Вакви личности се симбол за соживот: На денешен ден загина Ибе Паликуќа, Албанка, партизанка и антифашист!

t

Македонија е мултиетничка држава, градена на АСНОМ-ски темели и на темелите од антифашистичката борба во која учествувале сите народи кои живеат во Македонија.

Веќе подолг период политичките “елити” во Македонија поради секојдневните препукувања и меѓу партиите и на национална основа, предизвикуваат поделби меѓу припадниците на различните етнички заедници.

Или што би рекол Апасиев “наместо на темелите на АСНОМ и антифашизмот, градите соживот врз остатоците од 2001-ва”.

Како потсетување на соживотот кој е традиција во Македонија денеска се сеќаваме на младата Албанка, партизанка и антифашист, Ибе Паликуќа која загина на денешен ден во 1944 година.

Ибе Паликуќа е учесничка во НОВ во Македонија и народен херој. За народен херој на Југославија е прогласена на 8 октомври 1953 година.

 Таа е една од седумте партизанки од Македонија, кои се прогласени за народни херои на Југославија и една од најмладите народни херои во поранешна Југославија.

Војната и италијанската окупација ја затекуваат во Дебар. Нејзиното семејство е антифашистички настроено. Брат ѝ Ештреф бил активен во народноослободителното движење. Таа како пионер ја добива првата задача како курир да носи писма и да пренесува илегалци. Сè повеќе се ангажира, чита и растура летоци. На петнаесет години, во 1942 година ја примаат во СКОЈ.

Лесно се движи низ градот затоа што окупаторот не се сомнева дека е комунист затоа што татко ѝ е оџа. Во нивната куќа се одржуваат состаноци и свраќаат илегалци. Активноста на Ибе во партиската организација во Дебар високо се цени, па во јуни 1943 година ја примаат во КПЈ. Оттогаш нејзината активност е сè поголема. Таа е огнен агитатор не само во Дебар туку и во околните села. По капитулацијата на Италија во септември 1943 година, во Дебар се организира народна власт, а Ибе деноноќно е во акција. Кога партизаните се повлекуваат од Дебар, Ибе заминува заедно со нив и стапува во единиците на НОВ и ПОМ.

Меѓутоа, Партијата ја враќа во Дебар, во илегала, во својство на член на Месниот комитет на КПЈ за Дебар. Нејзината политичка работа се одвива меѓу женската младина.

Непријателот се обидува да ја оневозможи и за да не падне во рацете на непријателот или да биде убиена, Месниот комитет го одобрува нејзиното стапување во партизани. Ибе се истакнува како партизанка и на 6 август 1944 година станува заменик-комесар на чета во Четвртата албанска бригада на НОВ. Од формирањето, бригадата е во постојана борба со балистите. Балистите се потпомагани од Германците, кои ги снабдуваат со тешко вооружување.

Во една таква борба на периферијата на Кичево на 20 септември 1944 година, при пробивот на партизаните таа е во последната група. Во борбата меѓу селата Премка и Шутово, Ибе е тешко ранета и по два дена, им подлегнува на повредите во селото Шутово, Кичевско.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ