Гостивар под инспекциски надзор по загадувањето на водата

t

Градинки, болници, ресторани, верски објекти, јавни чешми и институции во Гостивар се под засилени инспекциски контроли по загадувањето и воведената забрана за користење вода од градскиот водовод за пиење и подготовка на храна. Во екот на летната сезона, кога градот е преполн со повратници од странство и кога се одржуваат бројни свадби и семејни прослави, надлежните институции предупредуваат дека забраната мора строго да се почитува.

Засилени инспекции за храна во Гостивар
Поради недостигот од техничка вода, надлежните институции спроведуваат секојдневни теренски контроли кај операторите со храна и во јавните установи со цел да утврди дали се користи безбедна вода и дали се обезбедени алтернативни извори за непречено функционирање. Посебен акцент е ставен на рестораните, кафулињата и објектите во кои се организираат семејни прослави и свадби.

Од инспекциските служби предупредуваат дека храната не смее да се подготвува со вода од градскиот водовод и дека сите оператори се должни да обезбедат техничка вода од безбеден извор. Секој објект кај кој ќе биде утврдено користење на загадена вода или непочитување на забраната ќе се соочи со прекршочна постапка и финансиски казни.

Оливер Миланов: Забраната останува во сила
Директорот на АХВ, Оливер Миланов, на прес-конференција во Владата изјави дека инспекциските служби продолжуваат со вонредни контроли во Гостиварско и дека се земаат мостри од повеќе места. Тој потенцираше дека забраната за користење на водата од гостиварскиот водовод останува во сила сè додека лабораториските анализи не потврдат дека водата е безбедна за употреба.

Миланов информираше дека при вонредниот инспекциски надзор во водоснабдителниот систем во Вруток било утврдено дека во главниот цевковод, без одобрение и спротивно на законските процедури, биле поставени пумпи кои директно вбризгувале вода од реката Вардар во системот за водоснабдување.

Гиовска: Дивиот приклучок не бил дел од издадената дозвола
Директорката на Државниот инспекторат за животна средина, Ивана Гиовска, посочи дека спорниот приклучок преку кој била вбризгувана вода во системот за водоснабдување не бил дел од дозволите издадени од Министерството за животна средина.

Според неа, за ваков зафат мора да се исполнат исклучително строги санитарни услови и да се добијат сите потребни согласности од надлежните институции.

„Такво барање не било доставено до Министерството за животна средина. Дивиот приклучок воопшто не се наоѓал во рамките на дозволената локација, туку околу 800 до 900 метри надвор од точката опфатена со дозволата“, изјави Гиовска.

Таа додаде дека секој разумен човек знае дека ваква интервенција во систем за вода за пиењене смее да се спроведе без соодветни дозволи и контроли.

Хоџа: Одговорноста за водоснабдувањето е кај локалната власт
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, оцени дека случајот претставува сериозен инцидент кој директно го загрозил здравјето на илјадници граѓани.

„Очекувам целосно да се утврдат сите факти и околности, како и кривична и морална одговорност за сите кои со своето постапување или непостапување придонеле за оваа состојба. Кога е загрозено здравјето на граѓаните, не смее да има компромиси“, изјави Хоџа.

Тој нагласи дека снабдувањето со вода за пиење, одржувањето на водоводните системи и заштитата на санитарните зони се законска надлежност на општините и јавните комунални претпријатија.

„Општините се првата линија на одговорност за безбедното функционирање на овие системи и за заштитата на водните извори“, рече министерот.

Можно кривично дело и истрага на обвинителството
Случајот е предмет и на истрага на Јавното обвинителство, кое треба да утврди како било возможно незаконски да се постават пумпи во главниот цевковод на системот за водоснабдување.

Според Кривичниот законик, загадувањето на вода за пиење е посебно кривично дело предвидено во член 219. Со оглед на тоа што поради инцидентот беше прогласена епидемија, можно е делото да се квалификува како потежок облик, за кој се предвидени и построги казни.

Надлежните институции очекуваат лабораториските анализи во најкус можен рок да покажат кога водата повторно ќе биде безбедна за користење. Дотогаш, забраната останува во сила, а инспекциските контроли продолжуваат на терен низ цело Гостиварско.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Гостивар под инспекциски надзор по загадувањето на…

Градинки, болници, ресторани, верски објекти, јавни чешми…

Невремето предизвика пожари, паднати дрвја и прекини…

– Силното невреме проследено со поројни дождови,…

Дивиот приклучок не се наоѓал во санитарните…

Дивиот приклучок поставен на гостиварскиот водоснабдителен систем…

Топол воздух од Сахара доаѓа во Европа:…

Пиринејскиот полуостров е погоден од екстремен топлотен…

Руски воен брод половина час вежбал гаѓање…

Руски воен брод вчера спроведе вежба со…