(Видео) Четири години семејството Смоковски бара правда за загинатиот син: ,,Обвинителството да не го чува предметот во фиока”
„Бараме во Обвинителството правдата да ја изнесат на виделина. Да не го чуваат предметот по фиоки. Три години и два месеца чекаме, ништо од тоа. Уште ништо.“ Вака, по повеќе од три години, семејството Смоковски ги потсетува обвинителите дека бара правда за својот син, кој починал на работно место. На 20 декември 2022 година, 23 годишниот Дарко Смоковски заминал на работа, само седум дена откако почнал да работи на новото работно место. Но, околу 17:30 часот, на врата им затропала полиција, да ги извести дека тој починал на работното место. Оттука започнува голготата на Смоковски, кои велат дека предметот за нивниот син е во фиока во скопското обвинителство.
„Син ни ни кажа, на врата дошла полиција. Ние одмаравме после ручек, после работа. Син ми тој ден имаше уште два дена возење и да почне со полагањето. Син ми дојде, не разбуди, вели мамо, Дарко почина. Викам како почина. Имало на врата полиција. Викам 17 часот е, Дарко требаше да оди на возење, само не го прашав до колку ќе вози. Тоа се случило во 12, а го нашле во 14 часот. Нас не известија во 17:30 часот. Помислив дека инструкторката нешто му направила, ама син ми кажа дека било на работа. Здраво право дете да го пуштиш на работа, а да слушнеш дека починало. Тоа е многу тешко за родител“, вели мајката.
На почетокот, семејството немало никакви информации како загинал нивниот син, а според таткото Тони Смоковски, во обвинителството биле повикани дури откако нивниот адвокат испратил ургенции. Вели дека до денеска, тие не знаат како точно загинал нивниот син, бидејќи единствената информација што ја добиле усно е дека случајот се случил во товарниот лифт во фирмата Елинг во која Дарко работел.
„До ден денеска ништо не знаеме што се случило и како се случило. На почеток не знаевме ниту каде е случајот, баравме информации каде е, на крај ни кажаа дека е во Обвинителство. Од Обвинителство првите две години воопшто не не повикаа. Благодарение на нашиот адвокат, после две години не повикаа да дадеме изјава, јас, сопругата и братот на нашиот починат син. Имаме многу поднесено поднесоци, па мораа да не викнат. Немаме никаков писмен одговор за ништо. Ни кажаа дека предметот се работи, со многу различни вештачења. Повеќе од три години, уште не е даден предметот во Кривичен суд. Бараме некоја правда. И бевме приморани да дадеме граѓанска парница, да не дојде до застарување на делото. Ние само правда бараме“, вели таткото.

Мајката Васа Смоковска вели дека нејзиниот син бил без договор за работа и дека не бил обучен за работата која ја работел.
„Не беше ни пријавен, ниту обучен. Како наводно му рекле дека ќе го пријават после Нова година, дека е уште на обука. Која обука му ја дадоа, за седум дена му го земаа животот, младоста му ја земаа“, додаде мајката.

Семејството додава дека имале поднесено барање за двајца дополнителни сведоци за настанот, но за тоа дали истите ќе бидат прифатени или не, одговор не добиле.
„Нашиот адвокат поднесе поднесок за двајца сведоци, но дали има потреба или нема потреба, обвинителството воопшто не ни кажало. Усмено ни е кажано од обвинителот дека случајот се случил во лифтот, а како, што, ништо не знаеме“, вели таткото Тони.
Инфомакс испрати прашања и до обвинителството, од каде кусо ни одговорија дека за предметот од 2022 година, вештиот наод е доставен до обвинителството во јануари годинава.
„Во предметот се преземени повеќе дејствија и испитани лица. Јавниот обвинител издаде наредба по која постапуваше МВР, а по прибирањето на целокупната документација беше наредено и извршено вештачење. Вештиот наод е доставен до обвинителството во јануари и врз основа на наодите предметот е во фаза на анализа и донесување јавнообвинителска одлука“, ни рекоа од Обвинителството.
А вештачење има направено и семејството Смоковски. Дали двете вештачења го говорат истото и дали воопшто ќе има можност истите да бидат презентирани пред судија, зависи од тоа што ќе одлучи обвинителот во чии раце е предметот.
Александар Тодески
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
(Видео) Четири години семејството Смоковски бара правда…
„Бараме во Обвинителството правдата да ја изнесат…
(Видео и фото) Голем пожар во Визбегово…
Голем пожар во Визбегово – екипите на…
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје…
Утре (01.05.2026) со почеток во 11.00 часот…
Уапсен скопјанец, полицијата му нашла нож и…
Вчера во 20:00 часот на подрачјето на…
БУРУ ГО ПОТСЕТИ СКОПЈЕ: КУЛТУРНИТЕ ПРОСТОРИ МОЖЕ…
Во време кога сè почесто се зборува…