Гостивар денеска треба да добие техничка вода

t

По една недела ограничено користење на водата и интензивни активности за санација на водоводниот систем, Гостивар денеска се очекува повторно да добие технички исправна вода за употреба.

Премиерот Христијан Мицкоски информираше дека последните анализи по спроведеното хиперхлорирање на водоводната мрежа покажуваат подобрување на состојбата, а надлежните институции треба официјално да ја потврдат исправноста на водата за техничко користење.

„Екипи од Скопје од Водовод се во Гостивар, работат на хиперхлорирање на инсталациите. Резултатите се веќе добри и очекувам да излезе соопштение дека водата е технички исправна за користење. Во рекорден рок од една недела тоа се санираше“, изјави Мицкоски.

Тој додаде дека Владата ги презела сите мерки што биле во нејзина надлежност, додека за утврдување на евентуална одговорност за состојбата во Гостивар надлежно е Јавното обвинителство.

„Целосната одговорност и ингеренциите за тоа што се случи во Гостивар се кај ЈО, а тие понатаму ќе утврдуваат дали има потреба од дополнителна одговорност“, рече премиерот.

Во однос на критиките од опозицијата, Мицкоски порача дека Владата останува насочена кон решавање на проблемите и обезбедување нормални услуги за граѓаните.

Кризата со водоснабдувањето во Гостивар започна минатата недела, откако по појавата на повеќе случаи на гастроентеритис беше прогласена епидемија и започна истрага за можно загадување на водоводниот систем.

Во рамките на истрагата беа приведени директорката на гостиварското јавно комунално претпријатие Артана Асани, техничкиот директор Леон Мезини и раководителот на секторот за водоснабдување Вадедин Даути.

Поради проблемите со водата беа организирани пунктови и цистерни за техничка вода, а помош пристигна и од повеќе општини, Армијата и државните институции кои обезбедуваа вода за населението.

Во меѓувреме, стручни екипи од скопски „Водовод“ спроведоа дополнителни анализи и хиперхлорирање на системот со цел отстранување на микробиолошката контаминација и целосно нормализирање на состојбата.

Според најавите, безбедна вода за пиење гостиварци треба да добијат откако ќе бидат завршени сите контролни анализи и ќе биде потврдена целосната исправност на системот.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Гостивар денеска треба да добие техничка вода

По една недела ограничено користење на водата…

Почина легендарниот македонски глумец Гоце Тодоровски

Македонската културна јавност и театарската сцена останаа…

Нетанјаху: Иран мора да ја прекине својата…

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денес изјави дека…

Убиен oсомничениот напаѓач на Берлинската парада на…

Главниот осомничен за синоќешниот терористички напад на…

Мачка им носела дрога на затвореници во…

Вработени во руски затвор пресретнаа мачка која…