Ескалира дипломатската битка за Гренланд – Трамп се двоуми дали да го трампа Гренланд за НАТО
Данска ја засилува дипломатската офанзива на двете страни на Атлантикот за да обезбеди поддршка од земјите на Европската унија и да ги убеди американските законодавци дека Копенхаген нема намера да се откаже од Гренланд.
Во меѓувреме администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, како што јави Ројтерс, размислува да им понуди на жителите на Гренланд исплати од 10.000 до 100.000 долари за да го прифатат американскиот суверенитет над островот.
Трамп ја потврди својата решителност да го стави американското знаме на островот во интервју за „Њујорк тајмс“, тврдејќи дека „сопственоста“ – за разлика од закуп или проширен договор за соработка – е „психолошки неопходна за успех“ и како што вели „ви дава работи и елементи што не можете да ги добиете со потпишување документ“.
На прашањето на „Тајмс“ дали е поважно да се добие Гренланд или да се зачува сојузот со НАТО, Трамп одби да одговори. Сепак, тој призна дека тоа „можеби е избор“ меѓу двете опции.
Со Гренланд порано управуваше Данска – која сè уште ја контролира нејзината надворешна и безбедносна политика – и двете земји се членки на НАТО. Меѓутоа, во своето интервју во средата, Трамп рече дека сојузот во суштина е бескорисен без САД
Данската дипломатија во меѓувреме е во силна дипломатска офанзива во Вашингтон. Данскиот пратеник во САД, Јеспер Молер Соренсен и претставникот на Гренланд, Џејкоб Исбосетсен, ги поминаа средата и четвртокот лобирајќи кај пратениците на Капитол Хил со надеж дека ќе изградат коалиција во Конгресот која ќе го спречи Трамп во неговите намери за преземање на Гренланд.
Двајцата дипломати се состанаа со конгресмени и сенатори на републиканците и демократите за да ја испратат пораката дека Гренланд не може да се придобие на било кој начин.
„Мислам дека е јасно од нашите дански пријатели и од нашите пријатели во Гренланд дека островот не е на продажба “, рече Роџер Викер, претседател на Комитетот за вооружени сили на Сенатот – еден од високите републиканци кои и се спротистави на Белата куќа по ова прашање – по средбата со двајцата дипломати. „Нема подготвеност од нивна страна да преговараат за купување или промена на сопственоста на нивната земја, која ја имаа толку долго. Тоа е нивна привилегија и нивно право, и тие ни го кажаа тоа многу јасно“ изјави Викер по средбата.
Гренланд како тема се икачува се повисоко на преполниот врв на полтичката агенда на ЕУ. Пратениците во ЕП од различни политички семејства предупредуваат дека би можеле да го блокираат спроведувањето на трговскиот договор меѓу ЕУ и САД доколку Вашингтон не ја отфрли реториката за анексија на данската територија.
Данска, исто така, побара ова прашање да се најде на денешниот состанок во Брисел – Корепер II на кој амбасадорите на земјите членки разговараат за надворешно политичките прашања.
Данска и ЕУ се очекува да укажат на нивните сопствени финансиски придонеси за Гренланд – кои изнесуваат милијарди евра во изминатата деценија. Данската премиерка Мете Фредериксен претстави специјален пакет за финансирање од 1,6 милијарди дански круни, или 214 милиони евра, за време на патувањето на Гренланд во септември, а ЕУ треба да ги удвои своите финансиски трошоци за Гренланд на 530 милиони евра во текот на следниот седумгодишен буџет, почнувајќи од 2028 година.
Копенхаген и неговите европски пријатели сакаат да го убедат Вашингтон дека соработката е подобра од конфронтацијата, но Трамп засега не покажува знаци дека ќе попушти. Ова е најдраматичната историска епизода во трансатлантските релации од крајот на Втората светска војна и се очекува нејзиниот расплет да биде појасен по најавната средба на данскиот политички врв со американскиот државен секретар Марко Рубио во текот на наредната недела.
Борјан Јовановски
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Ескалира дипломатската битка за Гренланд – Трамп…
Данска ја засилува дипломатската офанзива на двете…
Такер Карлсон: Америка се подготвува за нова…
САД се подготвуваат за нова светска војна,…
Трамп му се закани на иранскиот режим,…
Иранските демонстранти извикуваа и маршираа низ улиците…
Трамп: Само мојот разум може да ме…
Единствениот ограничувачки фактор кога станува збор за…
Поранешниот бугарски МНР, Николај Младенов, ќе го…
Поранешниот бугарски министер за надворешни работи и…