Бара над милион денари: Синот на газдата на „Пулс“ поднесе приватна тужба за протестантите што го демолираа кафичот „Класик“ ден по пожарот

t

На 30-ти март во Основниот суд во Кочани ќе се одржи рочиште за помирување по приватната кривична тужба на синот на газдата на Пулс, Дејан Јованов – Деко, Михаил Јованов, за тоа што на 17 март, ден по трагедијата, гневните учесници на протестот во Кочани, го демолираа кафе-барот Класик во трговскиот центар. Јованов бара и над милион денари обештетување.

Тужбата во име на фирмата на младиот Јованов ја поднела адвокатката Ивана Коцевска на 18 јуни 2025 година, во време кога Обвинителството ја дополнуваше истрагата за смртта на жртвите на пожарот во „Пулс“. Коцевска е адвокатка на семејството Јованови и во судењето за пожарот во дискотеката.

„До Основен суд Кочани на ден 18.06.2025 година, од страна на оштетено правно лице за наведениот настан има поднесено приватна кривична тужба против осум лица и Н.Н. лица, за кривични дела „Оштетување туѓи предмети “ од чл. 243 став 1 в.в со чл. 22 од КЗ и кривично дело„ Нарушување на неповредливоста на домот“ од чл. 145 став 1 в.в со чл. 22 од КЗ. По приватната кривична тужба има закажано рочиште за мирење за ден 30.03.2026 година, се вели во одговорот до Канал 77 од Основниот суд – Кочани.

viber slika
Од тужбата што деновиве беше споделена и на социјалните мрежи, може да се види дека наведени се седум имиња од Кочани и едно од Чешиново како одговорни за вандализмот, а додадени се и непознати лица, за кои подносителите на тужбата немаат сознанија кои се. Прашавме како ќе се откриваат, дали се работи на тоа и секако што ќе биде изведено пред судот, за што добивме ваков одговор:

„Во однос на тоа кои докази и на кој начин ќе се изведуваат доказите кои се потребни за постапката, судот ќе постапува согласно одредбите од ЗКП во натамошниот тек на постапката“, велат од Основен суд – Кочани за Канал 77.

Тужбата е приватна, има ли и службена?

Во протестот на 17 март попладнето, веднаш по смртоносниот пожар во „Пулс“, граѓаните кои се собраа на протест, поминаа во центарот на Кочани, каде беше запален кафичот „Класик“ на Јованови, по др упатија кон нивната семјена куќа и оштетија возило на пошта со која работи една од фирмите на Јованови. Имаше бројни видеа од настаните.

Во деновите што следеа имаше повеќе информации дека дел од учесниците биле повикани на информативен разговор од полицијата, но не и потврда дека е поведена постапка од страна на Министерството за внатрешни работи (МВР).

Се обративме до МВР за информација дали е поведена постапка по службена должност против учесници на протестот и за колку лица станува збор, но до овој момент нема одговор.

Од Здружението на семејствата на загинатите „16 март 2025“ го осудуваат насилството, но и подвлекуваат дека според нивните сознанија, досега не е утврдено постоење на кривично дело „насилство“ од 17 март:

„Здружението недвосмислено се дистанцира од каква било форма на насилство и постојано се залага за законито, мирно и достоинствено изразување на јавниот револт. Во однос на настаните по трагедијата во Кочани, укажуваме дека според досега јавно достапните податоци не е утврдено постоење на кривично дело „насилство“, а постапките што се водат во моментот се иницирани врз основа на приватна кривична тужба за наводна имотна штета“, соопштија од Здружението.

Дел од родителите на починатите деца во пожарот изразија сомнеж во легалноста на работењето на објектите на Јованови – дискотеката „Пулс“ и кафичот „Класик“.

Александар Наунов, татко на починатата Надица Наунова, прашува како воопшто биле вршени финансиски трансакции и плаќања за наводниот имот, имајќи предвид дека сметката на правното лице била блокирана во релевантниот период.

„Особено индикативно е што, и покрај блокадата, сметката евидентирала приход во износ од 4.000 денари, што отвора основано сомнение за незаконито располагање со средства и заобиколување на законските забрани. Понатаму, тужителите не приложуваат ниту еден валиден доказ со кој би се утврдила сопственост или право на користење на предметниот имот. Истиот не е внесен како основачки влог, како што тоа е задолжително согласно Законот за трговски друштва, не постојат фактури, договори, ниту било каква сметководствена и финансиска евиденција што би го потврдила неговото постоење како дел од имотот на фирмата. Отсуството на основни правни и финансиски докази јасно укажува дека наводните побарувања се неосновани, фиктивни и без правна основа, а бараните суми се насочени исклучиво кон покривање на трошоци за адвокатски услуги и водење на судски постапки, што претставува злоупотреба на судската заштита и обид за неосновано стекнување“, вели Наунов.

Притисок и заплашување?

Од здружението на семејствата на загинатите додаваат дека секој обид за притисок и заплашување на луѓето кои ја поддржуваат борбата за правда е спротивен на демократските вредности:

„Фактот дека станува збор за постара тужба која дури сега се актуелизира во јавноста, иако формално не ја менува нејзината правна природа, реално има значително влијание врз јавната перцепција и претставува дополнително оптоварување за семејствата на жртвите. Здружението инсистира на почитување на принципите на правната држава и презумпцијата на невиност, но истовремено и на целосна кривична, институционална и морална одговорност за трагедијата. Секој обид за притисок, заплашување или индиректно санкционирање на граѓани кои мирно го оствариле своето право на протест го сметаме за спротивен на уставните и демократските вредности“, соопштија семејствата.

Рочиштето за демолирањето на кафичот ќе се одвива во кочанскиот суд, додека со Скопје продолжува судењето за пожарот во „Пулс“. Последното рочиште беше одложено по барање на адвокатката Сузана Јошевска – Атанасовска, која стана член на Судскиот совет и побара нејзината замена да има време да се упати во предметот. Судењето ќе продолжи во понеделник, 26-ти јануари.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Бара над милион денари: Синот на газдата…

На 30-ти март во Основниот суд во…

Судијата Ристов парите ги криел зад плочка…

Судијата од скопска Апелација Ѓоко Ристов ќе…

Одземен имунитетот на судијата Ристов, одобрен куќен…

На денешната итна седница, Судскиот совет со…

Kaко мед: Новиот директор на Агенцијата за…

Левица информира дека за нов директор на…

ИТНА СЕДНИЦА: Судскиот совет ќе одлучува за…

Судскиот совет на Република Северна Македонија зa…