„ДЕЈАН ЈОВАНОВ НЕ Е МОНСТРУМ, ТУКУ ЧОВЕК – ДНК НЕ ЈА ПРИЈАВИЛЕ ПИРОТЕХНИКАТА КАЈ СОПСТВЕНИКОТ НА ПУЛС“ – вели адвокатката на Деко!
Откако сите обвинети за трагедијата во ПУЛС истакнаа дека не се чувствуваат виновни за кривичните дела кои им се ставаат на товар, главната расправа продолжи со воведни зборови на одбраната.
Бранителката на обвинетите Дејан и Михаил Јованови, сопственици на дискотеката ПУЛС, во нејзините воведни зборови за првообвинетиот Дејан Јованов наведе:
- „Господа судии, колеги и присутни, денес сме сите тука да се соочиме со најголемата трагедија која се случи во Македонија. Изразувам длабоко сочувство до сите фамилии, сигурна сум дека имаат голема болка, гнев кон системот.
Се случи тоа што никој не го посакуваше. Мене како бранител на првообвинетиот толку многу ми е тешка задачата да го бранам човекот што во вашите очи е убиец, а за мене е обичен човек, колку и да го правите монструозен, тој е обичен човек.
Настанот немаше да се случи доколку не беа немарни музичките активисти присутни тој ден во локалот на Дејан. Дејан е човек, не монструм.
Јас како човек кој живее во ова општество сакам и барам правда за овој случај и верувам и се надевам во непристрасноста и професионалноста на овој судски совет кој одлучува во овој нејасен предметен настан во небулозното обвинение.
Разочарување е обвинителниот акт за кој верувам дека и најголемиот суд во светот не би можел да изнајде причинско-последична врска на верижни дејствија во текот на 13 годдини и истите да ги поврзе со трагедијата.
Воведниот говор на обвинителството не даде предметна издржаност на обвинението, не посочи ниту еден доказ, ова штуро обвинение не е патоказ кон правда, правната квалификација е апсолутно неоснована, можеме да броиме само години во недогледност до правна завршница, наведе бранителката Ивана Гоцевска и додаде дека:
„Ако почнам да бројам колку незаконитости брои истражната постапка, ќе треба цел ден и цела ноќ да седиме во оваа судница. Одбраната ќе се користи исклучиво и само со законито прибавени докази и ќе докаже дека не се исполнети предметните дејствија за кривичните дела кои му се ставаат на товар на Дејан Јованов.“
Според бранителката Обвинителството сака да премине преку секоја правна норма на законито и професионално обвинение.
„Правда не се заснова врз неправда и тоа нема ние бранителите да го дозволиме“, вели бранителката.
Таа истакна дека на 18.11.2025 одбраната доставила приговор против две вештачења кои се предмет на доказниот материјал, за кои смета дека нелиценцирани лица го изготвиле вештачењето, поточно истите лица не се запишани во регистарот на вештаци.
Одбраната во текот на оваа постапка ќе му ги разјасни на судот сите нејасни дејствија опишани во диспозитивот на обвинението. Јас не велам дека не постои одговорност, одговорност мора да има, но со предметниот обвинителен акт правда не може да има. Не смееме да дозволиме траорната последица за настанот однапред да огласува нечија вина и да нагласува осудителност. Сакам да ги известам оштетените дека бранителите не се дојдени во одбрана на некакво злосторство, сите ја бараме правдата, но КЗ е концизен и јасен и се предвидува одговорност за сторителите на кривични дела за кои ќе постојат докази за да се утврди вина надвор од разумно сомневање. Не можеме да се водиме од пристрасноста“, нагласи Гоцева.
Одбраната на Јованов до судот достави листа на материјални и вербални докази,
„ОЈО го товари Јованов за две кривични дела, се тврди дека Дејан во соучесништво со други лица од отворањето на клубот до 16.03.2025 година незаконито вршел угостителска дејност и како последица на тоа на критичниот ден Дејан заедно со уште тројца наводно договорил употреба на пиротехника, поради чија употреба настанал пожарот во Кочани. ОЈО небулозно го товари Дејан за две кривични дела, односно за исто кривично дело со различен опис. Нејасно е како сторителот Дејан кој според обвинителството е одговорен и за пожарот и за непреземените мерки на заштита, тогаш би требало тоа да се сумира по една иста правна квалификација. ОЈО го терети двапати за едно исто кривично дело, апсолутно доаѓаме до повреда на забрана на начелото за двојно судење.“ – истакна бранителката.
Гоцева смета дека за да може да постои одговорност кај Дејан Јованов на страна на обвинетиот треба да постои евентуална умисла, согласно Закон.
„Обвинетиот треба да биде свесен дека со своето постапување или непостапување исполнува елементи на кривично дело и тој да се согласува со можноста да се случи последица од неговото постапување и непостапување“.
Во делот на оптеретувањето дека договорил употреба на пиротехника, одбраната на Дејан Јованов целосно ќе го оспорува овој дел од обвиеннието.
„На страна на Јованов не постоело никакво сознание, ДНК не ја пријавила никогаш пиротехниката кај Јованов“ – објасни бранителката.
Целосно ќе се оспорува и делот дека Јованов имал евентуална умисла, „одбраната ќе докаже дека не постоела интелектуална свест кај Дејан Јованов дека не преземал мерки, одбраната ќе докаже дека ова е директна последица на нестручното работење на надлежните органи и инспекциски служби бидејќи во целиот период ниту еден орган никогаш не му предочил ниту еден законски пропуст или дека биле пропуштени да се преземат мерки за заштита“.
Одбраната ќе докаже дека станува збор за небрежност, не за кривично дело сторено со умисла.
„Од сите докази кои ќе бидат изведени ќе дојдеме до заклучок дека ова лице може да одговара еветуално и само од небрежност, не од умисла“, наведе бранителката.
Според бранителката причина за пожарот е пиротехниката која е незаконито прибаена, непријавена, без дозвола за набавка и употреба и притоа истата пиротехника не била пријавена ниту кај угостителот Дејан Јованов од страна на музичката група на ДНК. Таа додаде дека „сите сме свесни дека ДНК и претходно самоволно си носела и употребувала пиротехника без да биде пријавувана во МВР“.
На Гоцева не ѝ е јасно како ОЈО го обвинува Дејан Јованов за пожарот, бидејќи според нејзините зборови тој не знаел ниту можел да знае за пиротехниката. Таа додаде дека во претходни случаи на употреба на пиротехника во Пулс, но според нејзините зборови Дејан Јованов ангажирал стручно лице пиротехничар при секоја употреба на пиротехника.
„На страна на обвинетиот Дејан Јованов апсолутно не постои кривична одговорност за делото „тешки дела против општата сигурност“ – наведе бранителката.
„Во однос на второто кривично дело ОЈО го товари Дејан Јованов дека заедно со повеќе лица не постапиле согласно прописите и мерките за заштита, иако наводно биле свесни дека со нивното несторување може да настапи службена последица. Во текот на оваа постапка ќе докажам дека Дејан ниту еден момент не бил свесен дека постојат законски пропусти од отворањето на објектот до критичниот ден“ – наведе одбраната
Одбраната наведе дека Дејан Јованов ги доставувал сите потребни документи за да ја добие потребната лиценца. Бранителката додаде дека ДПИ утврдил дека не се исполнети минимално-техничките услови, бидејќи контролата била во време на реновирање, меѓутоа потоа е констатирано дека објектот ги исполнува условите.
Според одбраната, сите надлежни органи никогаш не констатирале ниту еден законски пропуст, освен што имал прекршочни казни за малолетници, кои казни се платени.
„Дејан Јованов не бил стручен да препознае евентуални отстапки од минимално-техничките услови, за тоа се надлежни други органи“ – наведе одбраната.
Според одбраната неспорно е дека објектот е на локација каде ГУП-от не предвидува објект за угостителска дејност. Сопственик на објектот е Гроздан Милковски, закупец е Дејан Јованов „кој го закупил објектот со нагласување дека му е потребен за вршење на угостителска дејност“. Бранителката наведе дека Дејан Јованов не може да се јави во својство на инвеститор, согласно условите во Законот за градење и истиот ги преземал сите правни дејствија за предвидената адаптација на објектот.
- Доколку во текот на постапката најдеме било каков пропуст во делот на исполнетост или неиполнетост на минимално-техничките услови, тие услови требало да ги препознаат и предочат кај Дејан надлежните органи, наведе бранителката.
Одбраната наведе дека „ОЈО прибавило доказ со измамнички дејствија“ и додаде дека еден од записниците со кои располага обвинителството е прибавен на ваков начин.
При земање на исказ на Дејан Јованов, која по вторпат беше повикан да сведочи на дополнителни околности, иако претходно Дејан ги истакна сите факти на десетина страници со што му помогна на Обвинителството, но ОЈО го измами, наведе бранителката според која ОЈО ѝ дало на увид еден исказ, а потоа на потпишување ѝ дале друг записник со цела реченица плус во врска со звучните сигнали за противпожарна заштита.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
„ДЕЈАН ЈОВАНОВ НЕ Е МОНСТРУМ, ТУКУ ЧОВЕК…
Откако сите обвинети за трагедијата во ПУЛС…
НИКОЈ НЕ СЕ ЧУВСТВУВА ВИНОВЕН ЗА ТРАГЕДИЈАТА…
Со произнесување за вина и воведни зборови…
Дејан Јованов – Деко и неговиот син…
Со произнесување за вина и воведни зборови…
13 телефони и лаптоп пронајдени во притворската…
Денеска започна третото рочиште за случајот „ПУЛС“,…
Семејствата на загинатите во Кочани чекаат обвинителен…
До кога ќе се одложува правдата, до…