ДВОЈАЗИЧНИТЕ УНИФОРМИ ЈА КАНТОНИЗИРААТ ПОЛИЦИЈАТА: Македонија не е Англија или Шведска

t

Сѐ уште не е кристално јасно одредено на кој начин ќе се имплементира владината уредба за воведување двојазичност на полициските униформи, бидејќи сѐ уште не е изработен правилник или упатство за менување на ознаките на полициските униформи, брифираат за Плусинфо високи извори од Министерството за внатрешни работи (МВР), откако вчера Владата донесе одлука во Скопје и во општините во кои најмалку 20 проценти од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот, ознаките на униформата на полицијата да бидат напишани на македонски јазик, како и на јазикот кој што го зборува малцинството, пренесува Плус Инфо.

Нашите извори додаваат дека сѐ уште не е точно дефинирано и во кои населени места и градови ќе треба да се имплементира владината уредба, кои полициски единици ќе бидат принудени да ги заменат старите еднојазични ознаки со нови двојазични, како и дека сѐ уште не е познато дали ќе претрпат промени и униформите на припадниците на специјалната единица „Тигар“.

Официјално, прашања испративме до Министерството за внатрешни работи (МВР), но до објавувањето на текстот не добивме одговор.

Македонија не е Англија или Шведска
Универзитетската професорка и пратеничка од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова, во разговор за Плусинфо вели дека не е прифатливо да има двојазичност во градовите каде што не живее 20 отсто албанско население, а исто така открива дека поседува писмо од 2018 година испратено до Венецијанската комисија во коешто нашите власти искажуваат страв од евентуално нарушување на меѓуетничките односи во земјава.

– Полицијата во Македонија не е по англиски или по шведски модел. Полицијата во Англија и во Шведска е локална, но кај нас е централизирана со тоа што шефот си го бира Советот, ама повторно на предлог на Министерството за внатрешни работи (МВР). Денеска вие можете да бидете полицаец во Велес, ама утре можеби ќе ве пратат во Кичево. Денеска можете да бидете инспектор во Скопје, ама можеби ќе ве пратат на задача во Дебар. Не гледам проблем во тоа полициските униформи да бидат двојазични во единиците на локалната самоуправа каде што живеат 20 отсто Албанци. Оти, вистина, таму човек сака да си прочита на својот мајчин јазик. Ама која е логиката да има двојазичност во Прилеп или во Охрид? Тоа нема логика. Еден ден ќе објавам писмо испратено до Венецијанската комисија во коешто нашите зборуваат во свое име и велат: „Ве молиме да не го покренувате прашањето за уставноста, зашто тоа може да доведе до нарушување на меѓуетничките односи во земјата“. Луда работа. Ако е таква работата, тогаш што бараме ние во ЕУ? Таму треба да си стандарден – објаснува Силјановска.

Според професорката, целиот Закон за употреба на јазиците е неуставен.

– Прво, Законот за употреба на јазиците беше изгласан по скратена постапка без ниту еден амандман. Второ, тој се вика „за употреба на јазиците“, а се однесува само на албанскиот јазик. Доказ за тоа е што внатре има само една Агенција за заштита на албанскиот јазик. Велат дека се повикуваат на Уставот, но вториот став од Уставот никогаш не може да биде прв став. Мора да има втор став само ако двата јазика се рамноправни. Во тој случај ќе пишува дека службени јазици на целата територија се македонскиот јазик и јазикот што го зборуваат 20 отсто од вкупното население. И во вториот став ќе пишува дека службен јазик на целата територија е и албанскиот јазик. Ама не пишува така. Таму пишува дека личните имиња може да ги пишуваат на тој јазик, дека комуникацијата во подрачните единици, таму каде што Албанците се 20 отсто, ќе биде и на македонски и на албански јазик. Исто така, постои и став кој вели дека во органите на државната власт службен јазик може да биде јазикот што го зборува 20 отсто од населението на начин утврден со закон. Значи, што пишува? Пишува дека „може“, а кога е така, тогаш Венецијанската комисија вели дека тоа е диспозиција на индивидуата. Односно, во ставот на Уставот не пишува дека во органите на државната власт службен јазик е јазикот што го зборува 20 отсто од населението. Оти, така би било „мора“ наместо „може“. Но, Артан Груби и компанијата тоа си го направија „мора“ и затоа е противуставно. Во Финска, шведскиот јазик е службен јазик со само 5 проценти Швеѓани, ама ситуацијата не е нималку слична со Албанците во Македонија. Отворете да видите како стојат работите со двојазичноста во Белгија, на пример. Во цела Белгија, само Брисел е двојазичен град – објаснува Силјановска.

Извор: Плус Инфо

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Владата со препорака Службен весник да ја…

Транспарентна влада е силна влада! Еден значаен…

Обвинителството даде мислење, судот ќе донесе конечна…

Со оглед на интересот на јавноста во…

Укинати забраните за тешки товарни возила на…

Од 13:00 часот се укинуваат забраните за…

СДСМ: Мицкоски е директно одговорен, тој и трговците…

СДСМ се огласи по повод изјавата на…