Задната врата во „Пулс“ немала ни квака и била заклучена со катанец – ново сведоштво за кочанската трагедија

t

Задната, помошна врата во кабарето „Пулс“ од внатрешната страна немала квака и била заклучена со катанец, сведочеше на денешното рочиште инспектор на Дирекцијата за заштита и спасување од подрачното одделение во Виница, за трагедијата во кочанската дискотека каде на 16 март лани имаше 63 жртви.

– Болно малку е ова, црни саѓи и уште што немаше на влезот, меѓутоа кога влеговме внатре имаше само два ПП апарати, што е недоволно, празен хидрант, нема вода, нема црево, нема млазници, нема систем за јавување за пожар, и најболната работа, задната врата заклучена од внатрешната страна немаше квака, а плус тоа заклучена со катанец, зборувам за помошниот излез. Ова се примети без разлика што пожарникарите веќе ја имаа скршено за да можат да влегуваат – рече сведокот.

Во женскиот тоалет имало решетки, а дополнително помошната врата, која се наоѓала од левата страна на бината, била многу тесна, без панично светло и од надворешната страна запечатена со стиропор. Според неговиот исказ, и надворешноста на објектот не овозможувала соодветна интервенција на спасувачките служби.

– Направена е обиколка, приметено е дека од женското веце имаше железни решетки од надвор, додека на излезот од таа задна врата имаше зелена површина која беше како брег и заградена со ограда, каде не може да пристапи брза помош, ниту пожарна – рече инспекторот на ДЗС.

Градежните материјали во објектот придонеле за тоа пожарот катастрофално да се прошири.

– Она што се виде и од социјалните мрежи, се работи за пожар со отворен пламен којшто брзо се шири поради облогата со стиропор и се материјали кои што се лесно запаливи, рече сведокот.

Одговарајќи на прашањето дали ДЗС требало да дозволи овој објект да работи со оглед на констатираните недостатоци, тој истакна дека инспекциските служби имаат овластување да го забранат користењето на објектот, доколку утврдат дека постои опасност по безбедноста.

– Поради што нема услови за ефикасна интервенција на тимовите за противпожарна заштита и брза помош, инспекторот може и да забрани објектот да не се користи или дел од него – рече сведокот.

Сепак во Кочани повеќе од една деценија немала вработено инспектор за заштита и спасување, а тој бил инспектор само за на територијата на Виница. За вонреден надзор во друга општина, како што посочи, неопходен е писмен налог од директорот, заменик-директорот или генералниот инспектор.

– Претходниот колега Благој Јанев е во пензија, истиот е пензиониран од 2012 или 2013 година. Откако лицето е во пензија во Кочани нема инспектор за заштита и спасување … До моментот на настанување на пожарот во подрачното одделение во Кочани, колку што знам нема вработено лице инспектор за заштита и спасување – рече тој.

По пожарот, тој бил повикан да биде дел од увидната екипа заедно со колеги од Пробиштип, Струмица и Берово, а затекнале сериозни пропусти во основните безбедносни стандарди. На денешното рочиште на судењето со над 30 обвинети, се испитуваат тројца сведоци на Обвинтелството.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Задната врата во „Пулс“ немала ни квака…

Задната, помошна врата во кабарето „Пулс“ од…

„Срамота, разочарување„ – Родителите незадоволни од комеморацијата…

Родителите на загинатите во трагедијата во Кочани…

Гаши: Таа ноќ Кочани и Македонија изгубија…

Некои ноќи завршуваат рутински, некои ноќи завршуваат…

Комеморативна седница во Собранието за годишнината од…

Во Собранието денеска ќе се одржи Комеморативна…

(Видео) Трагедија во Швајцарија: Лице се полило…

Неколку лица загинаа, а повеќе се повредени…