„Здрава котлина“ најави мирна блокада во Струмица поради загадениот воздух
Граѓанската иницијатива „Здрава котлина“ најави дека денес, 10 февруари 2026, ќе организира мирна блокада во Струмица поради, како што велат, отсуство на итни и ефективни мерки против аерозагадувањето. Блокадата, според најавата, ќе трае два и пол часа и ќе се одвива на трите улици кај кружниот тек кај Поштата.
Од иницијативата велат дека и по неодамнешниот протест и официјалното доставување на нивните барања има почетна реакција од надлежните институции, но дека резултати на терен сè уште нема. Според нив, проблемот не е во недостиг на предупредувања, туку во недостиг на конкретни одлуки што веднаш ќе го намалат загадувањето.
Како клучна мерка ја посочуваат обврската за филтри во индустриските капацитети и најавуваат дека нема да се двоумат да блокираат објекти што работат без соодветна заштита. Тврдат и дека заканите и притисоците од сопственици на индустриски капацитети нема да ги запрат, туку дека ваквите случаи ќе ги пријавуваат до надлежните институции.
„Здрава котлина“ во соопштението наведува дека продолжува палењето на бакар и посочува на неодамнешна ситуација на улицата „Антон Панов“, каде што, според нивните тврдења, улицата била намерно блокирана со луѓе и возила за да се прикрие оголување на поголема количина кабел, за кој претпоставуваат дека би можел да биде распореден и запален во наредните денови. „Не може грст луѓе да трупаат пари врз здравјето на сите нас“, порачаа од иницијативата, најавувајќи продолжување на протестите и блокадите.
Пред околу десет дена екоиницијативата организираше протест на кој, меѓу другото, побара примена на принципот „Нема филтер – нема бизнис“, односно итна забрана за работа на индустриски капацитети што немаат соодветни филтри. Меѓу барањата е и институциите да преземат мерки за загаденоста во Струмица да биде двојно пониска од националниот просек, како и ревизија на А и Б еколошките дозволи и елаборати врз основа на кои работат индустриските капацитети и помалите производствени погони.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
„Здрава котлина“ најави мирна блокада во Струмица…
Граѓанската иницијатива „Здрава котлина“ најави дека денес,…
(Во живо) Трендафилов: Добро утро на сите,…
Денеска започна блокадата организирана од Социјалниот сојуз…
(ВО ЖИВО) ССМ започна со блокада на…
Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), утрово…
ССМ утре го блокира Собранието – „Пратениците…
*Објава на Сојузот на синдикати на Македонија…
ССМ повикува на блокада во вторник: „Ќе…
Сојузот на Синдикатите на Македонија (ССМ) врз…