Битолски историчар – изгоре објект стар 120 години: Битола денес е град на пустотата, мизеријата и бедата

t

Битола денеска го загуби најрепрезентативниот стопански објект од осмнлинскиот период. „Жито Битола“ или млинот на Исмаил бег „Драгор“ изгоре до темел. Објект кој беше стар над 120 години, денес се пеплоса, а пошироката јавност воопшто и не знаеше дека објектот претставува толку стара градба. Нема тука да пишувам за историјатот на објектот, бидејќи е залудно, тоа е веќе куп пепел, врз кој ќе никне некаково ново здание.

Овој објект на македонската историографија и е познат и обработуван уште од самиот нејзин почеток. Првата поопсежна анализа ја добива во докторската дисертација на Данчо Зографски под наслов.“Развитак капиталистичких елемента у Македонији за време турске владавине” Докторска дисертација-Скопје, 1962. Токму 60 години по неговото прво споменување во научната мисла, објектот изгоре. Потоа се редеа книги, статии, написи, воопшто кој и да пишувал за индустрискиот и економскиот развој на Битолскиот вилает неодминливо ќе го спомене и млинот на Исмаил бег, бидејќи како најсовремена мелница едноставно е неизбежен моментум од стопанската историја. Сепак се тоа не беше доволно за да се изготви, соодветен елаборат, па да се направи и историјат и објектот да се заштити. Последните 30 години од својот живот ги мина како ничија своина која во транзициониот период беше раздавана, на еден, друг или пак трет сопственик.


Денес објектот веќе го нема. Пред нецела година бевме сведоци како и последното зачувано Ислахане на територијата на некогашна османлиска Македонија, и едно од само 34 такви изградени на трите континенти каде се протегала Османлиската империја. Освен што добивме слика со екс министерката и некаков статус на привремена заштита ништо друго не беше превземено. Тоа е идејата за заштитита на културното наследство во нашата земја, ставање на една плочка и сликање крај неа. Објектите како млинот на Исмаил бег, кои не се воопшто ни препознати не го добија ни тоа. И тоа не е се? Во Битола има десетици објекти кои за официјалните институции не се воопшто познати, оставени се на забот на времето, пред нашите очи се распаѓаат а притоа мнозина граѓани и не знаат што се.

Битола некогашниот вилаетски центар, градот на конзулите, градот на клавирите, денес е град на пустотата, мизеријата и бедата.

Нашиот град своевремено имаше музеј кој предничеше и по квалитетот на кадарот и по сработеното. Денес градот има музеј без ниеден вработен историчар, а како изминува времето, во догледно време ќе остане и без воопшто било стручен кадар поради пензионирање на кадрите. Тоа не е вина на некој директор, но е вина на нашиот народ, кој со години храни политичари кои воопшто не мислат, ниту на сегашноста, а камоли пак на минатото и иднината. Државата односно соодветното Министерство за култура, никогаш немаше пари за вработување на нови кадри.
Се надевам дека сега ви е појасно зошто овој пат се одлучив да не пишувам никаков историјат, да не говорам никаква историја. Мојот личен бол и бес е во сегашноста. Таа сегашност кој мојата генерација ја доживеа, која е срамна, грда и сурова, во која сегашноста е неподнослива, минатото разорено, иднината црна. Гледајќи како еден по еден ги снемува објектите од нашето богато минато, ме обзема неопислив јад и гнев, што како историчар, сум принуден да гледам како свесно со децении се убива минатото!

Васко Гичевски- историчар од Битола

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Русија предупредува: Киев подготвува провокација со жито,…

Русија: Киев подготвува провокации во силоси со…

(Фото) Руски бродови “обвинети” за кражба на…

На Твитер се објавени сателитски снимки од…

(Фото) Изгаснат пожарот во хотел Буши, има…

Пожарот во хотел "Буши" е изгаснат, информира…

(Видео) Гори хотел “Буши” во Скопје

Изби пожар во ресторанот на хотелот Буши…

(Фото) Голем пожар на аеродромот во Женева:…

Пожар избувна во близина на пистата на…