Врховниот суд на САД даде зелено светло: Трамп ќе депортира 356.000 луѓе
Американскиот Врховен суд донесе одлука со која на администрацијата на Доналд Трамп ѝ се овозможува веднаш да ја укине хуманитарната заштита за околу 350.000 Хаиќани и 6.000 Сиријци кои легално живеат во земјата, со што се отвора пат за нивна депортација.
Одлуката, донесена со шест гласа „за“ и три „против“, ги поништува одлуките на пониските судови и претставува голема победа за имиграциската политика на Доналд Трамп, пишува „Еуроњуз“.
Со одлуката во предметот „Малин против Доу“, конзервативното мнозинство во судот практично им даде неограничена моќ на имиграциските власти да ја завршат програмата за привремен заштитен статус, оценувајќи дека судовите немаат основа да интервенираат.
Ова е последна во низата победи што администрацијата на Трамп ги оствари пред Врховниот суд во однос на имиграцијата. Таа доаѓа истиот ден кога судот донесе и посебна одлука со која се отвора пат за повторно воведување политика за ограничување на барателите на азил.
Што е привремен заштитен статус и кој го губи?
Привремениот заштитен статус е програма што Конгресот ја воспостави во 1990 година, со цел да ги заштити мигрантите од депортација кога нивните матични земји се погодени од војна или природни катастрофи. Во моментов, програмата опфаќа околу 1,3 милиони луѓе од 17 земји.
Хаиќаните првпат го добија тој статус во 2010 година, по разорниот земјотрес, а заштитата повеќепати беше продолжувана поради насилството на бандите, кое расели повеќе од еден милион луѓе во земјата.
Сиријците го добија статусот во 2012 година, откако нивната земја западна во граѓанска војна.
Откако се врати во Белата куќа во јануари 2025 година, администрацијата на Трамп настојува да го укине привремениот заштитен статус за 13 од тие 17 земји. Одлуката им дава јасен правен пат на тие напори, кои претходно беа блокирани од пониските судови.
Пресудата влијае и врз преостанатите четири земји со активен привремен заштитен статус: Ел Салвадор, Либан, Судан и Украина, чија заштита треба да биде обновена подоцна оваа година.
Американскиот Стејт департмент во моментов не препорачува патувања на Хаити и во Сирија поради широко распространето насилство, криминал, тероризам и киднапирања.
Судот поделен по идеолошки линии
Образложувајќи ја одлуката во име на шестчленото конзервативно мнозинство, судијата Самјуел Алито наведе дека имиграциските власти имаат исклучиво и ненадгледувано овластување да го укинат привремениот заштитен статус. Тоа значи дека судиите не можат да ги блокираат укинувањата, дури и кога пониските судови утврдиле дека тие најверојатно се незаконски.
Алито ги отфрли и аргументите дека навредливите изјави што Трамп ги давал за хаиќанските мигранти, вклучувајќи ги и тврдењата од кампањата во 2024 година дека Хаиќаните киднапираат и јадат домашни миленици, укажуваат на расна пристрасност.
Тој ги опиша тие коментари како недоволни за да се покаже дека укинувањето на статусот за Хаиќаните било засновано на расната припадност на хаиќанскиот народ.
Судијката Елена Каган беше остра во своето издвоено мислење.
„Доказите што беа презентирани вклучуваат изјави на претседателот кои се толку одбивни и расно обоени што мнозинството судии одбива да ги цитира во писмена форма“, напиша таа, додавајќи дека пресудата значи дека стотици илјади животи ќе бидат „искорнати од корен, најчесто трајно“.
„Семејствата се во неизвесност“
Адвокатите на хаиќанските корисници на привремен заштитен статус изјавија дека пресудата „директно ќе доведе до тоа илјадници невини луѓе да умрат со насилна и непотребна смрт“.
Тие го повикаа Сенатот да го усвои двопартискиот предлог-закон што Претставничкиот дом го изгласа во април, а со кој би се продолжила заштитата од депортација за Хаиќаните. Предлог-законот заглави во Сенатот.
„Семејствата се тука, децата одат на училиште, родителите работат, луѓето одат на работа, а Врховниот суд сега, се чини, едноставно ги запре сите тие активности и ги остави луѓето во неизвесност“, рече Вилес Дорсенвил, раководител на хаиќанскиот центар за поддршка во Спрингфилд, Охајо.
Дерик Џонсон, претседател и извршен директор на НААЦП, ја нарече одлуката „разорно предавство на хаиќанските семејства кои со години живеат, работат и придонесуваат во оваа земја“.
Организацијата „ФВД.ус“ предупреди дека, покрај човечката цена, одлуката ќе има и економски последици. Според организацијата, околу 200.000 хаиќански корисници на привремен заштитен статус се дел од американската работна сила, меѓу кои 15.000 земјоделски работници и 13.000 медицински сестри, кои заедно придонесуваат во економијата на САД со проценети 5,9 милијарди долари.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Врховниот суд на САД даде зелено светло:…
Американскиот Врховен суд донесе одлука со која…
Венецуела: Масовни грабежи по разорните земјотреси, расте…
Само еден ден по двата разорни земјотреси…
СЗО: Топлотниот бран во Европа е здравствена…
Екстремно високите температури што ја зафатија Европа…
Во вторник ќе се знае со кој…
Премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски,…
Зеленски: Одобрив 40-дневна операција против Русија
Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави, по…