бидејќи послободното движење на стоката преку границите значително го зголемува интересот на приватните инвеститори. Иако AfCFTA формално постои од 2021 година, сè уште постои низа пречки кои го отежнуваат несметаниот прекуграничен промет на стока.

„AfCFTA е централниот дел од решението“, вели амбасадорот на Африканската Унија Њамитве, зборувајќи за последиците од блокадата на Ормускиот Теснец. „Во Африканската Унија веруваме дека со забрзана имплементација на AfCFTA можат да се изградат поотпорни регионални синџири во клучните области како земјоделство, енергетика, здравство и индустриско производство.“

Пред неколку дена Африканската Унија усвои и стратегија за електромобилност, со цел намалување на зависноста од фосилни горива. Моментално на целиот континент се регистрирани вкупно околу 132.000 мотоцикли, автомобили и други возила на електричен погон. Ако таквите возила станат широко распространети, и тоа би бил важен чекор во зајакнувањето на отпорноста на Африка кон идните надворешни удари – се разбира, ако веќе нема да има ни термоелектрани на мазут. Дојче веле.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Африка останува без дизел и вештачко ѓубриво,…

„Тешкотиите во испораката на нафта од Персискиот…

Кој е најголем „нафтен“ добитник од кризата…

Тековниот конфликт на Блискиот Исток ги потресе…

ЕУ сака да отвори центри за депортација…

Германија и група истомислечки држави се уверени…

Авион се урна во океан во Африка,…

Авион на сомалиската авиокомпанија StarSky се урна…

Јужна Африка ќе гради нова нуклеарна централа

Јужна Африка ќе продолжи со плановите за…