„Деко, со кое лице бараш олеснување на мерките – ова е понижување на споменот на нашите деца“

t

Реагираа семејствата на починатите во трагедијата во „Пулс“ по денешното барање на Ивана Коцевска – адвокатката на првообвинетиот Дејан Јованов – Деко за олеснување на мерките во куќен притвор.

„Како семејства на починатите млади лица, ова барање го доживуваме како навреда за нашата болка и понижување на споменот на нашите деца. Додека ние живееме со празни домови, со недопрени соби и со тишина што нè гуши секој ден, наместо одговорност гледаме упорни обиди за бегство од тежината на одговорноста. Особено загрижува фактот што олеснување на мерките веќе е дозволено кај поголем дел од обвинетите, што создава чувство дека оваа трагедија се минимизира и дека човечките животи стануваат споредна работа“ стои меѓу другото во соопштението на Фејсбук испратено од Здружението на граѓани „16. март 2025 Кочани“.

Велат „Додека ние стоиме над гробовите на нашите деца, некој бара полесни услови. Додека ние секој ден ја преживуваме истата ноќ, некој бара удобност. Дали воопшто се запрашавте – имаа ли нашите деца „олеснителни услови” додека умираа? Имаме доверба дека Јавното обвинителство и судот ќе постапат строго согласно закон и врз основа на докази, и дека нема да дозволат правдата да биде обесмислена со вакви барања“.

Јавно го прашаа обвинетиот Дејан Јованов-Деко:

„Со кое лице бараш олеснување на мерките, додека 63 семејства секој ден ја преживуваат истата загуба?
Дали навистина сметаш дека твојата здравствена состојба е потешка од празнината што остана во нашите домови?
Дали барем еднаш помисли на тие 63 животи кога го поднесуваше ова барање?
Дали помисли на повеќе од 200 повредени, кои и денес се борат со последиците?
Дали знаеш колку од нас, семејствата на починатите и преживеаните, сè уште живеат со трауми, болка, страв и неизвесност?
Што им порачуваш на нашите семејства, на преживеаните, кои секој ден повторно и повторно ја преживуваат истата ноќ?
Дали сметаш дека нашата болка е помала од твојата?
Дали воопшто може и да ја споредиш?
Што значи за тебе човечност, морал, совест и одговорност?
Дали имаш храброст да застанеш пред родителите и семејствата на починатите млади лица и пред повредените, и да им погледнеш во очи?“.

Родителите и роднините на починатите порачуваат „Ние не бараме пресуда на улица. Бараме правда во судница. И ќе ја бараме – сè додека не ја добиеме“.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

„Деко, со кое лице бараш олеснување на…

Реагираа семејствата на починатите во трагедијата во…

Голоб се откажа од формирање влада во…

Премиерот на Словенија, кој моментално е во…

Си Џинпинг повика на отворање на Ормускиот…

Претседателот на Кина Си Џинпинг денеска повика…

Трамп: Денеска ќе биде потпишан договор со…

Американскиот претседател Доналд Трамп за „Фокс њуз“…

Митовски: Граѓаните на Крива Паланка имаат целосно…

Градоначалникот на Крива Паланка Сашко Митовски преку…