Во Гостивар за едно деноноќие над 350 прегледи поради гастроентероколит, тројца хоспитализирани

t

Министерството за здравство соопшти дека надлежните здравствени институции продолжуваат со интензивно следење и истражување на зголемениот број лица со симптоми на гастроентероколит на подрачјето на Гостивар.

Според податоците, во периодот од 18 јули во 08:00 часот до 19 јули во 08:00 часот, во Општата болница во Гостивар биле извршени 204 прегледи на Инфективното одделение, при што три лица се хоспитализирани. На Педијатриското одделение биле реализирани 140 прегледи, од кои 105 нови и 35 контролни, а во Ургентниот центар се евидентирани уште девет прегледи.

Од Министерството наведуваат дека клиничката слика кај најголемиот број пациенти е лесна, а бројот на хоспитализирани останува низок. Сепак, поради наглото зголемување на бројот на заболени, состојбата се третира како активен епидемиски настан и се спроведуваат епидемиолошки, лабораториски и превентивни мерки.

Подрачната единица на Центарот за јавно здравје во Гостивар врши теренски увиди и епидемиолошки анкети, а досега се доставени околу 140 пријави за заразна болест, кои ги обработуваат тимови од Центарот за јавно здравје Тетово и Институтот за јавно здравје.

Во тек се микробиолошки анализи на примероци од пациенти и од водата, како и испитување на можните извори на зараза, надзор над водоснабдувањето и координација со Агенцијата за храна и ветеринарство, Државниот санитарен и здравствен инспекторат и локалните институции.

Министерството потсетува дека, согласно Законот за заштита на населението од заразни болести, Центарот за јавно здравје Тетово е надлежен да донесе одлука за евентуално прогласување епидемија на подрачјето на Гостивар, а таквата одлука се очекува во текот на денот.

Од Министерството апелираат граѓаните да ги следат препораките на здравствените власти, да одржуваат редовна хигиена и при појава на симптоми како повраќање, дијареја, покачена температура или знаци на дехидратација навреме да побараат медицинска помош.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Во Гостивар за едно деноноќие над 350…

Министерството за здравство соопшти дека надлежните здравствени…

Два активни и еден под контрола: Состојба…

На ден 19.07.2026 година, до 13:00 часот,…

Нови автобуси на водород ќе сообраќаат низ…

Рим во наредните години ќе добие 30…

Пановски: Постои масовна епидемија во Гостивар, дали…

Додека се чека на одлуката дали во…

Во ЕУ има 15,7 судии на 100…

Европската Унија во 2024 година имала 15,7…